Ковачевски во Собранието ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа

Составот на владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива.

Мандаторот за состав на новата влада на Република Македонија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално му ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

-Составот на владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на Владата. Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада, рече Ковачевски откако во Собранието ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

Според него, клучен и прв приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата која што е европска енергетска криза и која што се чувствува и во РМ.

-Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието на РМ во декември, рече Ковачевски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање зошто одлучил да направи компромис и во новата влада да задржи дел од претходните министри истакна дека во донесувањето на одлуките се водел од принципите на исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори.

-Предлогот беше таков да имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден ресор одат во друг. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговараат повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година, рече Ковачевски.

На прашањето дали со тоа што одлучил одредени министри од претходната влада да не се дел од предлог составот за новата сака да прати порака дека не е задоволен од тоа како се работело во ресорите со кои управувале, или само станува збор за политичка одлука заради балансирање помеѓу барањата на коалициските партнери, мандатарот Ковачевски истакна дека тие министри понеле товар во две исклучително тешки кризни години, но оти сами најавиле дека нема да учествуваат во новата влада.

-Тие веднаш по оставката на премиерот Заев ги понудија исто така своите оставки, односно комплетно растеретени од учеството во новата влада. Јас за нив сметам дека добро ги извршуваа своите задачи со тоа што во еден дел имаме ресори коишто низ преговорите се кај друг коалиционен партнер, а во друг случај имаме министри коишто одлучија својата кариера да ја насочат во друга насока, рече Ковачевски.

Во врска со евроинтеграциите на земјава, тој нагласи дека тие и натаму остануваат врвен приоритет на владата.

-Доколку ја погледнете Програмата, таа сега ќе биде доставена и до пратениците, цело поглавје е посветено на евроинтеграциите. Ние сме членка на НАТО и тоа е најголемата придобивка која што ја имавме од владата предводена од СДСМ и коалициските партнери бидејќи беа донесени навистина тешки и големи одлуки за државата. Второ, ЕУ е наша стратешка цел и ние заслужуваме отворање на преговори со ЕУ, што е резултат и на четирите последователни позитивни извештаи од страна на ЕК. „Отворен Балкан", исто така, е адресиран во Програмата бидејќи сметам дека регионалната соработка која што се базира на европски вредности и која што заснова на четирите слободи на ЕУ исто така е застапена и ќе продолжиме кон таа регионална соработка, рече претседателот на СДСМ и мандатар Ковачевски.

Тој дополни дека во новата програма е адресирано и прашањето за предизвикот којшто го имаме со Република Бугарија и притоа нагласи дека само низ дијалог, меѓутоа низ дијалог којшто е насочен кон иднината, кон проекти коишто значат подобро поврзување на граѓаните, на економиите, на културата помеѓу државите и на градење на една таква соработка и враќање на довербата, може да дојдеме до заедничко прифатливо решение.

Тоа решение, вели, мора да се базира на европски вредности, кое што ќе го задржи достоинството на граѓаните на двете држави и, како што нагласи, ќе овозможи Македонија конечно да го добие датумот за првата меѓувладина конференција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава на крајот од декември, најави дека ако предлогот за нова влада пристигне до 11 јануари, во консултации со пратеничките групи, ќе определи датум за одржување седницата, која најверојатно би била на 15-16 јануари. Додаде дека очекува новата Влада да биде изгласана на 16, пред 24 часот, и таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.

Љутков: Гевгелија е Град на културата за 2025 година

Гевгелија е Град на културата за 2025 година, соопшти министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска заедно со државниот секретар, Марија Ѓоргова, ги посети институциите од областа на културата во овој град.

Министерот Љутков потсети дека Гевгелија вторпат, по 2011 година, е носител на оваа манифестација, а тоа ја потврдува посветеноста на градот повторно да биде во центарот на културните настани во Македонија.

„Ова признание не е само чест, туку и обврска. Тоа е потврда дека Гевгелија, со својата богатa културна традиција, повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам стои зад вас и ја поддржува оваа манифестација со 3 милиони денари, со цел да создадеме програма со повеќе од 140 настани во текот на целата година, програма што ќе го освежи културниот живот во овој град“, рече министерот Љутков.

Љутков ја посети и Старата чаршија во Гевгелија, за чија комплетна реставрација, од буџетот на Владата се издвоени 40.675.095,00 денари, со што Гевгелија ќе добие нова визуелна и функционална димензија.

„Овие проекти ќе ја подобрат инфраструктурата и ќе создадат простор за културни настани и уметнички проекти, со што ќе се негува традицијата и ќе се поттикнат нови културни трендови“, рече Љутков.

Според министерот Љутков, Гевгелија, со својата локација и природни убавини, привлекува многубројни туристи, а сега, како што рече, со статусот Град на културата, ќе понуди нови искуства и можности за уживање.

