Ковачевски: Со Винската визија на Отворен Балкан овозможуваме натамошен раст на винскиот сектор

​Земјите од Отворен Балкан денеска заедно го промовираа најголемиот регионален саем за вино „Винската визија на Отворен Балкан”. 

Премиерот Димитар Ковачевски во присуство на претставници на Владите на Македонија, Србија и Албанија, земјите членки на Отворен Балкан, денеска во Скопје, се обрати на промоцијата на најголемиот регионален саем за вино и успешна винска приказна „Винската визија на Отворен Балкан".

Минатата година, во рамките на Отворен Балкан виното беше промовирано како најзначаен производ на регионот, што беше потврдено на првиот вински саем „Винската визија на Отворен Балкан“, кој го имаше своето прво издание минатата година во Белград и предизвика огромно медиумско внимание. Во насока на јакнење на потенцијалот на овој заеднички вински саем, во периодот до неговото второ издание оваа есен, земјите членки организираат промоции на саемот низ регионот.

Премиерот Ковачевски истакна дека, земјите од Отворен Балкан се заедно, тие секогаш биле заедно и секогаш ќе бидат заедно во овие простори, меѓутоа разликата е што како сега никогаш во минатото не соработувале заедно, и таа соработка се гледа токму преку настани и преку вакви активности како што е винскиот саем, „Винска визија на Отворен Балкан“ кој што прерастува во еден од трите најголеми саеми за вино во светот.

„Она што е резултат на Отворен Балкан сега веќе се гледа и низ бројки. Размената и трговијата помеѓу трите држави е зголемена за 25 проценти. Размената со Србија надмина 1.1 милијарда евра што е најголемо ниво во последните 17 години. Само минатата година размената со Албанија е зголемена за 40 проценти, со Србија е зголемена за 50 проценти. Воведовме зелени ленти за транспортерите за нашите три држави да не чекаат на границите. Воведуваме системи за електронска идентификација со која што работниците ќе можат слободно да се движат помеѓу нашите три држави. И практично ги спроведуваме трите слободи на ЕУ, тука кај нас, на Балканот така како што доликува. Ќе го повторам уште еднаш она што го кажав во Италија и што го кажав и пред тоа дека нашите држави се братски држави. Нашите граѓани заслужуваат да комуницираат помеѓу себе слободно. На нашите граѓани на трите држави не им требаат граници како што не им требаат граници на земјите од ЕУ, и затоа јас секогаш ќе бидам посветен на зголемувањето на соработката, на зголемувањето на комуникацијата, трговијата, зголемувањето на инвестициите во сите три држави бидејќи тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат“, рече Ковачевски.

Топло добредојде на делегациите од Србија и Албанија им посака и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

„Визијата која ја имавме пред неколку години, за тоа како треба да функционира Балканот, денес е наша успешна приказна. Регионот е обединет, со отворени граници со зголемена економска соработка и уште многу бенефиции за граѓаните од сите три земји членки на Отворен Балкан. Ако тргнеме од познатата изрека дека „Во виното е вистината“, ова е нашата вистина, сплотен, убав, прекрасен Балкан. Секогаш отворен и гостопримлив. Сите се добредојдени. Заедно да го славиме животот под ова сонце. Да уживаме во врвните вина и храната со единствен балкански вкус, по која сме препознатливи во светот. Да си ја чуваме традицијата и сите богатства со кои великодушно не обдарила природата. Ние сме генерација на политичари кои носат храбри одлуки. По тоа ќе бидеме запаметени, како генерација која ги отворила границите и создала иднина за целиот регион“, посочи министерот Николовски.

На настанот свои обраќања имаат и министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Јелена Танасковиќ, како и заменик-министер за земјоделство на Албанија, Ариан Јауплари, кои дадоа силна поддршка на промоцијата на „Винската визија на Отворен Балкан”.

На настанот присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори на трите земји, претставници на институции, бизнис заедницата и социо-економските партнери на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.

Спасовски на „Неготински панаѓур” во чест на верскиот празник Мала Богородица

Со задоволство се одзвав на поканата на неготинци да го посетам познатиот „Неготински панаѓур”, едновековна традиција на овој град за време на гроздоберот во Тиквешијата, а во чест на верскиот празник Мала Богородица.

