Ковачевски: Можеме и треба да бидеме дел од денешна Европа

Македонија може и треба да биде дел од денешна Европа, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“, која ќе трае два дена. 

Тој истакна дека решение за подобрување на стандардот на граѓаните има ако останеме посветени на приоритетите и создадовме предуслови за тоа.

Ковачевски, осврнувајќи се на постигнувањата во минатата 2022 година, рече дека Владата успеала да ги заштити граѓаните од енормното поскапување на храната како последица на енергетската и кризата предизвикана со војната во Украина. Зголемена е просечната плата, како и пензиите, кои и оваа година ќе бидат зголемени. Растот на пензиите, додаде тој, е загарантиран со закон.

Премиерот Ковачевски потенцира дека има нови инвестиции, како и вложувања во капитални инвестиции, направени се низа системски решенија, а има и домашно производство на храна и енергија.

Во своето обраќање тој детално информираше што се е направено во 2022 и што се планира во 2023 година во сите сектори, субвенционирањето и мерките за помош на компаниите и граѓаните.

– Плановите на Владата имаат за цел да обезбедат подобар стандард и подобри услови за живот на сите граѓани и во услови на најголемата светска економска и енергетска криза, истакна меѓу другото Ковачевски.

Во рамки на конференцијата во двата дена е предвидено одржување на вкупно осум панели на различни теми.

Целта на конференцијата е преку дискусија прво да се направи пресек на она што е направено во 2022 година, како и да се дадат насоки и визии за 2023 година.

На првиот панел „ЕУ интеграции и реформски процеси“ ќе се дискутира за евроинтегративниот процес, скринингот, европските фондови, општествените реформи како и владеењето на правото и европските вредности.

На вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ ќе се разговара за капиталните инфраструктурни инвестиции, но и за достигнувањата и плановите, како и остварените и планирани капитални инвестиции во образованието, културата и животната средина.

На третиот панел „Инвестиции и економски раст во услови на криза”, ќе се дискутира за условите и можностите кои ќе обезбедат дополнителни странски и домашни директни инвестиции, ќе обезбедат нови работни места, повисок стандард, но и за генералните насоки за економски раст во услови на криза.

На четвртиот Панел „Социјални и здравствени политики во време на криза“, ќе се разговара за ефектите од антикризните мерки, воведувањето на новите методологии за раст на минимална и просечна плата како и новата методологија за раст на пензиите, како и за здравствените политики во изминатава и следнава година.

Во текот на вториот ден од конференцијата ќе се одржат исто така четири панели.

Њујорк се подготвува за демонстрации на поддржувачите на Трамп

Њујорк се подготвува за демонстрации на поддржувачите на Трамп во врска со очекуваното обвинение против него.

Поставени се барикади околу судот во Менхетен, каде приврзаниците на Доналд Трамп се подготвуваат да протестираат против обвиненија во врска со изборната кампања во 2016 година дека тој тајно платил на порно ѕвезда да не дистрибуира доверливи материјали против него, јавија американски медиуми.

„Протестирајте, вратете ја нашата нација!“ повика Трамп во саботата, а неговите зборови предизвикаа загриженост дека сцените на насилство што се случија во Капитол на 6 јануари 2021 година, може да се повторат. Сепак, некои од неговите екстремно десничарски поддржувачи стравуваат дека органите на прогонот би можеле да им направат стапица и избраа да не ги послушаат неговите апели, велат експертите за безбедност.

Големата порота се очекува да го обвини Трамп до среда, објави Политико, бидејќи тој одобрил исплата на пари на порно ѕвездата Сторми Даниелс.Трамп, кој се обидува повторно да биде номиниран од Републиканската партија за претседател на изборите следната година, рече дека очекува да биде уапсен денеска.

Адвокатот Роберт Костело пред судот синоќа изјави дека поранешниот личен адвокат на Трамп, Мајкл Коен и платил 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс. За возврат, таа морала да молчи за аферата за која тврдеше дека ја имала со Трамп една деценија претходно.

„Мајкл Коен сам одлучи, тоа ни кажа, сам одлучи да види дали може да се погрижи за ова“, им рече Костело на новинарите откако сведочеше пред големата порота на барање на одбраната на Трамп.

Коен веќе двапати сведочеше на суд и јавно изјави дека и платил на порно актерката по налог на Трамп.

