Ковачевски: Нема откажување, Европска Македонија ќе биде реалност!

Одиме на победа! Со Стево, со вас и со мене, во 2028 година Македонија ќе ги заврши преговорите со ЕУ.

Одиме на победа! Со Стево, со вас и со мене, во 2028 година Македонија ќе ги заврши преговорите со ЕУ и сите вие овде ќе бидете горди што се биле дел од патот на Македонија кон поправедна, побогата, подемократска европска држава, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната Конвенција на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Скопје.

Ковачевски ги повика граѓаните да излезат на изборите и да го поддржат претседателот Стево и Коалицијата за европска иднина.

-Почитувани граѓани од сите делови на Македонија. Вечерва, тука од Скопје, ве повикувам сите да го поддржиме нашиот претседател Стево во првиот круг на 24 април и да покажеме дека Македонија сака лидер кој верува во европските вредности и во прогресивната иднина. А на 8-ми мај да ја прогласиме конечната победа за европска Македонија - победата на Стево Пендаровски, нашиот претседател, и победата на Коалицијата за европска иднина. Единствениот пат кој води од тука е до победа! Одиме на победа! Нема застанување додека не ја направиме Македонија дел од Европа. Нема откажување додека Европа не ја донесеме во Македонија! Нема откажување од иднината, рече Ковачевски.

Вечерва со нас се нашите коалициски партнери кои ги споделуваат вредностите за економски напредок, слобода, правда, солидарност и еднаквост, сите тие застануваат и зад кандидатурата на Пендаровски, бидејќи знаат дека го имаме најдобриот кандидат за претседател, посочи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќањето, се наведува во партиското соопштение.

Собраниска делегација на 106-ти Рос-Рот семинар во Варшава

Во организација на ПС на НАТО и Сејмот и Сенатот на Република Полска, на 16 и 17 овој месец во Варшава се одржа 106-от Рос-Рот семинар на тема „Силна одбрана и демократска отпорност: Полска, адаптацијата на НАТО и идната европска безбедност”.

На семинарот, на кој присуствуваа околу 200 учесници од парламенти на земјите членки и асоцијативните членки на НАТО, државите партнери, високи официјални претставници на меѓународните организации, невладиниот сектор, универзитети, владини и претставници на истражувачки институти, од Собранието учествуваа пратениците Драган Ковачки - шеф на делегацијата во ПС на НАТО, Беким Сали и Славјанка Петровска - членови на делегацијата.

Семинарот, како што соопшти собраниската прес-служба, го отвориле Маркос Перестрело Де Васконселос, шеф на португалската делегација и потпретседател на ПС на НАТО, Јоана Клузик-Ростковска, шеф на Полската делегација во ПС на НАТО, Симон Холовнија, спикер на Сејмот, Малгорзата Кидава-Блонска, спикер на Сенатот на Република Полска и Фабрис Филије, Амбасадор на Швајцарија во Република Полска, Цезари Томчик, државен секретар во Министерството за одбрана на Полска и Јечек Сивиера, Шеф на Националното безбедносно биро на Полска.

-Парламентарците имаа уникатна можност да разменат мислења и продискутираат за прашања поврзани со зајакнување на Источното крило на НАТО, опкружувањата и актуелниот развој на настаните во тој регион, за поддршката на Украина и зачувувањето на поредокот базиран на правила, тековните случувања во Белорусија, заштита на демократските општества од влијанијата на автократските режими и ширењето на лажните вести и дезинформации. Имајќи ја предвид моменталната катастрофална состојба и жртвите во поплавите во Полска, сите говорници ја искористија приликата да изразат сочувство на семејствата на загинатите и солидарност со полскиот народ за справување со овие временски непогоди. Во овој контекст, беше особено потенцирана важноста од цивилна, воена и институционална подготвеност на земјите за справување и одговор на ваков вид на општествени предизвици, се наведува во соопштението.

За време на дводневниот семинар, била потврдена недвосмислената поддршка на Украина во борбата протов рускиот агресор до конечна победа и обезбедувањето на помош согласно потребите на украинскиот народ и институции, но и поддршка истовремено за победа на демократските вредности и почитувањето на меѓународното право.

Во однос на зајакнувањето на Источното крило на НАТО и состојбите на Балтикот, била поздравена улогата на Финска и Шведска по нивното зачленување во Алијансата и додадената вредност во воени капацитети.

