Македонските државјани до 15 август не можат да патуваат во Грција

Од денеска стапи во сила новата одлука на грчката Влада за продолжување на прекинот на поврзувањата со Македонија, што важи до 15 август 2020 година, а Агенцијата за цивилно воздухопловство издаде упатства за прекинот на воздушниот сообраќај.

Откако вчера попладне заменик- министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас соопшти дека се продолжува до 15 август 2020 година прекинот на авионските и морските поврзувања на Грција со Македонија, Албанија и Турција и мерките што се однесуваат на копнените граници, во Службен весник, веќе е објавена новата министерска одлука.

Одлуката потпишана од министрите за здравство, за транспорт и инфраструктура и за поморство, е „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија за временскиот период од 1 август 2020 година до 15 август 2020 година" и предвидува „привремено ограничување на авионското поврзување со Македонија со сите аеродроми во земјата".

Во однос на копнените граници, вклучително и железничкиот сообраќај, со Северна Македонија, Албанија и Турција, продолжена е претходната одлука, односно мерката за „привремено ограничување на сите копнени поврзувања од и кон Грција", како и за забрана за влез на грчка територија преку конкретните гранични премини.

Забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој или живеат во Грција, како и за транспорт на стоки, за влез на лица за апсолутно неопходни професионални причини, но и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.

Паралелно, Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција објави нови упатства (notams) за продолжување на прекинот на авионските поврзувања како и за забраната за влез во Грција на државјани од трети земји со цел заштита од Ковид-19.

-До сабота 15 август 2020 година во 23.59 часот се продолжува авио упатството (notam) што предвидува прекинување на летовите меѓу Грција, Турција, Албанија и Македонија, соопштуваат од Агенцијата.

Дополнително пренесуваат дека до 14 август на полноќ е продолжена одлуката за забрана за влез на државјани на трети земји, мерка која, која што вчера објави МИА, предвидува „привремена забрана за влез во земјата на сите државјани на трети земји од било која влезна точка во земјата и на било кој начин или било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и копнените поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија".

Забраната не важи за земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и за државјаните на Австралија, Грузија, Канада, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Обединетите Арапски Емирати.

Исто така, како што вчера објави МИА, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.

Продолжена до 15 август е и одлуката за задолжителен негативен тест, направен до 72 часа пред патувањето за оние кои авионски, во Грција пристигнуваат од Бугарија, Романија и Обединетите Арапски Емирати.

Потврдата, од овластен дијагностички центар, треба да биде на англиски јазик и да се наведени име и презиме и број на пасош.

Авиокомпаниите треба пред летот да проверат дали патниците имаат потврда за негативен тест, бидејќи во спротивно, не смее да му дозволи на патникот да влезе во авион.

Оваа одлука не важи за грчките граѓани, за оние кои имаат дозвола за престој и за оние кои патуваат од есенцијални причини.

За сите оние кои влегуваат во Грција, задолжително е да го пополнат формуларот Passenger Locator Form (PLF) 24 часа пред нивното пристигнување. /MИА

Одбележани 19 години од нападот кај Карпалак

​ Со панихида и положување цвеќе пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон 10-те загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.

Почит им оддадоа делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Mинистерството за одбрана, Драган Николиќ, претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, Собранието, општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичката партија ВМРО ДПМНЕ и поголем број здруженија на бранителите, како и граѓански организации.

-Денеска одбележуваме 19 години од погубието на Карпалак. Деветнаесет години на ова исто место со една иста изјава сме барајќи да се направи достоинствено обележје за загинатите, мислам дека тие тоа го заслужија. И медиумите се сведоци дека и денес цвеќето беше положено на банкина, што не е достоинствено. Го положија животот на браникот на Република Македонија за идеалите за опстој на оваа земја како Република Македонија. Ние преживеаните следбеници на нивните дела со гордост ги почитуваме. Тој кобен 8 авгсут 2001 се случи, но ни тие случки не престануваат, тука е кумановско Диво насеље, Смилковско езеро, да не зборуваме за другите настани као што се Вејце, Бриони, Љуботенски бачила за кои многу малку е кажано за нив, изјави Ацо Јовановски-Реган, кој бил дел од резервните припадници на Армијата во конвојот од Прилеп.

Од одборот на бранителите исто така сметаат дека треба подостоинствено одбележување на местото на настанот.

-Како и претходните години и оваа година се помал е бројот на луѓе за чествување на овој настан. Причините не ни се познати, но некој очигледно работи овој настан полека да се заборава. Затоа што и оваа година како и минатата година никој од државните власти тука на местото не истакна ниту еден збор зошто се дојде овде и што е тоа што денес одбележуваме. Мислам дека Министерството за одбрана ќе смогне сили и подостоинствено ова го чествува, а на бранителите да го даде местото за кое се заслужни. Апелирам и до бранители да смогнат сили да се организираат во смисла да не не заборави нивниот придонес во Република Македонија, изјави Марин Најдов од Одбор на бранители.

На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48) ,Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29) Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26) сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово, и Пеце Секулоски )29) од прилепско Бело Поле.

МВР: 378 прекршоци за неносење лична заштита на лице

Во текот на изминатото деноноќие (07/08.08.2020 година) на територијата на Република Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 378 прекршоци. 

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ со својата влада изминативе години донесе само корупција, криминал и хибриден режим

  Наместо СДСМ да ги лаже граѓаните преку бледи и стерилни соопштенија, нека одговори со кои партии ќе обезбеди мнозинство и кој ќе биде премиер.

На граѓаните преку глава им е од лагите на СДСМ.

Граѓаните на Република Македонија знаат дека СДСМ нема да обезбеди подобра иднина.

СДСМ со својата влада изминативе години донесе само корупција, криминал и хибриден режим.

Лагите на Заев веќе не поминуваат, прочитани се.

Заради тоа што Заев и власта беа фрлени на криминал Македонија секој ден тонеше се повеќе и повеќе.

Граѓаните не ги заслужуваат овие погубни политики на СДСМ и Заев. Граѓаните заслужуваат многу подобро.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер