Ковачевски: Со мерката „гарантирана цена“ овозможуваме поевтини производи од 10% до 40%

Со мерката „гарантирана цена“ овозможуваме поевтини производи од 10% до 40% за заштита на стандардот на граѓаните.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и в.д. директорот на Државен пазарен инспекторат, Горан Трајковски денеска ја посетија компанијата Алма М. На средбата премиерот Ковачевски, министерот Бектеши и директорот на ДПИ Трајковски, со менаџментот на компанијата разговараа за новите владини одлуки за намалување на цените на над 50 призводи.

Во продолжение интегрално изјавата на премиерот Ковачевски:

„Сакам да се заблагодарам на домаќините денес при посетата на компанијата Алма М, компанија од дистрибутивниот сектор во нашата држава и можевме низ детален разговор со сопственикот и со менаџерскиот тим и со вработените да поразговараме за предизвиците кои стојат пред нас во претстојниот период особено во текот на есента и зимата. Драго ми е што веќе три децении оваа компанија го развива својот бизнис, вложувајќи во човечки ресурси во компанијата, се работи за една од најголемите компании во секторот за дистрибуција во државата, која дистрибуира значајни производи за нашите граѓани ширум сите маркети.

Токму затоа ние како Влада овозможуваме услови за подобра бизнис клима, за поголема ликвидност на компаниите и конкурентен пазар, како и за подобри услови за работа во државата.

Воедно, добро е кога се има компании кои придонесуваат кон што побрза и кон подобра имплементација на мерки со кои го штитиме стандардот на граѓаните.

Со новата мерка на Владата, на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, цената ја намаливме за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август. Со оваа одлука и мерка кај одредени категории и производи веќе има намалување на производите над 10%, а кај некои намалувањето е од 30% до 40%.

Во маркетите веќе овие производи добија ознака „гарантирана цена“, со оваа мерка придонесуваме и покрај инфлациските притисоци, заеднички и солидарно даваме поддршка на нашите граѓани.

Апелирам да се почитува мерката и тука сакам да се заблагодарам и на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, да го поздравам и директорот кој е тука со нас, за ажурноста и ефикасноста во проверките и спроведувањето на оваа мерка која е донесена. Секако да се заблагодарам и на министерот за економија и неговите колеги кои што направија детални анализи за да дојдеме до мерка која ќе биде во интерес и на трговците и на производителите, а најмногу во интерес на граѓаните.

Со економска политика, која ја водиме, не само оваа година, туку и изминативе, и покрај здравствената, економско-енергетската криза, ги зголемивме платите, пензиите, социјалната заштита за најранливите категории граѓани, зголемувањето го направивме како Влада и тоа во значителен износ поголем од она што го правела било која друга Влада во изминатиот период.

Ние како Влада продолжуваме со социјалниот дијалог со стопанските комори, работодавачите, синдикатите, затоа што цврсто стоиме до работниците и стопанството, со мерки ќе продолжиме да даваме поддршка. Единствено со високо ниво на социјален дијалог за приоритетни теми, ќе одговориме соодветно на намалување на инфлацијата и до крајот на годината се стремиме таа да не биде повисока од 5%, во делот на основните производи кои граѓаните ги користат.

Зошто го велам ова? Зголемувањето на платите од јули оваа година, го надминува зголемувањето на инфлацијата, но со сите овие мерки кои ги правиме, со зголемување на минималната плата за најмалку 10% веќе од почетокот на наредната година, генерално инфлацијата ќе биде на ниво од 8%, а платите ќе пораснат за процент поголем од нивото на инфлацијата.

Септемвриските плати во основното и средното образование, веќе бевте информирани од Министерството за образование и наука и претседателот на СОНК, ќе бидат повисоки за 15%, овој месец има усогласување и за пензиите кои ќе пораснат за износ од 6% со што пензионерите ќе имаат повисоки пензии. Согласно Општиот колективен договор, 130.000 вработени во јавниот сектор од овој месец ќе добијат зголемување на платите од 10%, исплата на К-15 до крајот на годината во висина од 10.000 денари.

Мерките кои ги носиме имаат економски, но пред сè социјален карактер, со нив ги штитиме пензионерите, ранливите категории граѓани, невработените лица, самохраните родители, сите корисници во системот на социјална помош, работниците, особено работниците со пониски примања каде што сведоци сме дека платата во времето на оваа Влада е најмногу зголемена и така ги штитиме сите граѓани. Буџетските средства ги користиме плански, ефикасно, како за заштита на стандардот на граѓаните, така и за рамномерен и регионален развој на нашата држава, особено преку поддршка на инвестициите со Законот за поддршка на инвестиции каде што преку вицепремиерот за економски прашања веќе бевте информирани дека над 400 компании ќе добијат државна помош за зголемување на инвестициите и зголемување на бројот на вработени во нивните компании.