Во рамките на посетата на Гевгелија, министерот Љутков, заедно со своите домаќини, ги посети НУ Музеј – Гевгелија и црквата „Свети Атанасиј“ во село Габрово, соопштуваат од Министерството.

Бен Афлек е 20 години вљубен во Џесика Алба, сега има можност за врска (ФОТО)

По неодамнешниот развод со Џенифер Лопез, Бен Афлек наводно се насочил кон познатата актерка Џесика Алба, која исто така неодамна се разведе по 17 години брак.

Извори за странските медиуми изјавија дека актерот долго време бил вљубен во Алба. „Добро чувана тајна е дека Бен Афлек имал љубов со Џесика Алба пред многу години“, рекле тие и додале: „Тој се интересира за неа речиси 20 години. Сепак, нивните патишта никогаш не се вкрстиле. До сега. Тие имаат силна врска и секогаш кога поминувале време заедно во минатото, хемијата меѓу нив се разбранувала“.

„Бидејќи и двајцата сега се сингл и нивните деца се пораснати, изгледа дека е совршено време нивната врска да процвета“, заклучил изворот.

Раскинувањето на Бен Афлек и Џенифер Лопез се случи пред повеќе од шест месеци, а оттогаш Афлек се поврзува и со Кик Кенеди, ќерката на Роберт Кенеди Јуниор, но таа гласина набрзо беше демантирана.

Исто така, во средината на јануари, Џесика Алба го потврди разводот од Кеш Ворен по речиси 17 години брак. Една недела откако се појавија извештаите за нивната разделба и можен развод, актерката ја потврди веста на социјалните мрежи. „Со години сум на патување на себеоткривање и трансформација – и како поединец и во партнерство со Кеш“, ја започна својата објава на Инстаграм.

„Горда сум на начинот на кој растевме во нашиот брак во изминатите 20 години, но сега е време да започнеме ново поглавје на раст и развој како поединци. Одиме напред со љубов, добрина и почит еден кон друг и засекогаш ќе останеме семејство. Нашите деца остануваат наш најголем приоритет и бараме приватност во овој момент“, порача таа.

Прогласена е вонредна состојба на Санторини, Грција донесе драстични мерки на сила до 1 март

На грчкиот остров Санторини е прогласена вонредна состојба по серијата силни земјотреси кои со денови го потресуваат островот, принудувајќи илјадници луѓе да се евакуираат.

Најсилниот земјотрес, со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала, го погоди островот вчера вечерта, а се случи на длабочина од пет километри, по напливот на сеизмичката активност.

Илјадници луѓе го напуштија Санторини и околните острови во Егејското Море поради страв дека допрва треба да дојде уште еден – многу поинтензивен земјотрес, кој може да доведе до цунами или дури и вулканска ерупција.

Грчките власти претходно денеска најавија драстични мерки кои ќе важат до 1 март, објави Real.gr.

„Со одлука на Генералниот секретаријат за цивилна заштита, општина Тира прогласува вонредна состојба, со цел да се одговори на вонредните потреби и да се справат со последиците од сеизмичката активност што неодамна се случи во споменатото подрачје. Оваа одредба ќе важи до 1 март“, се наведува во соопштението.

Забележано е дека премиерот Киријакос Мицотакис утре ќе отпатува за Санторини за да ги информира одговорните за сеизмичката активност што го потресе островот. Премиерот ќе биде придружуван од министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Василис Кикилијас.

Стотици туристи и жители го напуштија островот со траект, додека многу други побрзаа да одлетаат пред нов земјотрес да го погоди островот.

Брод на крајбрежната стража и воен десантен брод се распоредени во случај да биде потребна евакуација, потврди министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас на вонредниот состанок со безбедносните службеници, научниците и премиерот во Атина.

Неколку помали земјотреси, со јачина од 2,4 до 4,5 степени според Рихтеровата скала, беа почувствувани и на Додеканезите, на околу 240 милји од Санторини, во последните 24 часа.

Засега не е забележана поголема штета на островот, но властите преземаат мерки на претпазливост.

На луѓето им се советува да избегнуваат големи собири во затворени простории, мали пристаништа и области каде што може да се случат одрони.

На хотелите им е кажано да ги испразнат своите базени за да се намалат потенцијалните штети на зградите.

Исто така, постојат стравувања дека посилен земјотрес може да предизвика цунами, па властите ги предупредија луѓето да се држат подалеку од крајбрежните области.

Мерки на претпазливост се преземени и на неколку блиски острови во Егејското Море, кои сите се популарни дестинации за одмор, откако во изминатите три дена беа регистрирани повеќе од 200 подводни земјотреси.

притисни ентер