МАНУ со остра критика за лустраторите, тие не отстапуваат од лустрирањето на Јаневски

Лустрирањето на еден од основачите на МАНУ е внатрешен удар и против македонскиот национален идентитет, потенцираат од Македонската академија на науките и уметностите. Комисијата само ја потврди одлуката.

Лустрацијата на Славко Јаневски да се поништи, ниту е законски, ниту уставна, ниту пак му дава право на починатиот академик-еден од основоположниците на македонската книжевност да се брани. МАНУ со остар тон против лустраторите.

Петочната одлука за лустрација на академик Славко Јаневски, за кого имало документи под псевдоним „Славјан“, кратенка од името и презимето на еден од основачите на МАНУ е внатрешен удар и против македонскиот национален идентитет, потенцираат од Македонската академија на науките и уметностите.

-Одлуката на комисијата претставува за правото непознат чин на водење правна постапка против починато лице од државен орган, и е основа за сомневање дека нејзин мотив може да претставува ставот на негација на македонската самобитност и на начелата на демократската правна држава, стои во реакцијата на МАНУ откако во петокот лустраторите изгласаа соработка на писателот Славко Јаневски со тајните служби.

Мртвите коски на академикот, славната поезија и проза на Јаневски, но и жестоките критики од сите страни за одлуката на комисијата за верификација на факти предизвикаа лустраторите да се соберат повторно на вонредна седница.

Комисијата само ја потврдија одлуката дека Јаневски бил соработник и на тајните служби кодошел колеги писатели и уметници и оттаму тврдат дека постапката била законска.

Единствениот противник на одлуката, лустраторот Чедо Дамјановски ги нарече квинслинзи останатите членови на комисијата и тврди дека немало докази во понудените досиеја за академикот. Комисијата официјално ја потврди одлуката, а на критичарите на одлуката им порача дека не ги знаат фактите.

-Комисијата напоменува дека во својата работа и одлучување не се занимава со имињата, професијата, големината, профилот и значењето на лицата кои се опфатени со Законот. Согласно ова, комисијата не прифаќа да биде вовлечена во наметнати дебати за вреднување на личности и дела кои излегуваат од рамките на Законот, исто како што не прифаќа да биде обвинувана за нарушување на угледот и реномето на МАНУ, или за сквернавење на македонскиот идентитет, го соопшти ставот на комисијата за верификација на факти, портпаролот Предраг Димитровски. 

Сепак јавноста нема да дознае што правел Јаневски и дали лустраторите се во право. Документи за починати не се објавуваат, а Јаневски од Македонија замина засекогаш пред 13 години. Доби споменик, многу училишта и улици го носат неговото име.

Одлуката за негова лустрација најбрзо се прошири кај источниот сосед, тие уште завчера ја променија бугарската биографија за Славко Јаневски на википедија и ја додадоа одлуката за кодошење донесена од македонската комисија за лустрација.
притисни ентер