Македонските граѓани потрошиле 169,2 милиони евра на онлајн купување

Во текот на 2019 година реализирани се вкупно 6.727.051 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 5.435.385 онлајн трансакции во текот на 2018 година што претставува пораст од 23,8 проценти.

Македонските граѓани минатата година потрошиле 169,2 милиони евра на онлајн купување што претставува пораст од 26,5 проценти во споредба со 2018 година, објави денеска Асоцијацијата за е-трговија повикувајќи се на статистичките податоци на Народната банка за безготовински платежни трансакции на виртуелни места на продажба.

Според овие податоци, во текот на 2019 година реализирани се вкупно 6.727.051 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 5.435.385 онлајн трансакции во текот на 2018 година што претставува пораст од 23,8 проценти.

Пораст се бележи и од аспект на вредноста, односно лани вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во земјата и во странство изнесува 176 милиони евра што е пораст од 26,6 проценти во споредба во 2018 година.

Според Асоцијацијата за е-трговија, податоците покажуваат дека е-трговијата во земјава е во пораст, а зголемената понуда на домашниот пазар успева да ги задоволи потребите на македонските онлајн купувачи со што тие пари остануваат во земјава, а не се одлеваат надвор кон странски онлајн трговци.

– Македонците во текот на 2019 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на 2019 година македонците со домашни картички потрошиле вкупно 169,2 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 35,5 милиони евра (26,5%) во однос на претходната година. Евидентно е дека зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн од страна на домашните компании, бројот на трансакции кон странски, односно домашни веб продавници е речиси идентичен. Конкретно, 50,2 проценти од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 49,8 проценти од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија, наведуваат од Асоцијацијата.

Посочуваат дека значајно е и тоа што во текот на минатата година реализирани се вкупно 170.390 трансакции во вкупна вредност од 6,85 милиони евра од страна на корисници на платежни картички од странска банка во корист на домашните трговци.

Вкупниот приход на онлајн трговците во земјава минатата година бил 75,7 милиони евра имајќи ги предвид онлајн трансакциите реализирани со домашни картички (68,83 милиони евра) и онлајн трансакциите со странски картички (6,85 милиони евра).

Согласно податоците за бројот на уреди на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31 декември активни се 1.020 продажни места. За период од една година, односно во текот на минатата година, биле отворени 149 нови онлајн продавници. /МИА.

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија, достоинствено исправена пред светот“

Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје синоќа организираше отворена трибина за учеството на Македонија во меѓународните односи, враќањето на дигнитетот на дипломатијата и заштита на македонските национални интереси .

Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје синоќа организираше отворена трибина за учеството на Македонија во меѓународните односи, враќањето на дигнитетот на дипломатијата и заштита на македонските национални интереси на меѓународната политичка арена, под наслов „МАКЕДОНИЈА, ДОСТОИНСТВЕНО ИСПРАВЕНА ПРЕД СВЕТОТ“.

Професор д-р Гордана Силјановска Давкова ја критикуваше нефункционалноста на постоечката дипломатија поради дискомуникација меѓу претседателот, министерот за надворешни работи и Собранието. Таа укажа дека мора да се врати фокусот на мултилатералната дипломатија и борбата за национални интереси преку меѓународните организации и институции со почитување на европското право и сите релевантни документи во врска со малцински и човекови права. Исто така, таа навести користење на институтот реципроцитет во иднина, како базичен национален приоритет во односите со други држави.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска Давкова како нужно укажа на неопходноста на враќање на функционалноста на македонската дипломатија, пред се преку зацврстување на системот за вреднување на работата на дипломатите, нивното кариерно унапредување и упатување на служба во странство според заслуги и искажани способности и дипломатски вештини

Поранешниот претседател д-р Ѓорге Иванов врз основа на своето искуство ја потенцираше важноста од повторно воспоставување на нарушениот баланс помеѓу законодавната, извршната и судската власт. Извршната власт ги има киднапирано ингеренциите на Собранието, претседателот и правосудството сведувајќи ги на улога на своевиден сервис на Владата. Тоа резултира со редица нестручни, погрешни и неквалитетни одлуки, кои многу ја чинат државата. Враќањето на балансот на ингеренциите помеѓу нив ќе биде клучен елемент за координирано настапување на државните чинители и успех на домашен и на надворешен план.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието и поранешен министер за надворешни работи Антонио Милошоски се осврна на актуелните слабости во Министерството за надворешни работи кои со геометриска прогресија се зголемуваат последните седум години. Покрај бројните прекршувања на законот од страна на министерот Османи, тој ги потенцираше прекршувањата на процедурите за упатување на амбасадори во странство, масовното партиско впумпување кадри и отстранувањето на најспособните дипломатски кадри од тековните процеси, нарекувајќи го Кабинетот на Османи „чајна кујна“ со само неколку луѓе, каде што одлуките се носат независно од структурата на МНР. Тој најави ревизија, односно враќање на незаконски испратените амбасадори од странство.

Трибината предизвика интерес во стручната јавност и присуство на голем број сегашни и поранешни дипломати и пратеници.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Путин: Ловците Ф-16 ќе бидат легитимна цел за Русија, како и аеродромите од кои полетуваат

Доколку американските ловци Ф-16 учествуваат во конфликтот во Украина, полетувајќи од аеродромите во трети земји, тие аеродроми ќе станат легитимна цел на руската армија, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

За време на посетата на Тверската област, Путин потсети дека борбените авиони Ф-16 можат да носат нуклеарно оружје и нагласи дека Москва „ќе мора да го земе тоа предвид“.

Тој порача дека ловците Ф-16 доколку бидат вклучени во конфликтот, руската војска ќе ги уништи тие авиони „исто како што ги уништува нивните тенкови, оклопни возила и друга опрема, вклучително и повеќе ракетни системи“.

Путин оцени дека ловците Ф-16, доколку западните земји ги испорачаат на Украина, нема да можат да ја променат ситуацијата на бојното поле.

Медведев – Синер е првата полуфинална двојка на Мастерсот во Мајами

Русинот Андреј Медведев и Италијанецот Јаник Синер ја сочинуваат првата полуфинална двојка на тенискиот Мастерс во Мајами, САД.

Ова е епилогот по првите два четвртфинални меча на кои Медведев го совлада чешкиот тенисер Николас Јари со 2:0, додека Синер беше поуспешен од Томас Махач (Чешка) исто така со 2:0.

Другите двајца полуфиналисти ќе бидат познати по денешните мечеви:

Александар Зверев (Германија) – Фабијан Марожан (Унгарија)

Карлос Алкараз (Шпанија) – Григор Димитров (Бугарија).

притисни ентер