Ковачевски на Самитот Западен Балкан-ЕУ во Тирана

На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од Западен Балкан, денеска ќе учествува и ќе говори на Самитот за Западен Балкан-Европска Унија во Тирана, Албанија, посветен на справување со последиците од руската инвазија врз Украина, зајакнување на безбедноста и градење отпорност кон странското мешање, одговор на предизвиците од миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Ова е прв самит меѓу Унијата и Западен Балкан што се одржува во земја која не е членка на Унијата.

Учесниците на Самитот ќе ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а најавено е присуство на високите европски претставници, претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лаjен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји.

На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски на Самитот во Тирана ќе учествува и на две панел дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето на демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Вчера албанскиот премиер Еди Рама изјави дека самитот Западен Балкан – Европска Унија во Тирана го покажува зголемениот геостратешки интерес на ЕУ за тој регион за време на војната меѓу Русија и Украина.

Според Рама, војната во Украина потсетува на ранливоста на регионот и ѝ даде поттик на ЕУ да ги внесе нациите од Западен Балкан во ЕУ. Додава дека блокот треба особено да работи „тесно со Србија“, која не се приклучи на воените санкции на ЕУ за Русија за време на војната.

Во рамки на Самитот, телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан ќе потпишат Декларација со која ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот во 2023 година.

Како што најави Советот за регионална соработка (СРС), ова ќе придонесе за намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, ќе го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и ќе даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Откако стапи во сила регионалниот договор за намалување на цените на роаминг, со кој беше укинат роамингот во Западен Балкан од јули 2021 година, СРС тесно соработува со Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан, како и со властите од регионот да ги намалат цените на роаминг меѓу ЕУ и регионот, се наведува во соопштението.

СРС потсетува и дека лидерите од Западен Балкан потпишаа три важни договори на почетокот на ноември како дел од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар на Берлинскиот процес – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на стручни квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти.

Полицијата изрече 207 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи вчера спроведе акциска контрола на територијата на земјава  за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што биле санкционирани 207 возачи.

Од нив шест возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а едно возило се движело со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 76 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 131 надвор од населено место, информираат од МВР.

Тие најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Воедно апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта.

Терзиќ се надева на прекинување на црната серија против Баерн Минхен

Борусија Дортмунд сака да ја прекине лошата серија од 9 последователни порази против Баерн Минхен во Бундеслигата кога тимот викендов ќе гостува на „Алијанц Арената“.

-Време е. Наша цел е да одиме во Минхен и конечно да заминеме како победници, изјави тренерот на тимот Един Терзиќ.

„Жолто-црните примија 37 гола на тие 9 натпревари и немаат победа во првенството од 2018 година, а есента загубија на домашен терен со 0:4.

-Влегуваме во последниот и највозбудлив дел од сезоната. Подготвени сме да покажеме дека сме способни за се за да ги оствариме нашите цели, додаде Терзиќ.

Иако Баерн, кој 11 пати по ред е шампион во Германија, нема најдобра сезона, „против нас секогаш го покажуваат најдоброто“, истакна тренерот на Борусија.

Екипата на Дортмунд за утрешниот меч ќе биде без суспендираниот играч за врска Марсел Забицер, повредениот бек Рами Бенсебаини и голманот Грегор Кобел кој има стомачен вирус. /МИА

Велигденска честитка на Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх

„Не е овде! Воскресна! Еве го местото каде што го положија“ (Марко 16,6)

Со овие едноставни зборови, евангелистот Марко опишува како жените, во раните утрински часови, на првиот ден од седмицата, го откриле празниот гроб. Жените со страв го напуштаат местото, иако требало да знаат дека одамна пророците го објавиле настанот на Исусовото воскресение.

Но, како се случи тоа? Само три дена пред Исусовото воскресение, Петар се одрекол од Него. Три пати рекол дека не го познава човекот кој тврди дека е Месија, Спасител. Петар уште немаше сила да посведочи за Христа. А учениците кои после Исусовата смрт на крстот отидоа од Ерусалим во Емаус, го препознале дури кога го прекршил лебот за да јаде заедно со нив.

Учениците кои речиси три години го следеле Исуса, го слушале и ги гледале чудата што ги правел, не можеле веднаш да поверуваат. Уште еднаш требало да поминат низ школата на верата за да ја примат на крајот силата на Светиот Дух, со што ќе се ослободат од својата плашливост и ќе излезат од своето скривалиште и јавно ќе зборуваат за големите Божји дела. На крајот, ги положија своите животи за верата, а во служба на Радосната вест. Силата што ја примија ги одржуваше и ги поддржуваше, да не се плашат повеќе, туку да можат смело да сведочат за Христос, Спасителот на луѓето, кој умре со страшна смрт на крстот и кој воскресна. По воскресението, прво им се јави на учениците свои, а по четириесет дена се вознесе на небото и седна оддесно на Отецот, од каде пак ќе дојде во слава и ќе им суди на живите и мртвите. Оваа велигденска порака ни е предадена во Евангелијата и оттогаш таа се објавува, пренесува, објаснува и постојано се толкува веќе две илјади години.

Денес веќе не гледаме празен гроб на чија порака би можеле да и веруваме. Разните привлечни туристички аранжмани за велигденските празници ја одредуваат сликата за Велигден. Затоа не е лесно да ги откриеме трагите на воскресението во секојдневниот живот. Но, да се потсетиме дека ни учениците од Емаус не можеа да го препознаат Исуса додека беа со него на пат, затоа што очите им беа замрежила и го сметаа за туѓинец, но нивните срца гореа додека тој им го толкуваше Писмото. Го препознале во кршењето на лебот. Господ нека го разгори и нашето срце кога го читаме и слушаме словото Божјо за да можеме да го препознаеме воскреснатиот Христос на секое евхаристиско славење кога молиме: „Господи, Твојата смрт ја навестуваме, Твоето воскресение го славиме, Твоето славно доаѓање го очекуваме!“

На сите Ви посакувам Честит празник Воскресение Христово - Велигден!

Христос воскресе! Навистина воскресе!

притисни ентер