Македонија го празнува Денот на независноста

Македонија денеска го одбележува 8-ми Септември, денот кога пред 33 години се оствари вековниот сон за слободна, суверена и независна Македонија. 

Со изведба на македонската химна од страна на детски хор во Македонската филхармонија и концерт на македонски песни во изведба на џез оркестарот, започна одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.

На Свечената академија во организација на Владата, премиерот Христијан Мицкоски повика на обединување, рече дека овој ден нѐ потсетува на нашето долго патување до слободата. Нагласи дека за разлика од минатото, кога битката била како ќе се исправиме на нозе, денеска битката е како ќе направиме големи чекори напред.

Тој потенцираше дека како нација имаме две големи цели - да го победиме разочарувањето на секој еден човек напластено од сите неуспеси, а втората, да го сузбиеме криминалот и корупцијата која метастазира во сите делови од општеството.

Мицкоски нагласи и дека мора да се оградиме од етнички конфликти и дека ќе го заборавиме бремето кога со партиска книшка се стигнувало до посакуваната работна позиција.

Порака со честитки за Денот на независноста испратија и претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на СДСМ Венко Филипче.

„Наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите.“

„Во ова време на нови предизвици поврзани со понатамошниот пат по кој ќе се движи Македонија, време е нашата сила и способноста на нашите граѓани да ја искористиме за да ја надминеме секоја препрека што стои на патот кон подобро утре. Пред нас е одговорноста да ја продолжиме изградбата на општество каде што секој граѓанин ќе има еднакви можности, а нашата земја ќе биде пример за стабилност, толеранција и напредок. Честит 8 Септември!“, стои во честитката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Менде Трајковски: Ќе се брендираат Мариовски, Пелистерски и Струмички мед

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

- При крај сме со постапката за брендирање и заштита на нашиот Мариовски мед за кој јасно ќе биде посочено географското потекло, а брендирање е најавено за струмичкиот и пелистерскиот мед, истакна Менде Трајковски, претседател на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија.

Според Трајковски, брендирањето е важно за потрошувачите да знаат од каде е медот.

-Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија е членка на европскиот Сојуз на пчеларите и претставува дел од вкупно 400.000 пчелари во Европа кои во моментов водат кампања за зајакната инспекциска контрола и отстранување на неквалитетниот мед од пазарите низ Европа. Потрошувачите треба да бидат заштитени од неквалитетен мед кој се продава во продавници и затоа апелираме и бараме заштита, посочи Трајковски на традиционалната манифестација „Денови на македонското пчеларство“ што се одржува во Битола.

Годинава на плоштадот „Магнолија“ со свои штандови на изложбата учествуваат колеги пчелари од Тетово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Велес и други македонски градови кои се дел од иницијативата преку европскиот пчеларски сојуз да добијат европски субвенции за секое пчелно семејство заради како што велат, придонесот на пчелите што го прават со опрашување на растенијата.

Средба Зеленски - папа Франциск

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Ватикан се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Нивната претходна средба беше на маргините на Самитот на Г7, што се одржа летово во јужна Италија.

Зеленски синоќа во Рим се сретна премиерката на Италија, Џорџа Мелони, а по средбата со папата Франциск ќе отпатува за Берлин каде се предвидени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер.

Украинските власти во март се налутија на папата Франциск откако тој предложи тие да имаат храброст на „бело знаме“ и да преговараат за крај на војната со Русија. Тогаш Зеленски ги отфрли изјавите на папата како „виртуелно посредување“ од далечина.

Папата Франциск тогаш исто така, ги критикуваше плановите на украинските пратеници да ги забранат активностите на огранокот на православната црква поврзан со Русија. Украина тврди дека огранокот шири проруска пропаганда и пружа засолниште на шпионите. /MИА

ФК Вардар го претстави новиот сопственик

Фудбалскиот клуб Вардар денеска преку соопштение потврди дека има нов сопственик, откако унгарскиот бизнисмен Атила Бижен Жалили купил 85 отсто од акциите на најтрофејниот македонски фудбалски клуб.

Во соопштение споделено преку фудбалскиот клуб, сопственикот се обрати до фановите, потврдувајќи го преземањето на клубот.

„Задоволство ми е да ја информирам македонската јавност дека од 7 октомври според претходно потпишаниот договор, 85 отсто од акциите на АД ФК Вардар-Скопје се преземени, а со тоа и управувачкиот пакет на компанијата.

Со нашето големо искуство во менаџирање на фудбалски џинови и соработка со десетици познати клубови ширум Европа, ние ќе обезбедиме брза финансиска, организациска и резултатска консолидација на овој најголем спортски бренд во Македонија.

Во изминативе неколку години, како дополнување на бизнисот кој го имаме, нашиот фокус беше да преземеме клуб од Централна Европа или Балканот. Имавме неколку опции пред нас. Но благодарејќи на упорноста и аргументите презентирани од Миленко Неделковски, се одлучивме за најголемиот спортски бренд во Македонија.

Да го направиме Вардар повторно голем“, стои во обраќањето на Жалили до македонската фудбалска јавност.

Ваквата објава доаѓа по серијата на протести на навивачката група Комити, кои бараат оставки од раководството на клубот и Миленко Неделковски. На натпреварите тие скандираа пораки со барања Неделковски да се повлече од клубот.

притисни ентер