На состанокот, како претставник на Владата на Македонија учествуваше државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Калинка Габер која информираше за состојбите, преземените и планираните активности, како и за националните потреби за успешно спроведување на вакцинацијата против коронавирусот. Македонија беше поздравена за навремената подготовка на Националниот план за вакцинација против Ковид19, како и за изготвувањето на стандардни оперативни процедури за прием, ракување, складирање и дистрибуција на вакцините.
Директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување, Геновева Луиз Калавера во своето воведно обраќање информираше дека и покрај сериозниот недостиг на расположливи дози и за самите земји членки, Европската комисија останува посветена на обезбедување вакцини за земјите од регионот. Таа информираше дека ЕК ги завршила подготовките за пренасочување на 70 милиони евра ИПА средства за набавка, за која што во наредните 3 до 4 недели до надлежните власти на ЗБ6 ќе бидат доставени грант договори за покривање на трошоците за вакцините, опрема и потрошен материјал, се наведува во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.