Лазаров: Намалување на ДДВ за угостителство и туризам од 18 на 10%, средства за помош на фирмите и ослободување на истите од нивно враќање

„Мерките кои ќе ги презентирам денес се однесуваат на поддршка на приватниот сектор и реалната економија со цел амортизирање на економските последици од кризата и многу поважно јакнење на економските фундаменти на државата.“

На денешната прес конференција ќе промовирам дополнителен сет на мерки и политики кои се дел од преодната стратегија која што ВМРО-ДМПНЕ ќе ја спроведе во првите 100 дена од формирањето на новата Влада за поефикасно справување со здравствено-економската криза во државата.

Практично, мерките кои ќе ги презентирам денес се однесуваат на поддршка на приватниот сектор и реалната економија со цел амортизирање на економските последици од кризата и многу поважно јакнење на економските фундаменти на државата.

Во таа насока, првиот сет на мерки предвидува:

-Продолжување на субвенционирањето на плати за вработените во приватниот сектор за месеците јуни и јули во оние компании кои бележат пад на приходите за повеќе од 30% во изминативе два месеците. Дополнително, ќе се разгледа можноста и потребата од продолжување на оваа мерка и за месец август.

Всушност, на овој начин ќе се овозможи зачувување на повеќе работни места кои во моментот се сериозно загрозени поради продлабочување на самата криза.

-Целосно ослободување на компаниите од обврската за враќање на средства по основ на мерката за субвенционирање на плати за месеците април и мај независно од финансиските резултати кои што компаниите ќе ги остварат на крајот на годината.

Практично, со ова ослободување ќе се обезбеди сериозен финансиски импулс за компаниите во процесот на целосно ревитализирање на нивните бизнис активности во периодот после кризата.

-На крајот третата мерка во овој сет на мерки се однесува на отворање на нова бескаматна кредитна линија во износ од 10 милиони евра преку Развојната Банка на Македонија која ќе биде наменета за поддршка на сите компании кои имаат финансиски проблеми и проблеми со нарушена ликвидност како последица од кризата.

Дополнително, се предвидува сериозна поддршка за секторот Туризам и Угостителство како сектори кои се најпогодени од кризата.

За таа цел, ќе бидат имплементирани неколку мерки:

-Прво, намалување на ДДВ од 18% на 10% за секторите угостителство и туризам, мерка која што практично ќе важи до крајот на 2021 година.

-Ослободување или намалување на надоместокот за лиценци, такси и дозволи за угостителските субјекти до крајот на 2020 година.

-И можеби најзначајната мерка за поддршка на туризмот е субвенционирање на трошоците за одмор во домашните туристички капацитети, во износ до 40% (или во висина до 12.000 денари) за сите граѓани кои остваруваат месечни приходи, односно плата не поголема од 20.000 денари.

Со оваа мерка вистински ќе се поддржи туризмот и домашните туристички капацитети, но истовремено ќе се обезбеди поддршка и за туристичките агенции преку кои ќе може да се прават самите аранжмани.

Понатаму, Вториот сет на мерки во делот на поддршката на приватниот сектор се однесува на јакнување на конкурентноста на македонската економија со посебен фокус на преработувачката индустрија и извозниот сектор како сектори кои имаат најголем потенцијал за поттикнување на македонската економија и забрзување на економскиот раст и развој на земјата во пост-кризниот период.

Во таа насока Поддршката за јакнење на конкурентноста на индустријата предвидуваме:

-Поддршка во форма на неповратни грантови за инвестиции во набавка и инсталирање на нови машини и опрема;

-Поддршка за инвестиции во форма на купување лиценци или франшизи за производство;

-Поддршка за инвестиции во градење на нови производни линии или подобрување на постоечките производни процеси;

-Поддршка за воведување нови бизнис и организациски модели;

-Поддршка за воспоставување на современи менаџмент системи за квалитет и стандардизација.

