Ковачевски: Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседател

Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието, тие се посебни власти во државата.

Претседателот на државата е правник, тој има искусни правници коишто работат во неговиот кабинет, што јас исклучително ги ценам, и врз основа на анализата која што ќе ја направат за законите кои Собранието веќе ги донесе, претседателот на државата ќе го каже својот финален збор во однос на законските решенија неопходни за реализација на договорот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д со „Бехтел и Енка“, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Никогаш не ги прејудицирам одлуките на претседателот на државата или на претседателот на Собранието, тие се посебни власти во државата. Јас лично зборувајќи во мое име сметам дека се работи за закони коишто се потребни заради изградба и тоа не само на овој проект, бидејќи ако ги погледне законите се работи за усогласување на нашето законодавство за побрзо, поевтино и поефикасно проектирање и изведба на инфраструктурни проекти во патната, железничката, гасната и електричната инфраструктура во државата, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на Клиничкиот центар во Скопје.

Погледнете го, додаде, автопатот Кичево – Охрид, 600 милиони евра се потрошени досега, 10 години се прави, а ниту еден метар автопат нема.

-Па само камати да пресметате на тие пари да не сте го правеле ќе видите колку ќе имало приходи за државата. Меѓутоа, во тоа време владата на ВМРО-ДПМНЕ одлучила по тој модел да го прави автопатот со кинески изведувачи, а 400 милиони евра е првиот договор. Јас можам да ви покажам документ каде што во последните денови од владата на Груевски додаваат уште 200 милиони и го прават 600 милиони евра да чини и уште нема ниту едно метро автопат направено во државата, појасни Ковачевски.

Затоа, додаде, со овие законски измени се овозможува да работи најголемиот светски конзорциум за изградба на вакви инфраструктурни проекти.

-„Бехтел“ не само што ги има направено најголемите автопати во регионот - Косово, Албанија, Србија нов автопат пуштија во Хрватска пред тоа, подводниот тунел под Ламанш, метрото во Атина. Многу голем број на други инфраструктурни проекти се правени од страна на овој најголем светски конзорциум. Јас сметам дека со законските измени за пет години ние ќе имаме модерен автопат со шест ленти и на Коридорот 8 и на Коридорот 10д помеѓу Прилеп и Битола, потенцира Ковачевски.

Вчера попладне во кабинетот на претседателот на државата се пристигнати петте закони за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“. Во следните денови, информираат од Кабинетот на претседателот, ќе бидат разгледани од претседателот Пендаровски и ќе биде донесена одлука дали и кои укази ќе бидат потпишани.

Словачка одби да ѝ испрати помош на Украина, луѓето сами собрале 2 милиона евра за муниција

Словаците се лути поради одбивањето на словачката влада да обезбеди воена помош за Украина во борбата против руската инвазија, оваа недела собраа речиси 2 милиони евра во кампањата да му помогнат на Киев да се снабди со муниција.

Украина има итна потреба од резерви на муниција по две години војна. Но, Словачка одби да се приклучи на планот на чешката влада да купи стотици илјади гранати како артилериска муниција за Украина. Најмалку 15 сојузници се приклучија на планот.

„Кога слушнав за иницијативата на чешката влада, бев многу среќен кога слушнав дека се истражуваат сите начини за да ѝ се помогне на Украина да се одбрани од (рускиот) агресор, бидејќи нема друг начин“, рече Ото Симко, 99 -годишен преживеан од Холокаустот и новинар кој помогнал да се започне словачка онлајн кампања за собирање средства.

Словачка ја прекина државната воена помош за Украина минатата година, тврдејќи дека конфликтот нема да се реши воено, а премиерот Роберт Фицо ја усвои руската реторика повикувајќи на мировни преговори. Украина вели дека ќе се бори додека руските трупи не се повлечат.

Во видеото објавено на страницата на Јутјуб на организаторот на кампањата, Симко вели дека Русија треба да биде истерана од Украина за „да може да се зборува за мир под услови кои ѝ одговараат на украинската независност“. Донаторите велат дека целта на кампањата е да се покаже дека мнозинството не се согласува со промената на владата во надворешната политика по изборите во септември.

