Лидерката на белоруските протести е обвинета за загрозување на националната безбедност

Лидерката на белоруските протести Марија Калесникава, што беше приведена минатата недела, е обвинета за загрозување на националната безбедност, соопшти денеска истражната агенција на земјата.

На Калесникава и се заканува казна затвор до пет години според белорускиот закон. Во изјавата објавена на мрежата Телеграм, Истражниот комитет објави дека таа „учествувала во повици за акција што им штети на националните интереси на Република Белорусија“.

„Таа останува во притвор и истрагата е во тек“, се вели во соопштението.

Калесникава е близок соработник на опозициската лидерка Светлана Тихановскаја, која минатиот месец избега во соседна Литванија.

Тихановскаја, му вети доцна синоќа на Александар Лукашенко дека ќе му гарантира долгорочна безбедност ако мирно ја напушти власта по 26 години на чело на државата.

Во Белорусија протестите се одржуваат секој ден од спорните избори пред еден месец. Минатиот викенд, најмалку 100.000 луѓе излегоа на улиците на главниот град Минск.

Тихановскаја тврди дека таа е победник на изборите на 9 август и побегна во соседната држава неколку дена по гласањето, плашејќи се за нејзината безбедност во време на насилното задушување на отпорот на улиците. Таа вели дека протестите мора да останат мирни.

Европската унија ги прогласи изборите во Белорусија „ниту слободни ниту фер“ и го осуди насилството врз демонстрантите, нарекувајќи ги „непропорционални и неприфатливи“.

Русија, близок сојузник на Белорусија, го поддржа Лукашенко. Рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа недела му вети заем од 1,5 милијарди долари на владата на Лукашенко. Рускиот министер за финансии Антон Силјанов денеска изјави дека првиот дел од таа сума, вреден милијарда долари, ќе му биде исплатен на Минск до крајот на годината, пренесува Ројтерс.

Денеска, Сергеј Шојгу, рускиот министер за одбрана, ја посети белоруската престолнина да „разговара за прашања од билатералната воена соработка“, објавија белоруските државни медиуми. Русија и Белорусија во моментов спроведуваат претходно планирани заеднички вежби наречени ,,Словенско братство”.

Србија требаше да учествува во вежбите, но се откажа по притисокот од Европската унија, изјави минатата недела српскиот министер за одбрана Александар Вулин.

Комисијата одлучува за целодневна настава, МОН понуди солуција за децата кои немаат ИТ-уреди

Наближува почетокот на учебната година, која поради корона кризата ќе стартува на 1 октомври, а Комисијата за заразни болести вчера и денеска ја разгледува можноста за воведување целодневна настава во основните училишта.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека е направена анализа за бројката на деца коишто би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

-Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност што е тоа истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование Мила Царовска в петокот ја презентираа првата Национална онлајн платформа преку која ќе се одвива новата учебна година. Следи период за прилагодување на наставниот кадар, учениците и родителите. Новата алатка, според надлежните, треба да биде значаен ресурс и по надминување на кризата со коронавирусот.

Платформата, според надлежните, е едноставна за користење и нуди учење на пет јазици. Ученикот преку компјутер или телефон ќе може да ја гледа училницата и наставникот и ќе може да ги користи сите поставени аудио и видеоматеријали на платформата и да ги изработува домашните задачи, а наставата нема да биде здодевна и ќе има брзи квизови, тестови и други иновативни содржини.

Царовска во петокот потенцира дека за 40.000 ученици што немаат ИТ-уреди за да следат настава преку националната платформа за учење од далечина, часовите што ќе ги одржуваат наставниците ќе се снимаат и потоа ќе се пренесуваат во одредено време на националната телевизија, а вчера Министерството за образование излезе со подетален план.

Целта е, како што велат од МОН, децата коишто немаат уреди за следење на онлајн настава во време на Ковид-19 да добијат можност за учење како и останатите деца.

-За таа цел, детето има можност наставата да ја следи со физичко присуство на часовите во самите училници, додека наствниците предаваат на другите деца преку онлајн платформата. Исто така, за децата, чии родители се изјасниле дека не сакаат да ги пуштаат во училиште со физичко присутсво, а немаат уреди, во Планот е предвидена опција да добиваат печатени материјали. Овие материјали ќе се доставуваат на родителите од страна на наставниците според сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19. За да може секое дете да има пристап до наставниот материјал, МОН е во преговори 15-минутни видеа со одреден час да се емитуваат на Националниот сервис на посебни канали кои се обезбедени, појаснуваат од МОН.

Наставниците ќе имаат обврска редовно да комуницираат со децата и нивните семејства и да следат колку напредуваат во учењето.

Приоритетната и најважната цел, велат од МОН, е да се обезбеди пристапност до наставата за секое девојче и момче во државата, без разлика каде живее.

-Нашата примарна цел е да создадеме образование достапно до секого и образовен процес којшто ќе ги постави темелите за развој на идни генерации кои ќе бидат движечката сила и умот на државата, се истакнува во соопштението на Министерството.

МОН вчера објави и видео во кое се прикажани протоколите кон кои ќе треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите со враќањето на децата во училниците од 1 октомври.