Дополнително, предвидуваме Поддршка за јакнење на човечките ресурси и инвестиции во човечки капитал во домашните производни компании

-Таа поддршка ќе биде во форма на поддршка во форма на покривање на дел од трошоците за организирање на специјалистички обуки за инженери и технички персонал во производните одделенија, поддршка за менаџерски обуки со цел стекнување на нови менаџмент алатки за поефикасно управување на самите компании, како и поддршка за организирање на коучинг и менторинг програми со можност за ангажирање на странски консултантни и експерти;

На крај почитувани, не помалку важна е Поддршката за извозните компании која е базирана на повеќе конкретни мерки во форма на:

-Неповратни грантови за барање на нови партнери и пазари; како и за инвестиции поврзани со отпочнување на извозен процес на компании кои немаат претходно извозно искуство;

-Реформирање и зајакнување на институционалните капацитети за поддршка на извозот

-Реформирање на Развојната Македонска Банка (РМБ) во Македонска извозна и развојна банка која ќе обезбедува поддршка за извозно ориентирани домашни компании

-Градење мрежа на извозни промотори кои ќе работат со домашните компании во поддршка на извозот на одделни странски пазари;

-Менување на моделот за привлекување на СДИ со таргетирање на конкретни странски компании од одредени сектори кои ќе имаат најголеми потенцијални ефекти за домашната економија. Кога зборуваме за ефекти од странските инвестиции за домашната економија не мислиме само на висината на инвестицијата и бројот на работни места, туку многу повеќе на висината на плати што ќе ги исплаќаат странските компании на домашните вработени и степенот на ангажираност на домашните компании во нивните ланци на снабдување;

-Целосно усогласување на царинските стапки на ниво на соодветните стапки на ЕУ за одделни производи (компоненти) потребни за производство на технолошко-напредни производи. Со тоа ќе се зголеми атрактивноста на земјата за привлекување на компании кои произведуваат технолошко напредни производи.

За спроведување на сите овие презентирани мерки за поддршка на приватниот сектор и јакнење на конкурентноста на македонската економија ќе бидат одвоени буџетски средства во износ од 150 до 200 милиони евра.

Дарко Лазаров, претседател на Комисијата за економија на ВМРО-ДПМНЕ

Директорот на ФБИ: Кинески хакери се подготвуваат да ја нападнат инфраструктурата на САД

Директорот на ФБИ Кристофер Реј синоќа изјави дека хакери поврзани со кинеската влада навлегле во критичната американска инфраструктура и го чекаат „вистинскиот момент да зададат разорен удар“.

Тековната кинеска кампања за кибер-криминал, позната како „Волтов тајфун“, успешно пристапи до безброј американски компании во телекомуникациите, енергијата, комуналните услуги и другите критични сектори, при што дополнително беа таргетирани 23 оператори на гасоводи, истакна Реј.

Говорејќи на настан на Универзитетот Вандербилт посветен на одбраната, шефот на ФБИ рече дека Кина развива „способност физички да направи хаос на нашата критична инфраструктура кога и да сака“. „Планира да удри под појасот врз цивилната инфраструктура за да се обиде да предизвика паника“, додаде тој.

Реј рече дека е тешко да се утврдат намерите на акциите на Кина во кибер-просторот, но тие се во согласност со пошироката намера на Пекинг да ги одврати САД во одбраната на Тајван. /МИА

Амбасадата на САД во Израел им порача на вработените и на семејствата да ги ограничат движењата

Амбасадата на САД во Израел денеска им порача на своите вработени и нивните семејства да ги ограничат своите движења по извештаите дека Израел извршил напад врз цели во Иран.

„По извештаите дека Израел извршил одмазднички напад во Иран, вработените во американската влада и членовите на нивните семејства се ограничени од лични патувања надвор од поголемиот дел од Тел Авив, Ерусалим до понатамошно известување“, се вели во безбедносното советување објавено од Амбасадата на нејзината веб-страница. /МИА

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова во врска со полагањата во Академијата зa судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев” за време на предизборниот процес.

Приговорот од Силјановска - Давкова најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот пишува дека Академијата во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

- Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска - Давкова.

Директорката на Академијата, Наташа Габер - Дамјановска на седницата на ДКСК на 10 април рече дека процесот на тестирање на слушателите за идни судии и јавни обвинители почнал во јануари 2023 година и се уште трае.

-Воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер - Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши и оти не се работи за класично вработување.

притисни ентер