-На темата посветена за случувањата во Белорурија, свое обраќање имаше Светлана Цикановскаја, лидер на Демократските сили на Белорусија, која ја претстави ситуацијата во земјата и мислењето на граѓаните за војната во Украина и односите со Русија. Последната тема, на која се дискутираше за соочувањето со и делувањето против автократиите и зајакнувањето на демократската отпорност, покрена низа на прашања за растечките промени во демократскиот свет, опаѓањето на слободата на говор, масовното ширење на лажни вести, дезинформациите и регулирањето на онлајн платформите за спречување на вакви појави. Ескпертите апелираа за што поскоро формирање на Демократски Центар за отпорност во рамките на НАТО, како и за измена на Етички кодекси и правила за интегритет во националните парламенти, во кои ќе се вметнат одредби и за дезинформации и интегритет на говор, се посочува во соопштението од собраниската прес-служба.

Летачко такси во Дубаи до почетокот на 2026 година

 Летачката такси-услуга во Дубаи ќе биде пуштена во промет до првото тримесечје на 2026 година, изјави Калед ал Авади, директор на одделот за транспортна технологија во Управата за патишта и транспорт на најпознатиот град во ОАЕ.

- Имаме план за до првиот квартал на 2026 година да почнеме со авио-такси услуга. Во мигов работиме на тестирање и сертификација на самото возило со нашите партнери од американската компанија „Џоби авиејшн“ (Jobi Aviation). Ја почнуваме и фазата на дизајнирање станици со „Скајпорт“ (Skyport) - британската компанија којашто ќе развива хелиодроми, појасни Ал Авади.

Според најавата, во Дубаи се планира изградба на четири вертикални хелиодроми за такси-летала, од коишто два ќе бидат пуштени во употреба на почетокот на 2026 година.

- Со нашите партнери работиме оваа услуга да биде што попристапна и веруваме дека ќе биде многу поевтина од користењето конвенционални хеликоптери, додаде директорот на Управата.

Цената на оваа услуга, според првичните информации, ќе биде пониска или приближно исто како и онаа за изнајмување лимузина. Електричното летачко такси, исто така, ќе биде и „сто пати потивко“ од обичниот хеликоптер, се вели. И копнено-сообраќајната такси-услуга се електрифицира.

- Би требало, до 2035 година сите такси-возила во Дубаи да бидат електрични, а до 2050 година целиот возен парк да се состои само од електрични автобуси, заклучува Ал Авади.

Што се однесува до такси-автомобилите без возачи, коишто се развиваат заедно со „Џенерал моторс“, во Дубаи ќе бидат пуштени веќе во 2025 година. Тестирањето е во тек./МИА

Седумчлено семејство од делчевско Тработивиште бара материјална помош

Седумчлено семејство од делчевско Тработивиште бара материјална помош за подобрување на условите за живот.

Родител на пет деца од делчевското село Тработивиште бара материјална помош за подобрување на условите за живот во нивниот дом во селото.

Ариф Асанов, кој заедно со неговата сопруга имаат скромни примања, не е во можност сам да купи материјал за оспособување на простор за основни хигиенски потреби заради што реши да ја побара поддршката од хуманите граѓани.

-Две собички имам, сакам да доуредам простор за купатило, а и покривот исто е паднат. Само јас сум вработен, жената се грижи околу децата. Тие одат на училиште, а јас со моите примања не можам да успеам да направам купатило. Една плата е, сакам, но не можам да постигнам, вели Асанов.

Доколку обезбеди материјал, вели дека сам ќе ги заврши градежните работи, а добил ветување од соседите дека и тие ќе му помогнат.

-Знам да работам со малтерација и комшиите ветија помош, знам да работам со малтерација. Мора да го направам, ќе пораснат децата, нема кај да се избањаат. Инаку моментално јас и едната ќерка заедно спиеме во една соба, другите се во другата соба. Ако има материјал и за друга соба ќе ја направам. Сите кои сакаат да помогнат нека ме контактираат на 078/714-689, додава Асанов.

Поради ниските примања по завршувањето на работата Асанов собира пластични шишиња за да го прехрани семејството. Од нив, како што вели, успева да обезбеди 1500 денари за да го надополни и онака скромниот буџет.

Остава, како што вели, хуманите граѓани да го слушнат неговиот апел и да помогнат да обезбеди подобри услови за живот во тројната куќичка во Тработивиште.

притисни ентер