Според протоколите на секое дете ќе му се мери температура при влез во училиштето, а децата ќе треба да држат растојание од најмалку 1,5 метар и да носат маски на лицето за време на целиот престој во училиштето, освен за време на оброкот и активностите на отворено. Предвидено е и почесто миење на рацете и проветрување на училниците.

– Заштитата од ширењето на Ковид-19 е заедничка одговорност на родителите, наставниците, учениците и на останатиот персонал, односно на сите нас. Само со придржување на протоколите сите заеднички ќе допринесеме да се заштитиме себе, нашите најблиски и целото јавно здравје, посочуваат од МОН.

„Ѕвезда плус" за угостителите, канцеларија за планински туризам, достапни археолошки локалитети

–  Археолошки локалитети  ќе станат достапни за посета на домашни и странски туристи, ќе се обноват постоечките и ќе се изградата нови планинарски домови, ќе се стимулира здравствен и пензионерски туризам за домашните и странските пензионери.

Ќе се воведе систем за субвенционирање алтернативен и културен туризам, ќе стартува проектот „Ѕвезда плус", ветува Владата во Програмата за новиот четиригодишен мандат во делот за развој на туризмот.

Најавува дека ќе овозможи користење бесплатен државен Wi-Fi со кликнување на линк што ќе води до промотивна страна на општина, на реон, на влез во држава, на стојалишта и бензински пумпи.

Во функција на искористување на растечката побарувачка за профилиран планински туризам, предвидуваат формирање посебна канцеларија за планински туризам и планински содржини, задолжена за дефинирање и управување со очекуваните домашни, јавни и приватни, и странски инвестиции, апликација на систем на промени во овој сегмент и позиционирање на државата на регионалниот и европски знтегрален планински туризам.

-Оваа канцеларија ќе го постави како фокус развојот на Шар Планина, Маврово, Матка, Пелистер и Галичица. Дополнително, ќе ги започнеме подготовките за развој на туризам на Царев Врв на Осоговските планини, како централна точка за зимски и планински туризам. За Попова Шапка Владата ќе ги разгледа различните модели за нејзин развој како регионален туристички центар со можност за приватни инвестиции или јавноприватно партнерство кое би овозможило и изградба на жичарница од Тетово до Попова Шапка, се вели во Програмата на Владата.

Воедно, Владата планира да започне реконструкција на постоечките планинарски домови и изградба на нови со дефинирање модел за управување и инвестирање во нив и трасирање и промовирање официјални планинарски патеки.

Владата ќе поддржи изработка на iOS i Android апликација за туризам во МК, поделена по сектори (лето, зима, планинарење, велосипедизам, кампинг, археолошки наоѓалишта, вински тури ...), по примерот на информацискиот систем за просторно планирање. Ќе стимулира воведување иновативни модели во конципирање „здравствен" и „пензионерски" туризам за домашните и странските пензионери, по примерот на успешните практики на развиените туристички дестинации.

Планира да поддржи и маркетинг-кампањи за промовирање на државата како место за уживање и препознатлив и растечки туристички бренд и ќе стимулира економски субјекти кои финансираат/спонзорираат домашно продуцирани видеоматеријали за промоција на државата.

-Владата ќе го стартува проектот „Ѕвезда плус" за државни субвенции во висина од 50 отсто од инвестицијата за регистриран угостителски капацитет што има намера да добие еден степен повисока категоризација на неговиот објект, во сите клучни туристички места, се вели во Програмата на Владата за период 2020-2024.

Пендаровски со писмо до Вартоломеј: Употребете го своето апелационо право

Историјата вели дека треба постојано да се сообразуваме со времето и да го користиме во полза на благосостојбата на луѓето. 

Вселенската патријаршија е пример за тоа како може да се остане доследен на вредностите, а истовремено да се биде динамичен во соочувањето со тековните предизвици, истакна претседателот Стево Пендаровски во писмото кое го упати до Архиепископ Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх, Вартоломеј, по повод почетокот на Новата црковна година.

-Ми претставува особена чест да Ви се обратам и да ги изразам своите срдечни желби по повод почетокот на Новата црковна година. Историјата вели дека треба постојано да се сообразуваме со времето и да го користиме во полза на благосостојбата на луѓето. Вселенската патријаршија е пример за тоа како може да се остане доследен на вредностите, а истовремено да се биде динамичен во соочувањето со тековните предизвици, вели Пендаровски.

Како претседател го информира Вартоломеј дека како држава, изминативе три години, „решивме да го искористиме времето во наша полза и да ги оставиме зад нас историските несогласувања".

-Ви се обраќам во името на голем дел од моите сограѓани коишто се идентификуваат како православни христијани и чија единствена желба и потреба е да се смират со своите ближни и да се упатат кон заедничката иднина, кон соживотот и кон вистинската слобода. Во оваа насока би сакал да упатам барање до Вашата Сесветост да го уважи повикот на нашиот благочестив народ и на нашата Црква да го употребите своето апелационо право, со што нашите граѓани од православна христијанска вероисповед, конечно, ќе ја добијат можноста да бидат еднакви со сите останати православни христијани во светот, напиша шефот на државата.

-Ви посакувам здравје среде големата неизвесност со здравствената криза што го зафати целиот свет, додаде тој во писмото.

притисни ентер