Ковачевски: Имам визија и план како заеднички да се вратиме на победничките патеки

Димитар Ковачевски, кандидатот за претседател на СДСМ ја побара поддршката од граѓаните на претстојните внатрепартиски избори во СДСМ изјавувајќи дека има визија и план како партијата повторно да се врати на победничките патеки. 

Тој вели дека работите мора да се менуваат и токму тоа го покажале последните избори, па затоа тој го повикува членството да се обедини за промените кои членовите, но и граѓаните, ги очекуваат.

„Како иден претседател на СДСМ, моја цел ќе биде да ја подобриме комуникацијата со членството и да дадеме фер шанса на секој кој умее и сака да работи за граѓаните. СДСМ ќе биде препознаен преку чесни, посветени и ангажирани луѓе, а посветеноста и одговорноста на секој ќе биде единствено мерило за напредок. Партиските тела ќе ги зајакнеме и активираме на многу повисоко ниво. Месните одбори и комисиите ќе бидат основни тела за креирање и евалуирање на политиките на партијата“, вели Ковачевски во видео обраќањето до јавноста.

Ковачевски смета дека граѓаните мора да ја вратат довербата во државата и затоа Владата мора да ги исполни нивните очекувања кои се однесуваат на поголема ефикасност во владеењето и исполнување на ветувањата. Клучот за ова според него е поставување на вистински луѓе на вистински позиции, како и воспоставување на систем во кој секој ќе биде одговорен за своите задачи.

„СДСМ го има најдобриот кадровски потенцијал и ќе го искористиме. Потребен е поголем фокус на реалните потреби на граѓаните, на оние проблеми кои им тежат на луѓето. Во моментов е тоа економијата и животниот стандард. Да се фокусираме на решенија и многу повеќе на локално и на централно ниво да зборуваме за овие проблеми. Исто така потребно е одговорно владеење и недвосмислена борба со криминалот и корупцијата. Не се доволни успешни реформи на судскиот систем и добри закони; граѓаните сакаат да видат дека сите ние како политичари со личен пример и во пракса го спроведуваме тоа. За ова не смее да има компромис“, вели Ковачевски.

За крај Ковачевски ги повика граѓаните членови на СДСМ во недела да ги поддржат промените кои ги носи неговата програма затоа што верува дека сите граѓани имаат иста цел, држава која оди напред, се наведува во соопштението на Ковачевски.

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер