Крим техника од МВР извршиле увид во салата по демолирањето на техничката опрема од пратеникот Крмов, кој заедно со Апасиев фрлаа хартија и во потпретседателот на Парламентот, Горан Мисовски.
Дали и за што ќе одговараат Крмов и Апасиев допрва ќе се утврдува. Од МВР за Канал 5 велат дека го известиле Обвинителството, од каде ни потврдија дека јавен обвинител дал наредба за обезбедување снимки од видео надзорот.
Во тек се проценки и од страна на собраниска комисија, осигурителна компанија и Бирото за судски вештачења, велат од Собранието. Спикерот Талат Џафери вели дека штетата ќе треба да ја плати пратеникот Крмов кој го кршеше инвентарот. Тој потсетува дека пратеник има имунитет само за кажаното на собраниската говорница, а не и околу неа.
- Ако некој од вработените направи штета на работа, тој го плаќа трошокот. Tака ќе биде и во овој случај, изјави Џафери.
Крмов денеска кажа дека материјалната штета која ја предизвикал ќе ја плати, но според него штетата од процесот со кој се укинала парламентарна демократија е неповратна.
И додека штетите се проценуваат, партиите од власта и опозиција меѓусебно се прозиваат кој е соработник со Левица. Од ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение реагираат дека инцидентот е театар договорен со ДУИ и СДСМ и прашуваат зошто Левица, вака не реагирале, за други, далеку поважни теми, отколку измени на деловник на Собрание.
- Хистеријата што ја демонстрираат, укажува на тоа колку нестабилни се овие личности и колку се ризични, штетни и непредвидливи сами за себе и за државата. Среќа што државата нема нуклеарно оружје, не се сомневаме дека Апасиев би го употребил, онака лефтерно и истовремено афектно, насочувајќи го врз Собранието, велат од опозициската партија.
Од СДСМ, пак, реагираат дека целата македонска јавност била сведок на каков хаос следи со Левица и како што велат ВМРО-ДПМНЕ. За дивеењето мора да им одговорност од пратениците на Левица, повторуваат од владејачката партија…
- Целата македонска јавност виде со Левица и ДПМНЕ каков хаос следи, тие се лонче и капаче. Дивеењето на Левица во Собранието е потврда на она што го говориме цело време. Со Левица и нивниот коалициски партнер ДПМНЕ можни се само инциденти, насилства и хаос.-СДСМ.
Инцидентот Апасиев и Крмов го предизвикаа вчера откако не им беа прифатени и заверени повеќе од 2.000 амандмани, за новиот Деловник на Собранието, со кој, сметаат дека веќе нема да биде возможно да се блокираат закони со т.н. филибастеринг.
И покрај инцидентот и тензичната атмосфера Собранието со 83 гласа „за“ и двајца „против“ го донесe новиот Деловник за работа на парламентот, што ќе се применува од наредниот собраниски мандат, а беше постигнат меѓу најголемите партии во Собранието во рамки на дијалогот „Жан Моне“ со посредство на неколку европратеници.