Ковачевски: Со премиерот Петков имаме намера да отвориме најшироко поле за соработка

Ковачевски се обрати на конференцијата МКБГ2030.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на конференцијата БГМК 2030: Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво, којашто во организација на Либералната Интернационала во соработка со Американскиот универзитет на Европа – ФОН, се одржа во Скопје.

На конференцијата учествуваат и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, а во придружната програма на конференцијата за делот на соработката меѓу образовните институции меѓу Република Македонија и Република Бугарија е вклучен и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

На конференцијата учествуваат и пратеници од Собранието на Република Македонија пратеникот во Европскиот Парламент Илхан Ќучук, амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Ангел Ангелов, ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Билјана Пулеска Јанушевска, проректорот на Универзитетот „Кирил и Методиј" во Велико Трново, Република Бугарија, Милко Палангурски, како и повеќемина претставници на локалната самоуправа од Македонија и Бугарија.

Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:

„Најпрвин да се заблагодарам за организацијата на овој настан. Со премиерот Петков рековме дека ние ќе дадеме политичка иницијатива, но дека организациите кои се дел од секторите за кои ние разговаравме се тие што треба да ја водат дебатата и коишто треба да направат мостови помеѓу деловната заедница, образовните институции и студентите, и граѓаните воопшто. Ова само потврдува дека тоа е вистинскиот пристап и начин.

Ми претставува особено задоволство да се обратам на оваа конференција. Тоа задоволство се должи на концептот на конференцијата дефиниран во нејзиниот назив: БГМК 2030 - Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво.

Идејата на конференцијата се совпаѓа со идејата за новото динамично придвижување на односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Мојата, и намерата на мојот пријател и колега, премиерот Петков, е да отвориме најшироко поле за соработка меѓу голем број засегнати страни од општествениот живот. Граѓанскиот придонес, придонесот на академијата и на соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес.

Точно е дека испишувањето на новите страници на односите меѓу двете земји е поставена на највисоко ниво, на ниво на Влади. Но, јас и премиерот Петков ја презедовме иницијативата да се водат инклузивни разговори, од долу нагоре. Односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството меѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување.

Затоа беа формирани работните групи, затоа се утврдени приоритетите, затоа се внесени деновите за реализација во календарите на активностите.

Драго ми е што во истата недела по одржувањето на меѓувладината седница, веќе имаме еден собир на којшто е присутна академската заедница, професори и студенти и размената на мислења и знаења за она што е современо во општеството и она што може да донесе нов импулс во односите помеѓу двете држави и нова вредност во однос на унапредување на квалитетот на перформансите на нашите студенти и нивната подготвеност за работа и соработка. Тоа потврдува дека е вистинската насока, дека две соседни земји треба да разговараат и тој разговор да доведе до градење на доверба која ќе донесе резултати на политичко поле за унапредување и на соработката и на политичките и општествени процеси.

Јас немам никакво сомневање дека тој процес ќе ја обнови атмосферата на доверба и пријателство и дека тоа ќе биде силен поттик да се отворат вратите за заедничко прифатливо решение за отворените политички прашања. Особено оние кои се однесуваат на деблокирањето на процесот за финализирање на постапката за нашето членство во ЕУ.

Нема никакво сомневање дека со заедничката седница на Владите на Република Македонија и Република Бугарија на почетокот на оваа недела во Софија и со посетата на премиерот Петков и неговата делегација една недела претходно, двете земји направиja голем исчекор во унапредувањето на односите.

Таму каде што има политичка волја и идеја за прогрес, разликите лесно се надминуваат.

Заедно отворивме искрен и посветен дијалог за стабилност и развој за двете држави. Поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји.

Двете Влади се определија да водат политики на градење мостови, а не ѕидови.

Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани за постигнување достоинствени решенија за двата народи за подобрување на животот на граѓаните.

