Македонски дипломатски синдикат: Загрижени сме за најновиот корупциски скандал во МНР

„Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“

Македонскиот дипломатски синдикат со голема загриженост ја прими изјавата на Државната Комисија за спречување на корупцијата, која побара одговорност од министерот за надворешни работи Османи заради злоупотреба на 15 службени возила од МНР и 2 позајмени возила од Агенцијата за разузнавање за партиски активности и цели за време на локалните избори во 2021 година. Уште повеќе не онеспокојува негирањето на Османи, кога Антикорупциска тврди дека има и докази за ова.

Исто така, големо лицемерие е да се каже дека тој „како и секој друг човек има право на пауза за одмор“ кога одморот во работно време го користел за партиски активности. Османи многу добро знае дека овакво нешто ни случајно не им е дозволено на дипломатите во МНР, кои согласно прописите не смеат да помислат на партиски активности во работно време, па дури често пати незаконски биле дисциплински гонети за настапи во јавност за време на викенд, што инаку не е забрането.

Што би рекле старите Латини: “Quod licet Jovi, non licet bovi” („Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“)!

Веќе трета година без успех бараме од Османи да ја објави листата на корисници на седумдесетината паркинг места во сопственост на Министерството за надворешни работи. Спискот упорно се држи во тајност, иако паркингот е сопственост на Министерството и треба да им служи на вработените, јавно и под јасни критериуми, се разбира. Такво нешто, за жал, не постои и згора на тоа, како Синдикат имаме информации дека картички за користење на паркингот на МНР имаат и лица надвор од нашата институција. Доколку е точно, ова исто така претставува коруптивна активност, можеби не директно за пари, но за купување влијание секако.

Потврдувајќи го извештајот на Центарот за граѓански комуникации од минатата година, дека МНР е најнетранспарентно министерство во Македонија, Бујар Османи упорно ги игнорира сите прашања на вработените и Синдикатот врзано за социјално-економски, финансиски, здравствени и професионални права. Во МНР е се обвиткано со вел на тајна. Така, тој упорно одбегнува да ни појасни по кој основ било определено дека износот на К-15 ќе изнесува 9.000 денари, кога законските прописи кажуваат дека регресот изнесува 40% од просечната плата, што изнесува околу 4.000 денари. Кога тие пари ќе се помножат со бројот на вработени, се доаѓа до сумата од 20-30.000 евра, незаконски одземени од вработените ?!

Вршењето министерска функција бара голем интегритет и МДС секогаш ќе биде коректор на однесувањето на раководството и ќе укажува на злоупотреби и неоправилности, со цел зачувување на дигнитетот на вработените и остварувањето на нивните права.

Бајден со помош на Обама и Клинтон собра рекордни 25 милиони долари за својата кампања

 Кампањата за собирање средства за американскиот претседател Џо Бајден со поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон генерира над 25 милиони долари, најголема собрана сума досега во историјата на САД.

Бајден синолќа со Обама и Клинтон учествуваше во дискусија во познатата њујоршка „Радио сити мјузикл хол“, модерирана од водителот на „Лејт шоу“ (The Late Show) Стивен Колбер.

Но, настанот неколку пати беше прекинуван од демонстрантите во салата, кои скандираа против политиката на Бајден за поддршка на Израел во војната со Хамас. Еден од демонстрантите извика „Срам да ти е, Џо Бајден“. Тие исто така го прекинуваа и говорот на Обама.

Демонстрантите го прекинаа и настапот на музичарите Квин Латифа, Лизо, Бен Плат, Синтија Ериво и Леа Микеле.

Влезниците за вчерашниот предизборен митинг на Бајден чинеа од 250.000 и 500.000 долари. Дел од донаторите позираа со претседателите, а фотографиите ги направи славната фотографка Ени Лејбовиц. /МИА

Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел, се откажав од надомест

Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки, вели Петровска.

Како што ветив транспарентност од почеток до крај на процесот против изнесените лаги, клевети и навреди од страна на Драган Ковачки врз мене сакам да Ве известам дека Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста. Ова го објави предмалку министерката за одбрана Славјанка Петровска на нејзиниот фејбук профил.

- Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки. Како што кажав и на почетокот во медиумите: "Пари од нечесник не сакам" и Ве известувам дека се откажав од паричниот надомест, напиша Петровска.

На ФБ министерката за одбрана напиша дека секој го прави тоа што најдобро го знае, „тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“.

Мериленд доби помош од 60 милиони долари по уривањето на мостот во Балтимор

Американското Министерство за транспорт денеска и додели 60 милиони долари на сојузната држава Мериленд за помош по уривањето на мостот Френсис Скот Ки откако во него удри товарен брод.

Гувернерот на Мериленд Вес Мур претходно побара средства за помош во „мобилизацијата, операциите и отстранувањето на отпадот“.

Мур додаде дека овие средства ќе ги постават темелите за брзо закрепнување.

Инаку, по уривањето неколку работници паднаа во водите на реката Патапско. Телата на двајца мажи, на возраст од 35 и 26 години, беа пронајдени во средата, на 7,6 метри под вода во реката Патапско.

Жртвите паднале од височина од 50 метри во водата, која била околу -1 Целзиусов степен во моментот на падот, изјави портпаролот на противпожарната служба во Балтимор, Кевин Картрајт.

Несреќата се случи во вторникот откако товарниот брод „Дали“ удри во еден од столбовите на мостот. /МИА

притисни ентер