КЗБ: Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки

Соопштение од Комисија за заразни болести.

На денешниот состанок Комисијата за заразни болести ја разгледа епидемиолошката состојба во земјата. Во изминатата недела се забележува благ пораст на бројот на нови случаи (8,5%), што е значително понизок пораст споредено со претходната недела (55,7%) и е во согласност со намалувањето на репродукцискиот број (Р0). Република Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор.

Во овие услови, Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи. Од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се Ковид позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски.

Останува силната препорака/апел за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против Ковид-19.

На Елвис Присли му било судено да умре млад!

Трагедијата веројатно е последица на инцест

На 18-ти август се навршуваат 45 г. од смртта на кралот на рокенролот Елвис Присли

(1935-1977). Официјално, тој умрел како последица на срцев удар, а на истиот ден 19 г. претходно умрела неговата мајка Гледис.

Сели Ходел, биограф на познатиот пејач, проучувајќи го неговото семејно стебло, дошла до заклучок дека нему му било судено да умре млад бидејќи неговите баба и дедо од мајчина страна биле блиски роднини. Наводно, неговата баба страдала од туберколоза, а Сели верува дека таа наводно била погрешно лечена и имала генертско нарушување кое се пренесувало со генерации. Ситуацијата дополнително се влошила со нејзината мажачка за близок роднина, па најверојатно мајката на Елвис, Гледис, наследила два оштетени гена и имала сериозно срцево заболување кое подоцна го пренела и на нејзиниот син. Од ова дегенеративно заболување на срцето страдале сите роднини од мајчината страна на пејачот, вклучувајќи ги неговата мајка и баба.

Сели Ходел воочила голема сличност на смртта на Елвис Присли со смртта на неговата мајка Гледис која починала на 46 г. поради проблеми со срцето.

И нејзините тројца браќа, вујковците на Елвис, починале во слични години од срцеви и белодробни заболувања.

Ходел истакнува дека Елвис пиел разни медикаменти кои му ги препишувале докторите за полесно да се избори со тешките турнеи. Но, во својата книга Сели тврди дека падот на Елвис Присли не е предизвикан од употребата на лекови, туку поради сериозната болест од која страдал.

Кралот на рокенролот беше пронајден мртов на 18-ти август 1977 г. во бањата на својата куќа во Мемфис. Лекарите соопштија дека починал од срцев удар кој најверојатно бил предизвикан од прекумерната употреба на лекови.

Двегодишно девојче од Турција гризнало змија, животното ѝ вратило (ВИДЕО)

На истокот на Турција, во село во близина на градот Бингол, змија каснала двегодишно девојче, по што детето ја каснало змијата, пишуваат турските медиуми.

Девојчето е пренесено во болница и е во добра состојба.

Таткото на девојчето за локалните медиуми изјавил дека инцидентот се случил во дворот на семејната куќа.

„Додека бев на работа ми се јавија и ми рекоа дека моето дете го каснало змија. За среќа, додека стигнав детето веќе беше пренесено во болница. Како што ми кажаа соседите, детето ја држело змијата во рака и си играла со неа кога го каснала.Им благодарам на моите соседи и Господ нека ги благослови“, изјавил таткото Мехмет Еркан.

Соседот кој го видел малото девојче како ја гризе змијата го оддалечил животното од двегодишното дете и повикал помош. Змијата ја каснала за долната усна.

"Лекарите ми рекоа дека наодите се чисти и дека таа треба да биде под опсервација 24 часа. Би ги повикал родителите да внимаваат на своите деца. Секогаш внимавајте на нив", рекол таткото на девојчето.

Инцидентот се случил минатата среда.

На изборите во Бразил на Болсонаро ќе му се спротистави претходникот, излезен од затвор

Изборната трка за бразилски претседател, официјално започнува денеска, а ќе ја одбележи борбата меѓу актуелниот Жаир Болсонаро и поранешниот левичарски претседател Луис Инасио Лула да Силва.

Главните кандидати, Болсонаро и Лула, кои всушност водат кампања со месеци, на настани како дел од кампањата, ќе ги покажат своите сосема спротивни стилови. Болсонаро (67) планира да ја започне својата кампања со митинг во Јуиз де Фора, малиот југоисточен град каде што беше избоден и за малку убиен од напаѓач за време на неговата кампања во 2018 година.

Нападот го зацементира имиџот на Болсонаро меѓу поддржувачите како борец против политичкиот естаблишмент. Неговиот имиџ е нарушен од серија кризи што го погодија Бразил - од пандемијата на „Ковид-19“ до зголемената инфлација.

Лула (76), кој води во анкетите, ќе ја започне својата кампања со посета на фабриката на Фолксваген во Сао Бернардо до Кампо, во индустриското срце на државата Сао Паоло, каде што ја започна својата политичка кариера како синдикален лидер.

Двата настани се полни со симболика, рече политичкиот аналитичар Адријано Лаурено, кој ја нарече трката „најполаризирачки претседателски избори од враќањето на демократијата“ во Бразил кон крајот на 1980-тите.

„Болсонаро се обиде да изгради божествено избран наратив за неговото претседателствување во која преживувањето откако беше прободен одигра централна улога“, рече Лаурено од консултантската компанија „Проспектива“.

„Лула секогаш се обидува да се врати во Сао Бернардо во клучните моменти од неговата политичка кариера, претставувајќи се себеси како човек на народот“, изјави тој за АФП. Според последната анкета на Институтот „Ипек“, објавена вчера, Лула моментално води со 44 отсто од гласовите, додека Болсонаро може да смета на 32 отсто од гласовите.

Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од важечките гласови на изборите на 2 октомври, вториот круг ќе се одржи на 30 октомври.

Од март минатата година изборот се сведе на Болсонаро и Лула откако Врховниот суд ја укина пресудата за корупција против Лула, поради што тој заврши во затвор и ја напушти политиката. Лула беше уапсен како дел од операцијата „Car Wash“, масовна истрага за системска корупција околу државната нафтена компанија „Петробрас“.

Лула, претседател од 2003 до 2010 година, ја напушти функцијата како најпопуларен претседател во историјата на Бразил, а неговиот мандат доживеа економски бум кој извлече 30 милиони луѓе од сиромаштија.

Болсонаро смета на нова голема програма за благосостојба за да ја зголеми својата популарност и да го намали јазот со Лула. Сè уште е рано за целосниот ефект на програмата да се види на анкетите. Многу Бразилци стравуваат дека доколку Болсонаро загуби, ќе ги следи стапките на неговиот политички модел, поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој не ги признава резултатите од претседателските избори во САД.

Болсонаро, кој редовно тврди дека има измами во електронскиот систем на гласање во Бразил, сака да каже дека „само Бог“ може да го отстрани од функцијата.

притисни ентер