Постигнавме согласност заедно да ја спречуваме недобронамерната пропаганда доколку се појави внатре во државите, заедно да бидеме против говорот на омраза и заедно да го поразиме национализмот.

Реформски определените Влади во Скопје и Софија се посветени на отворањето на нови перспективи за развој и напредок на односите меѓу двете земји.

Веќе се организира и нова ваква средба во Скопје во организација на ресорните министерства на Македонија и на Бугарија за економија и финансии и на која ќе учествуваат деловните заедници и стопанските комори од двете држави.

Граѓаните, заедниците и политичарите кои меѓусебно се разбираат и кои низ дијалог ги разрешуваат разликите, отвораат простор таа искреност и доверба да ги посветат на заедничките цели.

Уверен сум дека тие пораки ќе бидат испратени и од оваа ваша конференција. Уверен сум дека академските заедници и граѓанските организации се силни канали за комуникација на тие пораки.

Исто така верувам дека тоа може да биде секој човек, секој граѓанин кој верува во европската идеја и во заедничката европска иднина на Република Македонија и на Република Бугарија.

Уште еднаш ви благодарам за можноста да ви се обратам и ви посакувам успешна конференција и сакам да им се заблагодарам на организаторите кои и во време на пандемија успеаја да не зближат и ја организираат истата. Благодарност и до домаќините коишто го отстапија овој простор, како и до почитуваните професори, на амбасадорот на Република Бугарија, на ректорите и секако на студентите коишто можат многу да научат од овој нов процес којшто е отворен и тие да бидат промотори и амбасадори на градењето на добри односи за иднината помеѓу Република Македонија и Република Бугарија затоа што се две држави кои заслужуваат и сакаат да одат напред и да претставуваат пример за добрососедски односи во Брисел.

Ви благодарам и ви посакувам успешна конференција".

ЛДП организира „Pet Friendly“ ден во канцеларијата „Либерално ќоше“

„Pet Friendly“ ден за дружење, разговори и идеи на граѓаните со претседателката на Либерално-демократската партија Моника Зајкова, ќе се одржи денеска во новоотворената канцеларија на ЛДП „Либерално ќоше“ во срцето на Скопје.

- Водејќи се од нашата совесност, свесност и одговорност, покренавме иницијатива за носење на нов закон за благосостојба на животните. Милениците, се семејство, не потрошен предмет и затоа секој сопственик кој го остава својот миленик на улица треба да сноси одговорност и да се обезбеди регулиран систем на одговорно одгледување и размножување. Воедно да се обезбедат соодветни услови за бездомните кучиња и мачки и при тоа да ги заштити граѓаните од несакани повреди, е пораката на Зајкова, стои во соопштението од партијата.

Граѓаните се добредојдени на петочното дружење заедно со своите миленици, а своите идеи и предлози, се додава, може да ги споделат и во писмена форма.

На полето на заштита на животните, ЛДП до Собранието поднесе и предлог за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, којшто ќе воведе построги мерки против оставање животни на улица, поодговорно сопствеништво и ќе ги подобри нивните услови, стои во соопштението.

Во Собранието седница на Комисијата за одбрана и безбедност

Амандманот 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, е со важност до 07 јуни 2024 година.

Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за одбрана и безбедност, на која се очекува да се дискутира за Информација за потребата на доделување на Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави.

Како што стои во образложението објавано на собраниската веб страна за Информацијата потпишана од министерката за одбрана Славјанка Петровска, Амандманот 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, е со важност до 07 јуни 2024 година.

-Врз основа на член 8 став 5 од Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста и член 13 од Уредбата за начинот на доделување на договори со влади на странски држави и Извадокот од Нацрт-записникот од 12-та седница на Владата на Република Македонија, одржана на 26 март 2024 година, со број 41-3655/2 од 26 март 202 година, предметниот материјал има за цел да ја информира Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Северна Македонија за потребата на доделување на Амандман број 5 Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, се вели во Информацијата.

