Мандатарот Димитар Ковачевски на собраниската седница која започна претпладне со единствен дневен ред – избор на нова Влада, ја претстави програмата.
Пораст на БДП со удвојување на стапките на економски раст од 2,5 на 5 отсто просечен раст, потоа зголемување на пензиите, но и намалување на стапката на невработеност до 11,4% во 2024 и достигнување едноцифрена зона од 8,6% до крајот на 2026 година, ќе бидат во фокусот на Ковачевски кој најави пораст на минималната плата и раст на просечната.
Освен членството во НАТО, Ковачевски во експозето се осврна и на евроинтеграциите и предизвиците со кои се соочени македонската и бугарската влада, кои според него, имаат одлучност да изнајдат решенија низ дијалог и соработка околу отворените прашања.
Доста е со поделби на луѓето, граѓаните и министрите на наши и ваши, рече Ковачевски, додавајќи дека е време да се испорачаат решенија додека време на располагање има малку.
Димитар Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ откако претходниот претседател на партијата Зоран Заев поднесе оставка по изборниот пораз на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година. Ковачевски рече и дека новата влада има целосен институционален и формално правен легитимитет и дека предвремени парламентарни избори не се решение.
Гласањето за новиот владин кабинет, кој брои 21 министерско место треба да заврши до утревечер на полноќ.