Ковачевски се сретна со претставници на Сојузот на средношколци

Младите, клучен партнер на Владата во креирањето успешни образовни политики.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата прими делегација на Сојузот на средношколци предводена од претседателот Лука Павиќевиќ, со кои разговараше за нивните предлози во насока на прилагодувања на државната матура, поради предизвиците кои се случија поради пандемијата од КОВИД-19 и штрајкот во кој беа вклучени и вработените во средното образование.

На состанокот, на кој присуствуваа и пратеничките Моника Зајкова и Санела Шкријељ, беа разгледани сите барања на претставниците на Сојузот на средношколци и беа донесени соодветни предлози и решенија.

Премиерот Ковачевски истакнувајќи дека младите се една од движечките алки во општеството и клучен Владин партнер во креирањето на успешни политики за создавање современо и квалитетно образование ги поддржа младите средношколци со свој претставник да бидат вклучени во стручната работна група која ги изготвува измените и дополнувањата на Законот за средното образование, под водство на Министерството за образование и наука.

Ковачевски додаде дека реформите се комплексни и нагласи дека клучно е при реформирањето на услугите и системите, одлуките да се носат заедно со оние на кои се однесуваат, во случајов на младите и нивните професори.

Во врска со барањата за модифицирање на државната матура, која е збир од повеќе екстерни и интерни испити со кои се проверуваат и се вреднуваат знаењата, вештините и способностите на учениците кои ги стекнале во четиригодишно средно образование, беше посочено дека на барање на средношколците од минатата година веќе се скратени програмите за екстерните испити, поради пандемијата од КОВИД-19.

Претседателот на Владата и Сојузот се согласија дека прашањата за екстерните испити ќе го опфаќаат материјалот заклучно со март со што не е опфатен периодот кога беше штрајкот на образовниот кадар.

Банките со прашања за интерните испити ќе бидат споделени со ученици најмалку три недели пред денот на испитот. Базата на прашања за интерните испити ќе биде споделена, а за екстерните испити, на веб страницата на Државниот испитен центар (ДИЦ) се објавени тестовите од сите претходни години. Прашањата се соодветни на испитите од минатите години и ќе бидат опфатени во еден ПДФ документ на веб страната на ДИЦ, односно ДИЦ ќе изготви Каталог на прашања за екстерните испити.

На денешниот состанок, премиерот Ковачевски повтори дека тој сосема ги разбира барањата на средношколците и како универзитетски професор секогаш во соработка со министерот за образование и наука и останатите образовни институции ќе се ангажира за обезбедување квалитетен образовен процес во континуитет.

По однос на барањето од претставниците на Сојузот на средношколци за продолжување на рокот на изработка на проектна задача, како дел од државната матура беше одговорено дека тоа веќе е сторено, и до 16 мај (понеделник), оние 10 проценти од матурантите во државата (1.598 ученици) кои сѐ уште немаат завршено со овој, клучен дел од матурскиот испит, ќе можат тоа да го сторат во продолжениот рок.

На денешниот состанок, сите учесници се согласија дека матурата е заокружување на еден дел од образованието и учениците коишто не планираат да продолжат со образованието, имаат избор да полагаат или само училишна матура или завршен стручен испит во зависност од нивното училиште.

Воедно по барање на Сојузот беше договорено да се спроведе и дополнителна испитна сесија за оние матуранти кои во испитниот период не би можеле да полагаат заради спреченост од вирусот КОВИД-19.

На денешниот состанок со премиерот, присутните претставници на Сојузот на средношколци го запознаа премиерот Ковачевски со нивното барање и подготвените предлози од нивна страна за измена во Законот за средно образование, а кои се однесуваат на барањето бесплатниот јавен превоз да биде достапен за сите средношколци, без разлика дали наставата ја посетуваат во јавно или приватно средно училиште, како и да се дефинираат одредени училишта кои заради потребата од пракса имаат потреба од превоз и преку летото.

Во оваа насока, од претставниците на Сојузот на средношколци беше поздравена Одлуката на Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски и Железници на Република Македонија Транспорт АД-Скопје да се воведе бесплатен превоз во железничкиот сообраќај за сите ученици во средното образование, еднаш неделно, во среда, а која Одлука е согласно мерките за намалување на трошоците на живот за граѓаните и со цел поттикнување на железничкиот сообраќај како најевтин и еколошки превоз.

