Лидерите на ЕУ решиле да се воведат ковид-пасоши, не се знае дали ќе бидат готови до летово

Треба да се засили кампањата за вакцинација против коронавирус во Европската унија.

Производните капацитети треба да се прошират во соработка со главните производители на вакцини. ЕУ исто така сака финансиски да го поддржи развојот на вакцини кои би биле ефикасни против мутираните вируси и да ја одобри нивната употреба што е можно побрзо. „Ова има најголем приоритет за нас“, рече претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, пренесува Дојче веле.

„Треба да го подобриме пристапот до производство на вакцини“, рече белгискиот премиер Александар де Кру. „Побрзиот пристап до повеќе вакцини е клучен за да се заштитат луѓето и да се вратиме во нормален живот.

Во седум земји на ЕУ, бројот на заразени повторно се зголемува, и покрај различните мерки за заклучување, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Во 20 други земји-членки на ЕУ, тој број се намалува или стагнира. Со оглед на мошне заразните мутации на вирусот, канцеларката Ангела Меркел зборувала за „третиот корона бран во кој веќе се наоѓаме“.

На видео конференција одржана вчера, шефовите на држави и влади на Европската унија ги одобрија предлозите на Европската комисија за подобро снабдување со вакцини. ЕУ ја поддржува изградбата на нова фабрика за вакцини во Марбург, што ќе произведува околу милијарда дози годишно. Европската комисија сака да ја води борбата против пандемијата во иднина со помош на новата институција за „здравствени итни случаи“ наречена Хера. Земјите-членки се согласиле да го засилат редоследот и да бараат нови варијанти на вирусот за побрзо да се најдат потенцијално опасните мутанти.

Паралелно со Конференцијата на шефовите на држави и влади на 27 земји-членки на ЕУ, шефовите на шесте најголеми производители на вакцини во Европската унија биле сослушани пред Европскиот парламент во Брисел. Тие ветиле дека ќе сторат се што е во нивна моќ за брзо да ги испорачаат ветените дози на вакцини. Покрај тоа, тие сакаат целосно да соработуваат во развојот на вакцини прилагодени на новите, мутирани варијанти на вирусот. Тоа го изјавил извршниот директор на АстраЗенека, Паскал Соиро, кој бил сериозно критикуван од ЕУ за неговиот начин на деловно работење.

Во принцип, шефовите на влади на ЕУ одлучиле да се формира единствен здравствен пасош, односно лиценца, што ќе им овозможи на вакцинираните лица одредени слободи, како што се патувања или учество на конференции и културни настани. Сè уште не е донесена „политичка одлука“ што точно може да се направи со потврдата за вакцинација, рече канцеларката Ангела Меркел на прес-конференцијата во Берлин. „Јас не сум програмер“, рече Меркел на прашањето на ДВ дали таков електронски сертификат или пасош за вакцинација против ковид треба да биде достапен пред летните одмори. „Но, тоа сигурно ќе биде достапно во догледна иднина“, додаде канцеларката. Само производството на национални КОВИД пасоши, што потоа треба да се спојат во заеднички здравствен пасош на ЕУ, ќе трае три месеци.

Покрај нејзините колеги од Грција, Кипар и Шпанија, за медицински пасош се залага и австрискиот канцелар Себастијан Курц. Пред конференцијата, Курц изјавил дека „зелениот пасош“ ќе биде соодветен за луѓето кои биле вакцинирани или се опоравиле од короната, како и дека тоа ќе овозможи „парче слобода“, но и „регулиран европски пат кон нормалноста“ "

„Но, тоа не значи дека само вакцинираните можат да патуваат “, рече канцеларката Меркел.

Прекуграничниот сообраќај во рамките на ЕУ исто така може да се одвива непречено. Сепак, може да бидат потребни тестови за КОВИД при влегување во земја-членка на ЕУ. Во принцип, оставено е на земјите-членки да одлучат како во иднина сакаат да ги користат здравствените пасоши што содржат сертификати за вакцинација. „Пасошот КОВИД е политички неутрален“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Претседателот на Претставничкиот дом на демохристијаните во Европскиот парламент, Манфред Вебер (ЦСУ), ги повика шефовите на држави и влади да побрзаат. Би било „бирократски кошмар“ кога на вакцинираните лица последователно ќе треба да им се издаваат КОВИД пасоши, изјави Вебер за ДВ.

Францускиот претседател Емануел Макрон го повтори својот предлог дозите на вакцини, купени од ЕУ, да бидат донирани во сиромашните африкански земји. Макрон спомена бројка од пет проценти. Канцеларката Ангела Меркел го поздрави предлогот на Макрон, но додаде дека се уште не е утврден моментот кога тоа треба да започне.

Денеска, првите вакцини, купени преку иницијативата на ООН Ковакс, се доставуваат до Гана и Брегот на Слоновата Коска. Вакцинацијата треба да започне следната недела. "Ова е глобална епидемија, сите треба да бидат вакцинирани. Никој не е безбеден, ако не секој е безбеден", рече претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

Канцеларката Меркел јасно стави до знаење дека границите со Франција не треба да бидат затворени до ново известување. „Граничните контроли не се на дневен ред“, нагласи канцеларката. Иако во Франција е во сила полициски час и иако Французите вовеле засилени тестови на границата со Сар, сепак треба да биде можно движење на стоки и луѓе што ја преминуваат границата. Граничните контроли со Тирол и Чешка - „области со мутирани вируси“ - остануваат на сила.

