Македонците од Албанија бараат остар демарш до Брисел

Македонците во Албанија бараат од македонската и албанската влада да испратат остар демарш до Брисел и до Софија поради обидот за бришење на Македонците во Албанија и нивно прикажување како Бугари.

Македонците во Албанија се гневни на настојувањето на бугарските европратеници Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски преку резолуцијата на европскиот парламент за Албанија да „докажат“ дека македонското малцинство во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора е всушност бугарско.

Ова стои во синоќешната реакција на македонско друштво „Илинден”-тирана и неговиот огранок за Голо Брдо, во која најостро го осудува извештајот за напредокот на Албанија за членство во Европската унија во европскиот парламент, во кој, како што велат, стои груб фалсификат и огромна невистина, која ги задира чувствата на Македонците.

Апелираме до Брисел за активни мерки против денационализаторската политика што веќе неколку години организирано ја води Софија со незаконско издавање на бугарски државјанства на Македонците во Албанија, се вели во реакцијата од македонско друштво „Илинден”-Тирана.


Повеќе од 280 милиони луѓе се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештај на ФАО

 Над 280 милиони луѓе во 59-те земји во светот каде кризата со храна е најтешка, се соочиле со акутен глад минатата година, покажува извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).

Се забележува дека иако вкупниот удел на луѓето во светската популација кои се соочуваат со голем недостиг на храна во 2023 година беше малку помал отколку во 2022 година, тој остана над нивото пред пандемијата.

Во него се нагласува дека процентот на луѓе кои се соочуваат од акутен глад останува висок, а главни фактори зад овој тренд се воените конфликти, екстремните временски услови и економските шокови, кои продолжуваат да го загрозуваат одржливиот развој на светот.

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации предупредува дека влошувањето на ситуацијата во светот како резултат на овие фактори претставува сериозна закана за глобалната безбедност на храната во тековната 2024 година.

Извештајот на ОН ги става Авганистан, ДР Конго, Нигерија, Судан и Етиопија во првите пет земји погодени со најакутна криза со храна. /МИА

Владата на Словачка ја одобри контроверзната реформа на јавната радио и телевизија

 Владата на Словачка денеска ја одобри контроверзна реформа на јавната радио и телевизија во земјата, чекор, кој според критичарите, ќе доведе до преземање на целосна контрола врз медиумите од страна на Владата.

Минатиот месец, илјадници луѓе се собраа во главниот град за да го осудат планот, кој беше широко критикуван од локалните новинари, опозицијата, меѓународните медиумски организации и Европската комисија.

Премиерот Роберт Фицо рече дека промените се неопходни, бидејќи јавниот радиодифузен сервис РТВС бил политички пристрасен и е „во конфликт со словачката Влада“. Предложените измени ќе значат дека тој ќе има нова организација.

Се очекува, Парламентот, во кој коалициската Влада на Фицо има мнозинство, во јуни да ги одобри измените. /MIA

Де Соуза: Португалија одговорна за злосторствата за време на трансатлантското ропство

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза рече дека Португалија е одговорна за злосторствата извршени за време на трансатлантското ропство и колонијалната ера и посочи дека има потреба од репарации.

Говорејќи на настанот на кој доцна синоќа беа поканети странски дописници, Ребело де Соуза рече дека Португалија „ја презема целосната одговорност“ за неправдите од минатото и дека тие злосторства, вклучително и колонијалните масакри, имаат „цена“.

Тој посочи дека Португалија мора да ја плати цената.

„Дали има злосторства што не се казнети, а одговорните не се уапсени? Дали има стока што е ограбена и не е вратена? Да видиме како можеме да го поправиме тоа“, рече Ребело де Соза.

Во текот на повеќе од четири века, најмалку 12,5 милиони Африканци беа киднапирани, насилно транспортирани на долги растојанија главно со европски бродови и продадени во ропство.

Оние кои го преживеале патувањето завршиле со работа на плантажи претежно во Бразил и Карибите, додека други профитирале од нивниот труд.

Португалија продаде речиси шест милиони Африканци, повеќе од која било друга европска нација, но досега не успеа да се соочи со своето минато, а во училиштата малку се учи за нејзината улога во трансатлантското ропство. /МИА

притисни ентер