Кривична пријава за поранешна раководителка во Центар за вработување при АВРМ

Кривична пријава за поранешна раководителка во Центар за вработување при АВРМ за злоупотреба на службената положба и овластување.

Кривична пријава против лицето С.А.(36), раководител во Центар за вработување при АВРМ, денеска поднесе Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување", предвидено и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што појаснуваат во соопштението од МВР, пријавената го сторила кривичното дело во својство на службено лице од позиција на раководител, при што во периодот од 01.01.2014 до 30.04.2017, злоупотребила и ненаменски искористила парични средства од благајната на Центарот за вработување при АВРМ, кои биле одобрени за службени потреби и репрезентација на Центарот.

Таа со намера за себе да прибави корист, злоупотребувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на службените овластувања, вршела набавки на стоки и услуги за свои лични потреби, а не за потребите на службата.

– С.А. со злоупотреба на својата службена положба и овластувања, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за извршување на буџетите и Законот за спречување на корупција, во периодот 2014-2017 година, за свои лични потреби и за своја сметка нанела штета на Буџетот во вкупен износ од 635.065 денари (10.325 ЕУР),се наведува во соопштението од МВР.

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

притисни ентер