Макпетрол со писмен став за неизедначувањето на акцизата на екстралесното гориво со дизелот

„Макпетрол“ АД Скопје повторно ги повикува Владата и институциите, во најкус можен рок, да донесат одлука во интерес на граѓаните, државата и трговците со нафта и нафтени деривати, кои работат согласно со прописите.

Сметаме дека Владата предолго го одолговлекува ова прашање, имајќи предвид дека по завршување на вонредната состојба, Владата нема да биде во можност да носи уредби со законска сила, а целиот процес ќе се одолговлече и ќе продолжи злоупотребата на екстралесното гориво.

Неизедначувањето на екстралесното гориво со дизелот ги оштетува граѓаните, Државата и компаниите кои работат со нафта и нафтени деривати. Граѓаните ќе продолжат да користат неквалитетно гориво кое содржи стопати повеќе штетни материи, Државата ќе има помалку средства во буџетот, а дистрибутерите ќе бидат оштетени поради можноста за шверц.

Дополнително, зачудува фактот што Државата продолжува да се задолжува со дополнителни средства со цел да обезбеди средства за спасување на економијата, а притоа не покажува интерес и желба, преку регулација на пазарот, да ги наплати давачките кои и следуваат.

Имено, изедначувањето на акцизата на екстралесното гориво со дизелот ќе овозможи контрола на квалитетот на горивото што се користи, ќе оневозможи злоупотреба, а на граѓаните ќе им го заштити здравјето, со користење гориво според европските стандарди.

Единствени кои профитираат од оваа недоречена состојба се оние кои прават злоупотреба со екстралесното гориво.

„Макпетрол“ АД Скопје

притисни ентер