Оваа тридневна манифестација, со најдолга традиција во Македонија, привлекува голем број гости и посетители од сите краишта на државата, трговци кои ги промовираат своите производи, карактеристични за поднебјето.

На овој ден се дава предност на доброто расположение, радоста на живеењето и другарувањето - нека е за многу години!, објави на ФБ министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Бајден се премисли- сепак на Украина ѝ испраќа моќен ракетен систем со голем дострел

Американскиот претседател Џо Бајден го информирал украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Вашингтон ќе му достави на Киев ракети АТАКМС со долг дострел, објави Ен-Би-Си њуз, цитирајќи тројца американски претставници и член на Конгресот.

Киев долго време бара од администрацијата на Бајден воени тактички ракетни системи (ATACMS) за да ги нападне и прекине линиите за снабдување, воздушните бази и железничката мрежа на територијата окупирана од Русија.

Зеленски вчера го посети Вашингтон за да разговара со Бајден. По тој повод, САД најавија нов пакет воена помош за Киев во износ од 325 милиони долари. Но, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, на прес-конференција вчеравечер рече дека САД ќе ја снабдат Украина со „важни“ системи за воздушна одбрана, но „засега“ не ракети со долг дострел ATACMS што ги бара Киев.

Пентагон не одговорил веднаш на барањето за коментар. Претходно беше објавено дека администрацијата на Бајден размислува за испраќање на ATACMS, кој има домет од 306 километри, во Украина. Системите ATACMS се дизајнирани за напади доста далеку од линијата на фронтот.

Бајден вчера го увери Зеленски дека силната американска поддршка за одбивањето на руските агресори ќе продолжи и покрај противењето на некои републикански пратеници кои се противат на испраќање помош од милијарди долари.

Познати се Србите, кои ископаа тунел од стан до депото на Вишиот суд во Црна Гора

Тунелот до депото на Вишиот суд во Подгорица го ископале главно државјани на Србија, кои се идентификувани, а имале и помагачи од Црна Гора, изјави министерот за внатрешни работи на Црна Гора Филип Аџиќ на прес-конференција.

Аџиќ рече дека истрагата открила дека во тоа кривично дело учествувале српските државјани Вељко Марковиќ (32), Милан Марковиќ (53), Дејан Јовановиќ (30) и Владимир Ериќ (32), а во исто време ги објавил и нивните фотографии.

Против тие четири идентификувани лица е поднесена кривична пријава, како и против две непознати лица. „Веруваме дека имале уште најмалку петмина соработници“, рече Аџиќ, посочувајќи дека постои одредена поврзаност меѓу оваа криминална организација и лице од Вишиот суд и членови на црногорска криминална организација кои моментално се во затвор.

Иако Аџиќ одбил директно да каже за која криминална група се работи, се претпоставува дека станува збор за таканаречениот кавачки клан, чиј водач, Слободан Кашчелан, е во притвор во Подгорица.

Црногорскиот министер за внатрешни работи појасни и дека осомничените ја напуштиле Црна Гора на 11 септември, кога во медиумите беше објавено дека е извршен упад во Вишиот суд. Црногорската полиција кон средината на септември откри тунел долг 30 метри, кој од подрумот на станбена зграда водел до зградата на Вишиот суд во Подгорица, судска институција одговорна за најтешките кривични случаи.

Во депото на судот, до кој водел тунелот, се чуваат стотици илјади докази од бројни судски процеси, меѓу кои и дрога и оружје. Пописот открил дека во депото недостасуваат 17 парчиња оружје, но полицијата се сомнева дека криминалците се обиделе да ја сокријат вистинската причина за упадот во Вишиот суд.

Во текот на истрагата, некои судски службеници биле тестирани на полиграф, додека едно лице го одбило тестот. Случајот со тунелот го вознемири целото црногорско судство, а побарани се и оставки од првиот човек на црногорското правосудство и полицијата која ги обезбедува правосудните институции во Црна Гора.

притисни ентер