Македонија се вклучува во глобалната битка за намалување на ефектите од климатските промени

Природата не предупредува дека имаме се помалку време, ние политичарите имаме обврска активно да креираме поздрава животна средина.

Ова го истакна шефот на државата Стево Пендаровски на конференцијата посветена за борбата со климатските промени под мотото „Не игнорирај, реагирај“.

Откри дека пред да ја потпише Стратегијата за одбрана ја вратил за да биде дополнета со мерки за еколошка безбедност. Следниот месец за прв пат пред членовите на Советот за безбедност главна тема ќе биде токму животната средина.

Заканите од климатските промени се сериозни. Се претпоставува дека средната годишна температура ќе се зголеми за 2 степени до 2050 а врнежите ќе се намалат за дури 25 отсто до 2100 година. Британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј повика на итна реакција од секоја единка за, како што го нарече, овој негативен феномен.

Од министерството за животна средина, пак, потенцираа дека со сите преземени активности целта е до 2030 година да ја намалат емисијата на CO2 за 30 отсто.

Камион излетал од коловоз и се запалил, возачот со тешки повреди

Возач на камион завршил со тешки повреди откако излетал од патот Гостивар-Кичево.

Од СВР Тетово информираат дека во 12 часот и 15 минути во СВР Тетово пријавена сообраќајна несреќа на магистралниот пат Гостивар-Кичево.

Во непосредна близина на Новоселски мост, товарно моторно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од М.Т.(32) од Скопје, излетало од коловоз, паднало во бездна и се запалило.

Возачот на товарното возило е пренесен во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде му се констатирани тешки телесни повреди, а екипи од гостиварската Територијална противпожарна единица го локализирале пожарот на возилото.

На местото на несреќата увид врши екипа од ОВР Гостивар.

Арсовска најави дека во текот на денот ќе ги објави новите директори на јавните претпријатија

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција по извршениот увид на градежните активности на улица „Димо Хаџи Димов“, најави дека во текот на денот ќе ги објави имињата на новите директори на јавните претпријатија.

– Постапката е завршена, ќе бидете соодветно информирани, рече Арсовска во одговор на новинарско прашање до каде е постапката за назначување нови директори, а за тоа кога би биле објавени имињата на новите директори, рече оти тоа ќе биде наскоро, во текот на денот.

Голем дел од јавните претпријатија во Град Скопје во изминатиот период останаа без директори, бидејќи директорите кои беа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ги напуштија своите функции.

Оставки прво поднесоа директорите на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски и на депонијата „Дрисла“ Јане Мицевски. Потоа оставки поднесоа и директоро т на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов, на „Лајка“ Воислав Димитровски и на ЈП „Паркови Зеленило“ Ангеле Сотировски.

Мицкоски сака да го види па потоа ќе го коментира предлогот на Левица

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска не сакаше да ја коментира иницијативата за референдум на Левица, посочувајќи дека својот став ќе го каже откако таа ќе дојде во Парламентот.

-Нека дојде во Парламент па ќе коментираме, рече Мицкоски.

За случувањата во ДУИ рече дека исто така не сака да ги коментира и да се меша во внатрешните работи на политичките партии.

-Тоа се нивни внатрешни работи. Јас само посакувам да имаме квалитетна политичка дебата со која Македонија оди напред, а граѓаните ќе имаат надеж дека ќе имаат убава иднина, рече Мицкоски.

Прашан за иницијативата Отворен Балкан и за тоа дека ВМРО-ДПМНЕ кочи ратификаци на договори со Албанија и Србија, Мицкоски рече дека оваа иницијатива е долго време присутна во јавноста, но дека ниту претходниот премиер Зоран Заев ниту актуелниот Димитар Ковачевски не ја повика опозоцијата да ја информира за тоа што се случува и која е целта на Отворен Балкан.

– Кога ќе добиеме ние информација за тоа што е целта на иницијативата и што носи таа иницијатива, тогаш можеме да седнеме и да разговараме поконкретно за поддршка или за неподдршка. Ние сме сериозни луѓе и ако е тоа навистина сериозна иницијатива не можеме да дадеме поддршка априори туку навистина ни треба сериозно објаснување. Слушнав во едно објаснување дека тоа е за добрососедска соработка и јас често пати го поставувам прашањето на кој начин две од овие три земји кои што се на отворен Балкан граничат, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски денеска беше на средба со претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелески.

притисни ентер