Ковачевски: Ги реализираме и инфраструктурните проекти кои беа заглавени десетина години

Ги реализираме и инфраструктурните проекти кои поради лошо проектирање беа заглавени десетина години.

Повторно зголемување на платите и пензиите, амбициозен план за инвестиции, почеток на градежните работи на Коридорот 8, автопатско решение до Албанија и меѓу Прилеп и Битола, завршување на најголемите инфраструктурни проекти, браната Коњско, автопатот Кичево – Охрид.., се само дел од активностите за оваа година, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Во изјава за медиумите по завршувањето на првиот панел од конференцијата „Година на нови можности“, Ковачевски истакна дека оваа Влада веќе ги реализира проектите кои долго време беа заглавени, а интензивно се работи и на патиштата кои не беа направени.

Премиерот рече дека ако се има посветеност, фокус и волја, инвестициите може да се реализираат.

Ковачевски е согласен со стопанските комори дека инфраструктурата е врвен приоритет за успешно развивање на економијата и бизнисите во кој било регион.

– Бизнисот има право да го каже тоа. Јас сум поминал 22 години во приватниот сектор, сум бил дел од Стопанската комора и сум личен пријател со претседателите на сите комори. Во државата беа почнати неколку клучни инфраструктурни проекти пред десетина години кои не се реализираа зашто беа лошо проектирани. Патот Кичево – Охрид почна со интензивна реализација во 2022 година, зашто 25 отсто од трасата мораше одново да се проектира. Сега има над 75 отсто реализација на овој патен правец. Интензивно се работи и на патишта кои не беа направени. Комплетно е рехабилитиран патниот правец кај Плетвар, веќе е завршен едниот тунел во Фаришка Клисура, се пробива и вториот тунел со што ќе може да се поврзе патниот правец од Дреново до Плетвар, веќе се сменети изведувачите на магистралниот пат кон Бугарија што гарантира дека ќе бидат завршени инвестициите, го пуштивме патот Штип – Кочани, истакна Ковачевски во врска со прашањето „дали во оваа држава постои поим одговорност за доцнењето на инфраструктурните проекти“ што преку колумна го упати претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески до Владата.

Тој повтори дека минатата година, иако беше најкризна, има највисоко ниво на капитални инвестиции во историјата на државата, 465 милиони евра.

– Овој тим што сега работи докажа дека може да ги одглави проектите поради лошите претходни проектирања и да ги спроведе. Владата има одговорност пред граѓаните да ги спроведе овие проекти, подвлече премиерот. – Комплетно се согласувам со Стопанската комора дека инфраструктура на врвно ниво е еден од предусловите за успешно развивање на економијата и бизнисите во кој било регион, потенцира премиерот.

Ново рочиште за пожарот во тетовската модуларна болница

 Во 10 часот денеска треба да се одржи ново рочиште од судскиот процес за пожарот што се случи во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животот го загубија 14 лица.

На последното рочиште, што се одржа на 2 март, судијата побара адвокатите на одбраната за денеска да посочат за кои околности се повикуваат предложени сведоци од нивна страна. Судијата определи и два термини за рочиште за следниот месец односно за 4 и 25 април.

Пред три недели на рочиштето сведочеа овластен судски вештак по електротехника и жена која била придружник на човек кој бил на болничко лекување.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставникот на Клиничката болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но дека не признаваат вина и не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 кога загинаа 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.

Схинас: Македонија испорача се, сега е време за следниот чекор

Македонија испорача се, сега е време за следниот чекор - отворање на кластерите, по уставните измени.

Процесот на европеизација на Балканот е неповратен, сите земји од регионот, вклучително и Македонија се цврсто на патот кон ЕУ, вели потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас во изјава за МИА, дадена на маргините на Конференцијата во Солун, посветена на улогата на новинските агенции во објективното информирање и борбата против дезинформациите во новата реалност на Балканот, организирана од АБНА-ЈИЕ.

Схинас во обраќањето на Конференцијата говореше дека сега е момент регионот да биде европеизиран, наместо ЕУ да биде балканизирана, како што многу пати се случувало во минатото.

На прашањето на МИА да даде појаснување за тоа како би се европеизирал регионот во кој постојат многу отворени билатерни прашања, кои не се според европските стандарди, како спорот меѓу Софија и Скопје, Схинас истакна дека доколку се погледне назад во историјата многу пати имало примери на балканизација на европската политика.

- Мојата главна порака беше дека кога ќе погледнеме назад кон историјата, многу пати видовме балканизација на европската политика. Ние знаеме што значи тоа - страдања, војни, поделби. Но, она што не сме го виделе досега е европеизација на регионот на Балканот. И тоа се случува сега, само во изминативе 20 години, тоа е ново и е нешто позитивно, тоа е охрабрувачки чекор. Повеќето земји се сега цврсто на патот кон членство во ЕУ. Македонија е пример, каде мислам дека ЕУ не беше секогаш многу фер, бидејќи побаравме многу различни работи, а вие ги испорачавте. Сега треба да преминеме на следното поглавје, а тоа е отворање на преговорите по поглавја и затворање на овие поглавја, откако ќе ги спроведете уставните измени, на кои што се обврзавте. Значи, се на се, позитивен момент за Македонија, вели Схинас.

Во однос на тоа дали навистина верува дека регионот ќе биде европеизиран многу брзо, тој вели дека тоа е неповратен процес.

- Цврсто верувам дека ова е неповратен процес, кој нема алтернатива. Поддржан е од општеството и е вин-вин процес, кога во овие геополитички турбулентни времиња станува јасно дека на Европа и е потребен регионот, и на регионот му е потребна Европа. Затоа, да, можам да бидам обвинет за оптимизам, но навистина верувам дека процесот е неотповиклив, уверува Схинас.

Пендаровски ќе се обрати на меѓународен симпозиум во чест на Ацо Шопов во седиштето на УНЕСКО

Претседателот на Македонија,  Стево Пендаровски денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов .

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски денеска во седиштето на УНЕСКО во Париз ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање - „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на македонскиот претседател.

Пендаровски ќе присуствува и на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов, а предвидено е да има средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.

Престојот во Франција, Пендаровски го почна вчера со посета на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што оствари средба со директорот на Институтот, Жан Франсоа-Хуше, со шефот на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО,Фроса Пејоска-Бушеро и со лекторот по македонски јазик на Институтот, Ѓоко Здравески.

-Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година. Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО која, на иницијатива на Република Македонија, го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот, соопшти Кабинетот на Пендаровски.

притисни ентер