Македонија подготвена за старт на преговорите за членство во ЕУ

Македонија е подготвена да ги започне преговорите со Европската Унија и во моментов е во подобра позиција од останатите држави во регионот – вели директорката на институтот за европски политики Симонида Кацарска. 

Според неа, долгогодишното искуство на земјава во чекалната на ЕУ ја има најголемата улога за тоа, бидејќи во тој период, Македонија скоро целосно го има усогласено своето законодавство со тоа на Унијата. Сепак, Кацарска вели дека и покрај тоа што  земјава е во добра кондиција и има предност во некои области пред Србија и Црна Гора, процесот ќе се одвива различно, поради новата француска методологија.

Дека Македонија активно се подготвува за почетокот на преговори потврди и главниот преговарач на земјава Бојан Маричиќ во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5. Маричиќ кажа дека дел од тимовите за преговори се веќе формирани и очекува Македонија да биде целосно подготвена за старт на преговорите со Унијата.

Одлуката на советот на министри да и даде „зелено светло“ на Македонија за старт на преговори предизвика и внимание во странските медиуми. Австриски „Ди Пресе“ анализира дека земјава ја добила одлуката благодарение на светската пандемија со Корона вирусот, која според нив ја олеснила одлуката на земјите-членки.

Не изостанаа ниту грчките медиуми кои во голем дел, покрај за одлуката на Советот на министри, ги пренесуваат и реакциите на државно – политичкиот врв во земјава.

притисни ентер