Ковачки: Ковачевски залудно ретерираше, неговиот предлог пропадна, следи оставка

ВМРО-ДПМНЕ и народот победија. Последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна, рече Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Напорите кои што ги вложивме заедно со народот ја спасија нацијата од асимилација. Победата е наша, бидете горди, затоа што сите вие сте дел од генерацијата која спречи бугаризација.

Им благодараме на интелектуалците, академската заедница, новинарите, колумнистите и сите други општествени чинители кои што заеднички се спротивставија на предлогот.

Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата.

Димитар Ковачевски 6 месеци преговара и го договара овој предлог. Овој срамен и понижувачки предлог кој директно е на штета на македонските национални интереси. Ова што сега го карактеризираат како неприфатлив предлог пред само месец владата го усогласила. Имено, пред само еден месец преговорите ги преземал тим од МНР на Франција и кабинетот на претседателот на Франција и по усогласување на предлогот во детали, од македонската страна биле побарани забелешки кон текстот.

Барањата и објаснувањата од македонската влада биле:

1. Меѓувладината конференција да отпочне веднаш, а се друго во предлогот било во ред и било прифатливо за нив;

2. Побарале предлогот да оди на брзо усвојување во Бугарија, со цел македонската јавност да не се запознае во детали со предлогот, а во тоа брзање и налет, оваа влада на СДСМ и ДУИ имале план да направат еуфорија дека почнуваме преговори. Веќе употребена лоша тактика, која ВМРО-ДПМНЕ и народот ја препознаа;

3. Со така создадената еуфорија сакале да ја применат нивната политичка тактика - „морков или стап“ надевајќи се дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе немаат избор освен пред свршен чин да ги поддржат уставните измени.

Ковачевски, СДСМ и ДУИ го потценија македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, но уште еднаш покажавме дека заедно никогаш нема да дозволивме ова да се случи, затоа што гласно кажавме НЕ.

По одлучната акција на ВМРО-ДПМНЕ, тактиката на СДСМ и Ковачевски пропадна. Залудни се обидите Ковачевски да одбива предлог кој самиот го создал, работел на него, и го одобрил.

Залудни се и политичките пазарења на Ковачевски, залудни се оправдувањата дека, после ваков јавен притисок, ако го прифати предлогот ќе останел без влада, и жестоко ќе ги загубел предвремените парламентарни избори за кои самиот ценел дека неминовно ќе се случат.

Ковачевски и неговата влада веднаш по враќањето од Брисел имаат обврска да ја депонираат својата оставка до Собранието. Одговорност за ова мора да има.

Одговорност затоа што ја лажеа македонската јавност дека не преговарале, а биле дел и го пишувале документот кој што значел бугаризација на Македонија.

Македонија победи.

СДСМ: Не успеа црното сценарио на Мицкоски Левица и Алијанса за Албанците

Не успеа обидот на Христијан Мицкоски заедно со неговите партнери Левица и Алијанса за Албанците да реализираат некакво црно сценарио.

Мицкоски вечерва се обиде да глуми жртва а лажен напад со цел да предизвика меѓуетнички инциденти за да ги одржи во живот неговите лажни протести.

Повеќе детали на вонредната прес конференција на портпаролот на СДСМ закажана за 22.00 часот во седиштето на СДСМ.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

МНР: Наводите дека во францускиот предлог македонскиот јазик „не е чист“ се неточни

Наводите дека во францускиот предлог македонскиот јазик „не е чист“ се неточни, опасни и им штетат на интересите на државата.

Министерството за надворешни работи вечерва соопшти дека најостро ги демантира наводите кои се споменуваат во јавноста дека македонскиот јазик „не е чист“ во француската предлог преговарачката рамка за отпочнување на преговорите на Македонија со Европската Унија.

– Ваквите наводи се неточни, опасни, ја доведуваат во заблуда јавноста и им штетат на интересите на државата. Ја информираме јавноста дека македонскиот јазик е неспорен и не е условен во предлог преговарачката рамка, која меѓу другото е преведена (и објавена) на македонски јазик од страна на преведувачките служби на Советот на ЕУ. Став 22 од предлогот недвосмислено кажува дека правото на ЕУ ќе се преведе на македонски јазик: “Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски јазик пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување.”, се наведува во соопштението.