Претставниците на Сојузот на средношколци го запознаа премиерот Ковачевски и со нивната иницијатива „Лидер/ка на училиште, лидер/ка во иднината“, која ја спроведуваат заедно со ИДУЕП, а за цел има воведување на средношколска демократија во сите средни училишта од државата и регулирање на средношколското организирање за првпат во историјата.

Денешниот состанок од сите учесници, беше заокружен со изразување задоволство од планираната нова концепција на матура, којашто ќе биде согласно потребите на актуелното културно и општествено живеење, а која веќе се подготвува од Министерството за образование и наука, Државниот испитен центар и во соработка и учество на сите засегнати страни.

Влада на РМ

Кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување против инспектори од ДПИ

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против шест службени лица - инспектори, вработени во Државен пазарен инспекторат.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против шест службени лица - инспектори, вработени во Државен пазарен инспекторат, и тоа: С.Б.(32), Ј.Р.(54), В.М.(47), Б.С.(46),С.С.(61) и Р.Б.(37), сите од Скопје, за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл 353 од КЗ на РСМ, соопшти денеска МВР.

Во текот на март и април 2023 година, преземајќи службени дејствија и вршејќи контрола кај три објекти обележани како менувачници, лоцирани во близина на Бит Пазар, Скопје, за кои било утврдено дека не биле регистрирани како правни лица и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, а подолг временски период работеле како менувачници, пријавените, како што стои во соопштението, согласно Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност согласно кој истите сами навеле дека постапуваат, на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење на дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1000 до 20.000 евра во денарска противвредност.

- Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници, ниту им издале решение за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите каде што ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту пак им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра. Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, појаснуваат од МВР во соопштението.

Се уште е мистерија убиството на матичниот лекар во поликлиниката „Железара“

Во куќен притвор остануваат двајца од приведените осомничени во врска со убиството на лекарот Ацо Трпковски во скопската населба Железара.

Скопскиот Кривичен суд соопшти дека се работи за мерка која ја побарало скопското обвинителство. И двајцата се осомничени за убиство, со првичната побарана мерка од синоќа остануваат во притвор 48 часа.

-Предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје за опредлеување мерка краткотраен куќен притвор против Г.Д. и И.Д. за кои постои сомнение за кривичното дело Убиство од чл. 123 ст. 1 се прифаќа и им се определува 48 часовен куќен притвор.- Основен Кривичен суд Скопје

Техничкот министер за внатрешни Тошковски вчера информираше дека е приведено уште едно лице под сомнение дека е поврзано со убиството на лекарот. Но засега нема информација дали и за него ќе се бара некоја мерка.

Други нови детали од скопското обвинителство не откриваат. Според првичните сознанија, мотивот за убиството не е поврзан директно со професијата на убиениот. Шеесет и седумгодишниот лекар минатата недела беше пронајден во неговиот автомобил паркиран пред поликлниката Железара избоден до смрт со девет убоди. Го пронашле неговите синови кои заминале на работното место на нивниот татко бидејќи не се вратил од работа по завршувањето на втората смена во ординацијата.

Уставен донесе одлука граѓаните со попреченост над 65 год. да добијат надоместок согласно Закон

Уставен донесе одлука граѓаните со попреченост над 65 години да добијат надоместок согласно Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.

Уставниот суд го поништи член 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65 годишна возраст” од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани со што граѓаните со попреченост над 65 години кои не добиле надоместок, сега имаат можност да побараат да им се исплати надоместокот во изминатиот период, од кога Законот е влезен во правна сила.

Според член 3 став 1 точка 2 од Законот „корисници на правото на надоместок заради попреченост” се лица со навршена 26 годишна возраст, а најмногу до 65 годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа.

Од содржината на погоре наведениот член од Законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок заради попреченост, не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка согласно со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.

Судот оценил дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.

- Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок заради попреченост, според Судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата кои се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок заради попреченост), но едни можат да остварат право на финансиска поддршка, а други не можат, исклучиво заради возраста, стои во соопштението од Уставен суд.

Во декември 2022 година Уставниот суд го укина став 2 од членот 44 од Законот за социјална заштита, кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.

МИА претходно пишуваше за Законот за социјална заштита, конкретно за горенаведениот ограничувачки став за пристап и остварување на правото на надоместок заради попреченост кој содржеше нееднаквост, односно дискриминирачка одредба кон останатите лица кои го остваруваа ова право.

притисни ентер