Герапетритис: Грција нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ .

Грција ќе апстинира од гласањето, односно нема да го поддржи барањето на Косово за членство во Советот на Европа од политички причини, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис во интервјуто за општинското радио од Пиреас „Канал 1“, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Грција во однос на процесот за членство на Косово во Советот на Европа објасни дена постојат три нивоа од кои првите две се необврзувачки, односно мислењето на надлежната комисија на Парламентарното собрание и гласањето на пратениците од ПС, кои излегоа со позитивен став.

-Но, овие две мислења се необврзувачки. Клучен орган, орган што носи одлуки за членство на Косово во СЕ е Советот на министри што ќе одржи состанок на 16 мај и ќе одлучи суверено. Независно од позициите што беа изразени, како на ниво на извештајот на Комисијата, така и на Парламентарното собрание во кое членуваат пратеници и не станува збор за влади на земјите-членки, позицијата на Грција останува цврста и непроменета. Како што сторивме и во минатото во слични случаи, Грција ќе апстинира од ова гласање, односно нема да го поддржи барањето за членство на Косово во Советот на Европа од политички причини, истакна Герапетритис.

Објасни дека иако еден од условите беше исполнет, сепак „не се исполнети некои од основните барање, како што е формирањето на Заедницата на српските општини во Косово и според тоа не е сменета суштинската политика на Грција“.

Паралелно посочи дека „Грција во надворешната политика останува принципиелна“ и истакна дека го охрабруваат дијалогот Приштина – Белград, сакаат мирно решавање на разликите, но сè зависи од волјата на инволвираните страни.

Во вторникот, Парламентарното собрание на Советот на Европа, со 131 глас „за“ го усвои извештајот на известувачката на СЕ за Косово, Дора Бакојани за членство на Косово во организацијата, а конечната одлука за членство ќе биде донесена следниот месец по гласањето на министрите за надворешни работи на Советот. /МИА

Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба

Кривична пријава за директор на ЈП „Стрежево" Битола за злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик .

- Одделот за криминалистичка полиција по добиена наредба од ОЈО Битола, презел предистражни дејствија и по обезбедена документација и извршен увид во истата, до ОЈО Битола, во координација со СВР Битола, поднел кривична пријава против М.Г. од Битола, директор на ЈП „Стрежево" Битола, соопштија денеска од МВР.

Кривичната пријава е за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување” по чл.353 од КЗ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство” од чл.275-в од КЗ во врска со чл. 22 и против Љ.М.П. од Битола, управител на правно лице од Битола.

- Имено, М.Г. знаејќи дека правното лице во текот на 2018 имало набавено тапкач за снег - ратрак, спровел постапка за јавна набавка на ратрак за потребите на ЈП „Стрежево" Битола со точно одредени технички карактеристики на потребниот ратрак како тој што го поседувало правното лице од Битола и истиот да не е постар од 1995 година, на кој оглас како најповолен економски оператор понудувач било избрано предметното правно лице од Битола, додека Љ.М.П. на конкретниот оглас доставила понуда со невистинити податоци дека ратракот кој го нуди е произведен во 1995 година, иако знаела и била свесна дека ратракот кој го поседувала е произведен 1993 година, по што бил склучен договор со наведеното правно лице на износ од 1.875.967 денари без ДДВ иако ратракот бил купен од странство за 414.492 денари, односно истиот бил набавен од ЈП "Стрежево" Битола за 4,5 пати повисока цена од набавната и за износот од 1.875.967 денари М.Г. го оштетил јавното претпријатие, а Љ.М.П. се стекнала со противправна имотна корист, појаснуваат од МВР во соопштението.

Бојмацалиев: Од земја што бараше помош од други, сега нудиме помош за справување со миграција

Од земја што бараше помош од други држави, сега нудиме помош за справување со миграција, истакна денеска дополнителниот заменик - министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во Кавадарци.

Тој со дел од раководството на МВР оствари работна посета на Регионалниот Центар за гранични работи Југ во Кавадарци, по повод одбележување на една година од почетокот на мисијата на ФРОНТЕКС во Република Македонија, заедно работење на македонската полиција, со полицијата ја Европската Унија, ФРОНТЕКС.

- Ова е значаен договор што беше постигнат, со цел да ги одбраниме и нашите граници и границите на Европската Унија, од приливот на мигранти. Тоа успешно го правиме. Овој договор има една голема историска важност. Бидејќи Министерството за внатрешни работи со тогашниот министер Оливер Спасовски ја имаше честа да го потпише првиот договор со ЕУ на македонски јазик. Со тоа ги урнавме сите лажни вести дека јазикот е продаден, јазикот не е заштитен, рече Бојмацалиев.

Со тоа, подвлече, уште еднаш се покажува дека македонската полиција е рамо до рамо со европските полиции.

- Заедно работиме и од пред некое време, веќе имаме барање и од други полиции, со цел да вршиме обуки на нивните полицајци, како се справуваме со миграцијата, додаде Бојмацалиев.

притисни ентер