Кремљ реагираше на влезот на Финска во НАТО: Тоа е напад врз нашата безбедност

Руската државна новинска агенција РИА ја пренесе изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека „влегувањето на Финска во НАТО е уште едно влошување на ситуацијата, а проширувањето на алијансата е нарушување на безбедноста на Русија“.

Во исто време, тој истакна дека оваа ситуација е суштински различна од проблемот со Украина бидејќи Финска никогаш не била против Русија, пишува „The Guardian“. Песков, исто така, рече дека структурата на НАТО е непријателска кон Русија и дека Москва ќе биде принудена да преземе контрамерки за да ја обезбеди безбедноста на Русија.

За потсетување, Финска денеска ќе влезе во НАТО, проширувајќи ја одбранбената алијанса на 31 членка откако ќе го надмине противењето на Турција. Барањето го поднела заедно со Шведска во мај 2022 година, по руската инвазија на Украина.

Турција продолжува да ја блокира кандидатурата на Шведска за членство поради низа спорни прашања, вклучително и загриженоста на Анкара поради, како што вели, недостигот на соработка во борбата против тероризмот. Членките на НАТО мора едногласно да се согласат да примат нови земји, пренесе Индекс.хр.

Директорот на Наполи: Разговараме со Кварацхелија за нов договор

Спортскиот директор на Наполи Џовани Мана информира дека клубот е во преговори со напаѓачот Квича Кварацхелија за продолжување на неговиот договор.

- Комуницираме за нов договор. Не брзаме и не сме под притисок. Фудбалерот има уште три години од актуелниот договор. Смирени сме и преговараме, го цитира Мана на социјалната мрежа Икс инсајдер Фабрицио Романо.

На 1 октомври беше објавено дека клубот му нуди на 23-годишниот Грузиец плата од шест милиони евра годишно за продолжување на договорот.

Кварацхелија игра за Наполи од јули 2022 година. Во тековната сезона постигна три гола и две асистенции на девет натпревари за тимот од Неапол.

Актуелниот договор на Грузиецот со италијанскиот клуб е со важност до крајот на јуни 2027 година. Сегашната плата на Кварацхелија изнесува 4,6 милиони евра годишно./МИА

Катами: Хезболах е подготвен за израелско копнено напредување

 Заменик-лидерот на политичкиот совет на либанската милитантна група Хезболах, Махмуд Катами, изјави дека групата е подготвена за израелско копнено напредување.

-Хезболах ги спречи израелските сили да се инфилтрираат на либанска територија, изјави Катами за Ал Џезира.

Според него, ракетите на Хезболах достигнале дострел од 150 километри со задржување на брзината на лансирање.

-Секоја територија што Израел ќе се обиде да ја преземе ќе се претвори во гробишта за неговите војници и тенкови, посочи тој.

Катами додаде дека шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, вчера се сретнал со раководството на Хезболах и изјавил дека Техеран стои со Либан.

-Хезболах делува на бојното поле и нема да влегува во преговори додека е под оган, нагласи тој.

Катами рече дека Израел е тој што го отфрла прекинот на огнот и дека Израел и изралскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не сакаат да ја прекинат војната.

По неколкудневни тешки воздушни напади врз Бејрут и низ јужен Либан, Израел на 1 октомври објави дека неговата војска започнала „ограничени, локализирани и насочени копнени напади“ против Хезболах.

Целта на израелската Влада е обезбедување услови за безбедно враќање на жителите од пограничните области, што беа раселени по нападите на Хезболах./МИА

Тошковски: Да се фокусираме на професионалноста, а не на етничкиот предзнак

Никогаш во животот не му значело дали е некој Македонец, Ром, Бошњак, Турчин или Србин, туку колку си ја знае работата и колку е професионален.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска порача дека кога станува збор за вработувањата и назначувањата во институциите, но и генерално, во сите општествени сфери, приоритет мора да бидат знаењето, капацитетот и професионалноста, а не етничкиот предзнак.

Како што нагласи на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање колкав е бројот на Албанци на управувачите позиции во МВР, никогаш во животот не му значело дали е некој Македонец, Ром, Бошњак, Турчин или Србин, туку колку си ја знае работата и колку е професионален.

-Пред вас господинот што седи е Албанец и од мене е назначен за помошник министер, но не поради неговиот етнички предзнак, туку зашто има огромно искуство во МВР и огромен професионален капацитет. Од него очекувам да даде многу во она што ќе следи во насока на професионализација на полициските службеници. Кога зборуваме на тема МВР, професионални стандарди и потреба на граѓаните, не треба да зборуваме од аспект на етнички предзнак. Никогаш не ми значело кога одам на лекар дали докторот е Албанец, Ром, Бошњак. Макеодонец, Србин, Турчин, Англичанец,... Никогаш не ми значело кога одам на судење, дали судијата е Ром, Влав, Турчин, а секогаш ми значаело дали е професионален, колку знаење и капацитет има. Така треба да ги гледаме работите, рече Тошковски откако претходно се осврна на сработеното во изминатите 100 дена.

Потоа соопшти и конкретни бројки за етничката застапеност во Министерството.

-Во рамки на управните служби во Скопје 51,96 отсто се Македонци, 39,37 се Албанци, а 8,67 проценти се од друга националност. Во ОУР Тетово има 23,6 отсто Македонци, 66,29 проценти Албанци, а во ОУР Куманово 52,83 отсто Македонци, 45,28 отсто Албанци и 1,89 други националности. Мора да се фокусираме на професионалноста за добото на народот, подвлече министерот.

притисни ентер