Маричиќ-Георгиевски: Идните правници ги подготвуваме за учество во евроинтеграцискиот процес

Денес, во насока на продолжување на соработката на Секретаријатот за европски прашања со високообразовните установи и поддршката на младиот кадар во подготовката за учество во евроинтеграцискиот процес, заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ потпиша меморандум за соработка со Проф. д-р Сашо Георгиевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

- Младите се тие кои ќе продолжат да ја градат европската иднина на земјава, затоа е клучно да им се овозможи квалитетно теоретско и практично знаење е од интерес на евроинтеграцискиот процес преку заедничка соработка, рече вицепремиерот Маричиќ.

Имајќи ја предвид природата на процесот на европска интеграција со усвојување на европското законодавство во претпристапниот период, како и во текот на водењето преговори за членство во ЕУ, Маричиќ и Георгиевски истакнаа дека стручниот кадар правници кој ќе излезе од Правниот факултет неопходно е да има одлично познавање на прашањата поврзани со Европската Унија. Во тој контекст посочија дека е клучно преку образованието да се создава кадар кој ќе биде подготвен и ќе придонесе во реформите, особено во борбата против корупцијата и владеење на правото, со оглед на тоа што тие се главните области во кластерот Темели кој се отвора прв на стартот на претпристапните преговори, но е и кластерот кој последен се затвора.

Секретаријатот за европски прашања континуирано соработува со научната јавност и високообразовните институции во земјава и во странство, овозможувајќи им на нашите студенти да се подготват со знаење за Европската Унија и да бидат подготвени да учествуваат во процесите за европска интеграција, но воедно овозможувајќи и едукација за администрацијата за надградба на знаењата од областите на ЕУ.​

На 26 мај во МОБ оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини

Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 26 мај 2022 година со почеток 20.00 часот.

Спектакуларната продукција на епската кинеска бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет, во рамките на 50. jубилејно издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

Диригент е гостинот од Италија, Даниеле Аџиман, познат на меѓународно ниво, диригирал со повеќе од 90 различни оркестри во Кореја, Јапонија, Аргентина, Јужна Африка, Франција, Германија, Австрија, Романија, Грузија, Русија и многу други. Режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Јане Бакевски, хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.

Во насловната улога ќе настапи Ханиинг Цо-Петанај од Тајван. Таа е првиот кинески сопран, добитник на националната стипендија за соло пејачи од „Театро ала Скала“ и таму има солистички ангажман како првата кинеска Принцеза -Турандот во истоимената опера на фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго. Добитничка е на многубројни престижни награди. Во улогата на Калаф ќе настапи гостинот од Бугарија, Иван Момиров. Критичарите го признаваат неговиот талент заради длабокото проникнување во улогите што ги толкува, полниот тон и јасната дикција. Во досегашната кариера остварил над 30 главни ролји и соработувал со светски реномирани диригенти. Во улогата на Лиу ќе настапи нашиот сопран Злата Тошевска, во улогата на Тимур, првенецот Игор Дурловски. Во улогите на Пинг, Панг, Понг: Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев. Мандарин: Диме Петров, Алтоум: Мирослав Антовски. Хорот, оркестарот и балетскиот ансмбл на Националната опера и балет.

„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma).

Кина најави рекордна жетва на житото

 Кина најави голема жетва на житото, за да ги подобри сопствените потреби за храна, среде растот на глобалните цени на храната поради војната во Украина, пишуваат странски медиуми.

Околу 80 отсто од житото во југозападна Кина е собрано. Почна жетвата на жито во средниот и долниот тек на реката Јангце, соопшти кинеското Министерство за земјоделство и рурални работи.

И покрај предизвиците од Ковид-19 и одложеното садење пченица на повеќе места, успешната жетва на летното жито ќе биде постигната, благодарение на ефикасните политика и поддршка, изјави заменик шефот на Одделението за растително производство при Министерството за земјоделство и рурални работи.

Централната влада годинава издвои над 900 милиони долари за летното производство житарки, како и посебни средства за зголемување и поддршка на производство на зелено жито.

Кина во 2021 година увезе 164.54 милиони тони житарки, што е еквивалентно на 24 отсто од вкупното производство на жито, според податоците од царината. Годинава кинеските власти имаат за цел, вкупното производство на житарки да биде 650 милиони тони.

Лабораторија ИНО ФАБ ЛАБ на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје

Лабораторијата ќе биде место каде што младите средношколци и студенти, кои имаат иновативни идеи и техничко-технолошки аспирации, ќе можат слободно да ја користат иновативната опрема во лабораторијата .

На Технолошко-металуршки факултет во Скопје денеска ќе биде отворена Лабораторијата за производство ИНО ФАБ ЛАБ, основана со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на „Предизвикот за воспоставување лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат" и со поддршка од Амбасадата на САД во државава.

-Лабораторијата ќе биде место каде што младите средношколци и студенти, кои имаат иновативни идеи и техничко-технолошки аспирации, ќе можат слободно да ја користат иновативната опрема во лабораторијата и да добијат менторска поддршка од стручни лица. Клучна цел на формирање вакви лаборатории е поттикнување иновативни идеи и зајакнување на инфраструктурата во земјава каде ќе се тестираат и прототипираат иновативните идеи, најавија од Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ, кое е носител на проектот.

ИНО ТЕХ КЛУБ, во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, преку овој проект, во период од една година ќе им овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работата на конкретни проекти, кои ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипови.

На настанот ќе се обратат директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, претседателот на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ, проф. д-р Игор Јорданов, професор д-р Билјана Анѓушева, в.д. декан на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, како и претставник од Амбасадата на САД.

притисни ентер