И оваа есен и зима ќе продолжиме во оваа насока, не се откажуваме од зголемување на платите, не се откажуваме од инвестициите во енергетиката и во инфраструктурата.

Субвенционирањето на цената на електричната енергија, која започна уште од првиот момент кога се појави енергетската криза заради војната во Украина, не престана до ден денес и таа нема да престане. Што значи дека нема да има никаков ценовен шок за граѓаните во делот на снабдувањето со електричната енергија. А веќе правиме напори да се обезбеди сè што е потребно и за непречено снабдување со топлинска енергија за градот Скопје со оглед на хаваријата што се случи на мостот „Беласица“ во текот на минатите месеци и на која во моментов се работи.

Сè додека јас сум премиер како Влада нема да престанеме да работиме на подобрување на егзистенцијалното прашање на граѓаните во Македонија, како и на економскиот раст на државата. Во време на криза која не ги одмина ни најразвиените држави, бидејќи сите сме сведоци за сè она што се случува во земјите во ЕУ и пошироко, како Влада стоиме зад бизнис секторот, зад работниците, зад граѓаните. Со ист ентузијазам продолжуваме да работиме, за заштита на квалитетниот живот на граѓаните и за заштита на стопанството и оттука би сакал да ги повикам и пратениците во Собранието, законските решенија кои се однесуваат во делот на распределбата на буџетот, да бидат одобрувани со динамика која ќе овозможи спроведување на сите потребни мерки со цел да можат да бидат заштитени граѓаните пред сè.“

Убил жена лекувајќи ја со „терапија со шлаканици“, таа верувала дека ќе се излечи од дијабет

Хонгчи Ксијао (60) е обвинет за убиство од небрежност од крајно невнимание, откако 71-годишната Даниеле Кар-Гом починала за време на „терапија со шамари“ во селски хотел во Велика Британија.

Даниел Кар-Гом починала додека учествувала на работилница во Клив Хаус во Сенд, Вилтшир, на 20 октомври 2016 година, пишува „Гардијан“.

Работилницата вклучувала „паида лајин терапија“, при што пациентите биле шамарани или самите си удирале шлаканици. Кар-Гом, од Луис, Источен Сасекс, присуствувала на работилницата верувајќи дека тоа ќе ѝ помогне на нејзините проблеми со дијабетес.

Полицијата во Вилтшир во четвртокот соопшти дека Хонгчи Ксијао, од Клаудбрејк, Калифорнија, е обвинет за убиство од небрежност од крајно невнимание.

„Тој се врати во Британија од Австралија по налог за екстрадиција и беше одведен во притвор во Гејблкрос во Свиндон, каде што е обвинет. Ова се однесува на смртта на Даниел Кар-Гом во Клив Хаус, Сенд во октомври 2016 година“, соопшти полицијата.

Семејството на Даниел Кар-Гом претходно изјавило дека таа прифаќала алтернативна и холистичка медицина и терапии.

Роден во Франција, Кар-Гом се преселила во Велика Британија на 21-годишна возраст. Во 1999 година ѝ бил дијагностициран дијабетес, но се борела со инјектирање инсулин поради стравот од игли.

„Секогаш сакаше да најде алтернативни методи за лекување и справување со дијабетесот и беше многу заинтересирана за алтернативна и холистичка медицина и терапии. Знам дека беше очајна да се обиде да се излечи од оваа болест. Секогаш водеше здрав начин на живот и беше тврдоглава дека ништо нема да ја спречи да го живее животот во потполност. Во последните години, мама имаше одличен однос со партнерот, прекрасен дом и го обиколи светот. Имаше многу живот во неа“, изјави нејзиниот син Метју Кар -Гом, кој живее во Нов Зеланд.

Тој додаде дека смртта на неговата мајка е „голем шок“ за семејството.

Методот Paida lajin вклучува пациенти кои се шлакаат едни со други или самите себе. Името „паида“ доаѓа од мандаринските зборови за шлакање по кожата, додека „лаџин“ значи усвојување положба за истегнување на мускулите, пишува „Телеграф“.

„Паида“ и „лаџин“ се поврзуваат со концептот на традиционалната кинеска медицина „ша“, идејата дека крвта е отруена од токсини и треба да се исфрлат. Се смета дека шамарите ја подобруваат циркулацијата и ја истакнуваат „шата“.

Методот е критикуван бидејќи нема научна основа.

Обвинетиот Ксијао е „природен исцелител и основач на „Институтот Паилала“ во Калифорнија“ и напишал книга „Исцели се природно“, истражувајќи ги придобивките од „паида лајин“. Водел работилници за вежбање ширум светот.

На веб-страницата на Институтот Паилала се продаваат преносливи клупи за лаџин и рачно обликувани „шлапчиња“.

„Нашата мисија е да го трансформираме нашиот свет во поздраво место, овозможувајќи му на секој од нас да ја разбуди нашата вродена моќ за самолекување да се лекува себеси, намалувајќи ги трошоците за лекување и поврзаните потенцијални несакани ефекти“, се наведува на веб-страницата.