Имено, Министерството за одбрана на Република Македонија со Стратегиски одбранбен преглед ги согледа потребите за реформа на одбранбениот сектор за негова интеграција во НАТО. Со Долгорочниот план за развој на одбранбените способности се трасира патот на реформите во одбрана и дава рамка за модернизација и опремување на Армијата на Република Македонија за постигнување на целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.

-Еден од клучните проекти за опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника е проектот за набавка на лесни оклопни возила на тркала, кој е предвиден да се реализира во периодот 2019-2027 година. Со Извадок од Нацрт-записникот од Деведесеттата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 25.09.2018 година, донесен е заклучок со кој се задолжува Министерството за одбрана во соработка со Канцеларијата за одбранбена соработка на САД, да ги искористи можностите кои ги нуди Програмата за набавка на нова и современа опрема со западни платформи ERIP (European Recapitalization Incentive Program), потребна з аопремување на декларираните сили, посебно за лесната пешадиска баталјонска група, стои во Информацијата.

Во Информацијата се посочува дека со Извадок од Нацрт-записникот од Сто и седумдесет и втората седница на Владата на Република Македонија, одржана на 24 декември 2019 година, Владата донесе заклучок се го прифати Договорот со владата на САД за набавка на лесни оклопни возила на тркала за потребите на Армијата на Република Северна Македонија согласно Писмото за понуда на прифаќање на понудата (Letter of Offer and Acceptance-LOA0 FMS Case MK-B-UCC од 12 декември 2019 година.

-Целокупниот проект се однесува за набавка на 96 лесни оклопни возила JLTV од производителот OSHKOSH. Во периодот од 2019 година заклучно со 2023 година, во однос на предметната набавка досега се склучени четири Амандмани кон договорот и вкупно се порачани 71 лесно оклопно возило JLTV. На ден 22 март 2024, од Владата на Соединетите Американски Држави добиен е Амандман број 5 (Amendment 5 to Letter of offer and acceptance-LOA MK-B-UCC JLTV) кон склучениот договор влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, кој се донесува на набавката на преостанатите 25 лесни оклопни возила, со што ќе се комплетира набавката на овој вид на возила, се вели во Информацијата.

Се посочува дека Управната група во Министерството за одбрана го разгледала Амандманот број 5 и донесе заклучок дека текстот е усогласен помеѓу Канцеларијата за одбранбена соработка од Амбасадата на САД во Република Македонија и Министерството за одбрана, Амандманот 5 е во согласност со писмото за барање за конкретна набавка, претходните одлуки на Програмска и Управна група во Министерството за одбрана за набавка на лесни оклопни возила на трката JLTV, со што се исполнети условите од членот 11 од Уредбата, односно ги содржи елементите утврдени со ФМС процедурите и истото претставува договор за набавка и да продолжи постапката и пред Владата на Република Македонија, со цел негово донесување.

-Со набавката на преостанатите 25 лесни оклопни возила JLTV и со склучувањето на Амандман 5 кон договорот влада со влада за набавка на лесни оклопни возила на тркала JLTV, помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави, ќе заврши првата фаза за опремување на Армијата и лесната пешадиска баталјонска група со лесни оклопни возила на тркала JLTV, набавката ќе се изведе поекономично и поефикасно и како краен резултат ќе се реализираат причините поврзани со интероперабилноста на меѓународни операции и мисии, нужните потреби за функционирање на Армијата на Република Македонија во меѓународни операции и мисии, со што сметаме дека се исполнети условите утврдени во член 4 став 1 алинеја 1, 2, 3 и 6 од Уредбата, се посочува во Информацијата.

Состанок на Стопанската комора на Македонија со претставници на СДСМ

Стопанската комора на Македонија денеска ќе одржи работен состанок со претставници на политичката партија СДСМ.

Пред средбата предвидени се изјави за медиумите од страна на претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

притисни ентер