Обвинението може да му наштети на обидот на Трамп да се врати во Белата куќа. Околу 44 отсто од републиканците велат дека тој ќе мора да се откаже од претседателската трка доколку биде обвинет, според анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, изјави дека полицијата ги следи социјалните мрежи и ги следи „нередовните активности“ во градот. Полициската управа на Њујорк соопшти дека нема веродостојни извештаи за безбедносни закани.

Доколку Трамп биде обвинет, тој најверојатно ќе мора да отпатува од својот дом во Флорида за земање отпечатоци и други процедури. Повеќе медиуми објавија дека вчера имало состанок на органите на редот на кој се разговарало за логистички прашања поврзани со можното поднесување обвинение против поранешниот претседател на САД.

Стејт департмент: Најсериозните проблеми на Косово се владината корупција, заканите....

 Најсериозните проблеми на Косово се владината корупција, родовото насилство и заканите за малцинствата.

Сериозната корупција во Владата, недостиг на истрага и одговорност за родово засновано насилство и насилство или закани врз етничките малцинства и други маргинализирани групи се едни од најсериозните проблеми во Косово, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права.

Во извештајот за 2022 година во делот за Косово се споменува дека законот предвидува кривични казни за функционери вмешани во корупција, но дека владата не го спроведува во целост.

„Имаше неколку пријавени случаи на корупција на владино ниво. Службениците понекогаш се впуштаа во коруптивни практики неказнето. Недостигот на ефективен судски надзор и кревкоста на спроведувањето на законот доведоа до овој проблем“, се наведува во извештајот. Беше оценето дека некои случаи на корупција биле постојано обжалувани и дека судскиот систем повремено дозволувал застареност, пренесе Бета.

Антикорупциската и Државната ревизорска служба беа спомнати и во извештајот како одговорни за борбата против корупцијата во владата. Во извештајот се забележува дека невладините организации во Косово, како и меѓународните организации, постојано укажуваат на неуспехот на правосудниот систем да ги казни случаите на корупција, така што многу малку случаи на високи функционери, вклучително и овие прекршоци, завршиле со казни.

Беа спомнати и две големи истраги за корупција на границата меѓу Косово и Албанија.

„Истрагата резултираше со апсење на 74 косовски полицајци, двајца косовски цариници и 34 албански полицајци“, се вели во извештајот.

Во дел од извештајот се споменува дека процесот започнат во 2019 година против поранешниот министер за земјоделство Ненад Рикал се уште нема епилог. Тој и уште осум функционери во министерството беа обвинети за злоупотреба на службената положба, бидејќи наводно манипулирале со пари наменети за проекти.

Во делот за недостигот на истраги за родово засновано насилство, извештајот споменува дека жртвите често не пријавуваат такви случаи, вклучително и сексуално и друго насилство, поради социјална стигма и недоверба во властите. До септември 2022 година, обвинителите истражија 160 случаи на силување и поднесоа 30 тужби.

Во извештајот се споменува силување на 11-годишно девојче во Приштина, за кое се осомничени еден возрасен и четворица малолетници.

Извештајот, исто така, заклучува дека помалку жени имаат лидерски позиции во бизнисите, полицијата или владата.

Институцијата Народен адвокат извести дека жените често се изложени на дискриминаторски практики за вработување, како и на форми на дискриминација, вклучително и сексуално вознемирување на работното место во јавниот и приватниот сектор.

Според наодите од извештајот, жените во Косово „не се доволно застапени на пазарот на трудот, бидејќи само една од пет жени е активен дел од формалниот пазар на трудот“.

Ново рочиште за пожарот во тетовската модуларна болница

 Во 10 часот денеска треба да се одржи ново рочиште од судскиот процес за пожарот што се случи во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животот го загубија 14 лица.

На последното рочиште, што се одржа на 2 март, судијата побара адвокатите на одбраната за денеска да посочат за кои околности се повикуваат предложени сведоци од нивна страна. Судијата определи и два термини за рочиште за следниот месец односно за 4 и 25 април.

Пред три недели на рочиштето сведочеа овластен судски вештак по електротехника и жена која била придружник на човек кој бил на болничко лекување.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставникот на Клиничката болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не признаваат вина и не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога загинаа 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.

притисни ентер