Од МНР посочуваат дека согласно позициите консензуално утврдени од страна на нашето Собрание во Декларацијата за спорот со Република Бугарија, наша цел беше позицијата на Република Бугарија во однос на македонскиот јазик да не стане и позиција на ЕУ, а во оваа предлог рамка тоа е целосно исполнето.

– Практичната потврда за ваква неспорна употреба на македонскиот јазик ќе биде потпишувањето на Договорот за Фронтекс, со стандардна клаузула каде е наведен македонскиот јазик (без фусноти или дообјаснувања). Потпишувањето на Договорот за Фронтекс е предвидено да се случи веднаш по одржувањето на првата Меѓувладина Конференција помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ и државите членки. Оттука, овој меѓународен договор меѓу Република Македонија и ЕУ, односно, државите членки, и на македонски јазик, ќе стане дел од законодавството на ЕУ, се истакнува во соопштението.

Според МНР, со овој договор, и нему сличните во иднина, како и со преводот на правото на ЕУ на македонски јазик во текот на преговорите за членство, македонскиот јазик ќе биде вклучен на исто рамниште во групата на официјални јазици на ЕУ, по нашиот прием во ЕУ.

– Тврдењето дека Република Македонија требала да бара цврсти гаранции преку внесување на поглавјето 34 во преговарачката рамка е погрешно и манипулативно. Поглавјето 34 се дискутира на крајот на преговарачкиот процес, кога е извесно дека земјата кандидат ќе стане земја членка на ЕУ. Ова поглавје не е ексклузивно посветено на внесување на јазикот на земјата кандидат за членство во семејството на официјални јазици на ЕУ и уште помалку има амбиција да признава јазици, поосчува Министерството.

МНР наведува дека во поглавјето 34 се разработуваат институционалните и процедуралните правила на ЕУ и видовите адаптации кои се неопходни да се направат во постоечкото ЕУ право за да внесе во прием новата земја членка (на пр. соодветната застапеност на новата земја членка во телата на ЕУ итн.), а земја кандидат нема процедурална можност да го отвора ова поглавје ниту да го дискутира пред отворањето на преговорите.

– Министерството за надворешни работи, заедно со Владата на Република Македонија и сите релевантни чинители, ќе работи напорно во претстојниот период да ги надмине сите недоразбирања со Република Бугарија, согласно со Договорот за добрососедски односи, и со цел обезбедување на непречени преговори и брза интеграција на Република Македонија во ЕУ. Предлог рамката со недвосмислен македонски јазик и идентитет претставува основа за започнување на процесот на преговори, се додава во соопштението на МНР.

Левица: СДС и ДУИ се единствен фактор на дестабилизација

Граѓаните вечерва беа сведоци на уште едно насилничко сценарио на пробугарската СДС и терористичката ДУИ, кога група кај Мавровка се обиде да ги каменува мирните демонстранти. 

Дел од лицата очигледно имаа намера да пукаат кон групата, а веќе во јавноста излегоа слики дека се работи за лица кои се партиски активисти на власта.

Јасно е дека се работи за смислено сценарио на власта во пад, со оглед на фактот дека пред неколку дена министерот Бујар Османи најави дека одбивање на предлогот ќе предизвика меѓуетнички тензии.

Фактот што народот се обедини како никогаш досега против таканаречениот француски предлог, доведе да СДС и ДУИ прибегнат кон нивните познати тактики на сценирани конфликти.

Тоа што министерот Оливер Спасовски постојано најавува дека има информации за тензии, наместо да преземе активности за да ги превенира истите - само потврдува дека хибридниот режим не избира методи за да ја спаси власта.

Денес бевме сведоци дека и покрај исценираните настани од вчера, илјадниците кои излегоа на протест не подлегнаа на провокациите кај Мавровка и продолжија да маршираат.

Единствени генератори на криза, поделба и меѓуетнички тензии се врховистичката СДС и амнестираната ДУИ.

Едно е јасно, народот излегува секој ден помасовно да протестира против распродавањето на АСНОМ-ските вредноста од една генерација на купени и уценети политичари.

Народот доаѓа по своето и нема сила која може да го сопре.

Политичка партија Левица

притисни ентер