Претходните влади обезбедија противвоздушна одбрана и борбени авиони за Киев, додека министерот за надворешни работи на владата на Фицо се состана со неговиот руски колега во март. Тоа беше редок состанок на високо ниво на кој учествуваа Москва и членка на Европската унија.

„Многу луѓе во Словачка се срамат од ориентацијата на владата кон Русија. Тоа е причината за ваквиот придонес на народот“, рече Зузана Изакова од граѓанската група Мир за Украина, која е организатор. Акцијата „Муниција за Украина“ собра 1,94 милиони евра за четири дена, до петок напладне, со повеќе од 30.000 донатори, кои во просек донирале по 64 евра, се наведува на веб-страницата на иницијативата.

Изакова рече дека собирањето средства ќе биде неограничено, а средствата ќе бидат наменети за чешката кампања за набавка на муниција, од која во јуни се очекуваат првите испораки во Украина. „Ќе направиме сè што можеме за граѓаните на Словачка да можат да ја исполнат својата намера да ѝ помогнат на Украина“, ја цитираше чешката телевизија изјавата на чешкиот премиер Петр Фиала вчера во Брисел на самитот на ЕУ.

Костадиновска-Стојчевска: Само со СДСМ има европска иднина, нема враќање во мрачното минато

„Вистински промени во македонското општество се можни само со следење на европскиот пат и со членство во европското семејство. “

„Нашата држава нема друга алтернатива. Нашите работници и пензионери немаат друга опција за подобар живот, за достоинствено вреднување на нивниот труд, за посигурна иднина за своите деца и внуци”, порача потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, од предизборниот митинг на СДСМ и Коалицијата во Охрид.

Таа додаде дека како што во изминатите години постојано Владата предводена од СДСМ ги зголемуваше пензиите и водеше посебна грижа за сите, така продолжуваме и после 8 мај.

„Ние сме првата политичка партија која воспостави трајна методологија за раст на пензиите, но и постојан раст на платите”, рече Костадиновска-Стојчевска додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не покажа никаква грижа ниту за државата, ниту за културата, ниту за работниците, нуту за пензионерите, туку дека целосно се посветија на ограбување на народот и на дезинтеграција на државата.

„Во време на ВМРО ДПМНЕ не успеаа да ги осигураат платите во култура, само успеаа десет луѓе да заработат од гипс картонот кој стои во центарот на Скопје”, посочи коносителката на листата во изборната единица 5.

Костадиновска-Стојчевска рече дека промотивното видео кое партијата на Мицкоски го промовира во кое еден актер шета низ магла е вистинската порака која сакаат ВМРО-ДПМНЕ да ја пратат, дека повторно културата ќе биде за одредена група на луѓе и ќе биде заробена во канџите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Навикнати се нивните политики да функционираат само во хаос и безредие. За нив Европската унија, европската култура и идеја не се иднина”, укажа Костадиновска-Стојчевска.

Коносителката пред охриѓани порача дека ова се избори помеѓу светла иднина и мрачно минато и дека на 8 мај граѓаните ќе изберат надеж и европска иднина.

„Немаме време за губење за власта да ја предадеме на манипулатори и креатори на лажни вести и наместени анкети. Тие немаат план за државата, тие од заматените погледи од корупција и незнаење, не ја гледаат иднината, рече Костадиновска-Стојчевска потенцирајќи дека нема време и трпение да живееме во нова мрачна деценија, особено сега кога на дофат ни е светлата европска иднина.

„СДСМ иднината ја носи заедно со нашиот Претседател Стево Пендаровски. Сите ние цврсто и одлучно го газиме европскиот пат и нема да дозволиме никој да не попречи, а најмалку деструктивната и корумпирана ВМРО ДПМНЕ. За нас одамна е јасно- НАШАТА ИДНИНА Е ВО ЕВРОПА и од неа не се откажуваме“, им порача на охриѓани Костадиновска-Стојчевска, се наведува во партиското соопштение.

Шолц: Војната во Украина би можело да потрае уште неколку години

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да биде продолжена за уште неколку години.

„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби уште пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц. Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.

„Од почетокот на војната, сепак, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на напредок“, рече тој. „Диктираниот мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.

Шолц вечерва беше гостин на панел дискусија организирана од весникот Freie Presse со наслов „Германија под притисок. Како може да функционира коалицијата под новите услови?“ , објави Цајт.

притисни ентер