Во изјавата за медиумите, Лукаревска рече дека градат европска држава во која секој граѓанин живее од трудот, а животот за луѓето е на прво место. Во наредниот мандат, додава се обезбедува уште поголема поддршка за граѓаните.
– Единаесет години ВМРО ДПМНЕ манипулираше со социјалната помош, ја држеше на недостоинствен минимум и ја злоупотребуваше. За три години, СДСМ, социјалната помош ја зголеми за 300 проценти, воведе детски и образовен додаток, вели Лукаревска.
Таа најави дека во новиот мандат, ќе обезбедат повисока социјална помош за 34.000 домаќинства и детски додаток за 65.000 деца.
– Го решивме проблемот со стечајците кои ВМРО ДПМНЕ ги искористи и ги заборави, рече Лукаревска, нагласувајќи дека 12.000 стечајци користат месечен надоместок од осум илјади денари, а наскоро ќе добијат домашна платежна картичка од 9.000 денари.
Таа додаде дека и во време на коронакриза парите се враќаат назад кај граѓаните – 28 милиони евра се вратени кај 324.000 граѓани преку домашната платежна картичка и ваучерот за туризам.
Лукаревска најави дека ќе се зголеми опфатот на корисници на домашна платежна картичка и освен стечајци, картичка од 9.000 денари ќе добијат, пензионерите со пензија до 15.000 денари, самохрани родители, невработените кои не се активни баратели на работа.
Лукаревска вели дека градат држава која е праведна и правна за сите. Таа напомена дека се намалени нотарските и трошоците за извршители, со отписот на камати за долгови на физички лица избришани се 10 милиони евра долгови на граѓаните, казните се намалени до 75 проценти, воведено е пропорционално казнување.
– Нема да дозволиме никогаш повеќе државата и институциите да ги плашат граѓаните, да ги уценуваат, да ги крадат. Тие се тука за вас да ви служат-нагласи Лукаревска.
Таа ги повика граѓаните на 15 јули да гласаат за СДСМ и коалицијата „Можеме" и да го заокружат бројот 3.
– Ние покажавме каква држава сакаме, модерна праведна држава која ќе дава шанса и која се грижи за секој свој граѓанин да излеземе на избори затоа што можеме уште повеќе и уште подобро, изјави Лукаревска./МИА