Кога преговарате со Бугарија, Франција и други држани ,а на маса е македонскиот идентитет, тогаш тие преговори треба да се сведат на малцински прашања. Тие преговори беа како некој со нож да ви го сече стомакот.
Со неносење одлуки , државата стагнира. Европскиото предлог е најдобриот предлог што државата можење да го добие и сега се преговара со Европската Унија.
„ЕУ и членството во ЕУ е единствената шанса за позитивни промени во нашата држава. Тоа го знаат сите граѓани. За правење исчекор напред кон членството во ЕУ и успешното зачленување во НАТО е потребна храброст и одлучност. Тоа го направивме ние благодарение на нашата храброст и лидерство“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на вечерашниот „Дуел за Македонија“ на Канал 5 телевизија.
„Јас бев тој кој преговараше за европскиот предлог и тие преговори не беа лесни бидејќи се одвиваа во услови на најнарушени односи со Бугарија, во времето кога јас дојдов на чело на Владата. Во текот на тие преговори минавме низ еден тежок период. Јас сум кажал и ќе повторам, моето чувство во тие моменти беше како некој со нож да ми го сече стомакот. Меѓутоа на крајот на денот вие мора да донесете одлука, одлука за иднината и за визијата на државата“, истакна Ковачевски.
Тој се надоврза велејќи дека на почеток на преговорите на маса биле прашањата кои се однесуваат на македонскиот идентитет и тогаш биле потребни трпение, храброст и знаење за тие преговори да бидат сведени на преговори за малцински прашања.
„Визијата на државата и подобра иднина зависи од носење одлуки, а не од неодлучност. Со неносење одлуки државата останува во статус кво, односно назадува. Ние, нашиот пат во ЕУ го започнавме во 2005 година заедно со Хрватска. Додека Хрватска се европеизираше, ние од 2005 до 2016 година се антиквизиравме и затоа велам дека ЕУ предлогот е најдобриот предлог кој Македонија можеше да го добие, предлог со кој имаме заштитен македонски јазик, култура и идентитет како дел од мозаикот на култури и идентитети на европските народи. Ние денеска преговораме со Европската Унија“, изјави Ковачевски.
„Овие избори се избор меѓу надеж и безнадежност, избор меѓу европска интеграција и изолација“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во вечерашната емисија „Дуел за Македонија“, на Канал 5 телевизија.
Ковачевски потенцираше дека јасно се гледа кој од претседателските кандидати се застапува за надеж и европска интеграција, а тоа е кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, наспроти кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска, која единствено граѓаните ја паметат по репликите во однос на потребата Северна Македонија бескрајно да го одложува носењето на потребните одлуки за интеграција на државата во ЕУ.
„Силјановска покажа дека нема лидерски капацитет и никаква одлучност при носењето на важни одлуки за државата. Вие можете да замислите како би изгледала да нe претставува во НАТО или на самитите на ЕУ човек којшто секогаш бил против носење на одлуки за зачленување во НАТО и за продолжување на европскиот пат на државата. Затоа сметам дека победничкиот кандидат кој нуди визија, одлучност и лидерство за Македонија да стане тоа што граѓаните го сакаат, а тоа земја членка на ЕУ, е претседателскиот кандидат Стево Пендаровски“, рече Ковачевски.
Притоа, Ковачевски посочи дека во вториот круг ќе има два кандидати кои ќе се натпреваруваат за гласот на граѓаните, со тоа што потенцијалот на Пендаровски е поголем во однос на сите други кандидати. „Затоа на 8 мај Пендаровски повторно ќе биде избран за Претседател на државата и на 8 мај заедно со коалицијата за европска иднина ќе формираме Влада којашто ќе ја внесе Македонија во ЕУ до 2030 година“, потенцираше Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.