Во 2019 година, Мартин Ледвик, главна медицинска сестра во Cancer Research UK, рече: „Paida la]in е исклучително опасна. Ги повикуваме луѓето да не учествуваат во оваа небезбедна практика“.

„Не може да биде позагрижувачки од тоа да се види нешто како ова на рекламата, наместо да се оди на лекар, а неговите тврдења за ракот немаат никаква врска со научните факти“, додаде таа откако слушна дека пациентите со рак се охрабруваат да ја користат оваа терапија.

„Дајагнозата на ракот може да биде неверојатно тешка, па затоа е разбирливо зошто пациентите бараат алтернативни третмани, но на никој болен од рак не треба да му се понуди ова болно и ужасно искуство“, заклучи Ледвик.

Мегапроект од 4 милијарди евра: Шпанија пушти во употреба супер модерна пруга

Новата брза железничка линија што го поврзува Мадрид со северниот регион Астурија беше отворена во средата.

Изградбата на таа позната пруга започнала во 2004 година и требало да биде завршена до 2010 година, но геолошката сложеност на областа го одложила проектот и ги зголеми трошоците на околу 4 милијарди евра, јавува Анадолија.

- Конечно дојде денот. Шпанија е поблиску до овој регион благословен со уникатна убавина, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез по пристигнувањето во Овиедо - главниот град на Астурија. Патувањето од Мадрид до Овиедо траеше 3 часа и 10 минути во споредба со 4 часа и 24 минути на старата железница.

Откако Владата напролет ќе набави нови возови кои ќе можат да се движат со брзина од 275 км/ч, патувањето ќе трае 2 часа и 42 минути. Астурија е мал планински регион на северниот брег на Шпанија, има околу еден милион жители, што е намалување за 13 проценти во споредба со 1985 година. Иако бројот на жители е ист како во 60-тите, сега има за половина повеќе деца.

Со оглед на тоа дека туристичкиот сектор во регионот рапидно расте, според владините проценки, бројот на патници ќе се зголеми од 230.000 на 600.000. Тие исто така веруваат дека овој потфат ќе ги подобри трговските услови бидејќи возовите ќе можат да го удвојат товарот, што ќе ги намали трошоците за компаниите за две третини.

Заедничката студија на владата и Универзитетот во Овиедо проценува дека возот ќе додаде меѓу 23 и 40 милиони евра годишно на економијата во регионот. Новата брза линија го заменува кривулестиот дел од пругата што првпат бил отворен во 1884 година, еден од најкомплексните железнички проекти во своето време.

Најсложените 50 километри од новата железница минуваат низ 12 тунели, вклучувајќи го и оној долг 25 километри - седмиот најдолг тунел во Европа. Со повеќе од 4.000 километри, Шпанија ја има втората најдолга брза железничка мрежа по Кина.

Мајка- монструм од Австрија: Го чувала синот (12) во транспортер за кучиња и го измачувала

Во Австрија во тек е судењето на две жени, кои се обвинети дека измачувале 12-годишно момче речиси до смрт.

Грозоморниот случај бил откриен минатата година во Долна Австрија, а неговата мајка (33) и нејзината наводна партнерка (40) се обвинети за тортура на малолетник.

Малото момче го затворале во транспортер за кучиња со димензии 52х40 сантиметри секој ден и постојано го мачеле. Момчето од сигурна смрт го спасил социјален работник.

Во моментот кога е пронајдено момчето, неговата телесна температура била 26,8 степени, а детето било премногу слабо бидејќи мајка му и нејзината девојка го изгладнувале.

Постарата обвинета ја негира вината, иако во нејзиниот телефон биле пронајдени пораки што ги разменила со мајката на момчето. Имено, тие си праќале фотографии од измаченото дете заедно со морничави пораки и гифови. На многу фотографии изгладнето момче е свиткано на земја.

Малото момче, кое сега има 13 години, пред судот изнело детали за ужасната тортура што ја трпело подолг временски период во последните недели.

Со него психолозите внимателно ги проверувале сите детали од ужасите што се случиле во куќата на неговата мајка.

Момчето било претепано, полеано со вода, додека крпа му била ставена на лицето, врзан и затворен во транспортер за кучиња во многу ладна просторија. Мајка му не му давала ништо да јаде неколку дена.

Тој последен момент бил спасен во ноември 2022 година во. Лекарите рекле дека веројатно немало да преживее уште еден ден со тортура.

Неговата мајка и нејзината девојка се обвинети за обид за убиство и се соочуваат со децении затвор.

За време на неговото сведочење пред судот, детето не можело или не сакало да се присети на бројни детали од неговото мачење, но постојано потврдувало дека го преживеал пеколот и дека двете жени учествувале во неговото мачење.

притисни ентер