Ковачевски: Eлектрична енергија за домаќинствата има, цената останува иста

Изјава на генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

„АД ЕСМ има стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и цената на струјата за домаќинствата нема да се менува.

АД ЕСМ го засили ископот на јаглен во РЕК Битола и РЕК Осломеј заради стабилно производство на електрична енергија за домаќинставата, и го оптимизира производството во хидроелектраните, гасната и ветерната електрана.

Компанијата во целост ги испорачува потребните количините електрична енергија кон универзалнот снабдувач за домаќинствата ЕВН Хоум.

По одредени написи во дел од медиумите-уште еднаш потенцираме дека набавката на јаглен, која ја спроведуваме по препорака на Владата, а во соработка со стопанската комора, заради високите цени на берзите во регионот и во Европа, е исклучиво за потребите на отворениот пазар, односно стопанството и институциите, со цел тие да се снабдат со електрична енергија по цени пониски од моменталните цени на берзите.

Во текот на наредните денови ќе склучиме договор за набавка на јаглен за РЕК Осломеј за негова континуирана работа од декември до април 2022 година.

За РЕК Битола повторно е распишан повик со цел да се добие поголема количина на јаглен, со поволна цена која ќе има економска оправданост.

Истовремено, се прават координации со ТЕЦ Неготино за стартување на оваа термоелектрана, и доколку се обезбеди мазут истата ќе се стави во функција.

Потенцираме, електрична енергија за домаќинствата има, цената останува иста.”

АД ЕСМ

Во Кичево физички нападнати полициски службеници

Во ОВР – Кичево денеска се лишени од слобода А.М.(38) и П.М.(38) двајцата од кичевското село Лазоровци.

Тие на улицата „11-ти Септември" во Кичево, најнапред вербално, а потоа и физички нападнале полициски службеници кои вршеле службени дејства.

– Двајцата се приведени и по документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, истакна портпаролот во ОВР – Кичево, Стефан Димоски.

Димоски додаде дека денес рано изутрина околу 2 часот во ОВР-Кичево било пријавено дека пред влезна врата од стан на улица „11-Септември" во Кичево, била истурена и запалена течност, но за среќа не настанал пожар.

ОВР-Кичево презема мерки за расчистување на случајот.

Портпаролот Димоски потсети дека вчера во ОВР-Кичево приведена е и лишена од слобода А.И.(49) од градот.Таа околу 13 часот на улица „11-ти Септември" го нарушила јавниот ред и мир и со метален предмет ја нападнала Л.А.(34)од Кичево.

СДСМ: Враќањето на Ставрески е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не е поместена од режимската матрица

Прес-конференција на СДСМ, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ.

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Во ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски нема никаква промена. Таму е присутна истата режимска матрица на Никола Груевски.

Последен доказ за тоа е и враќањето на висока партиска функција на кумот на Груевски и поранешен министер за финансии Зоран Ставрески.

Тоа е истиот Ставрески кој во 2012 на црниот понеделник даде налог на собраниското обезбедување насилно да ги исфрли прво новинарите, а потоа и пратениците од собраниската сала.

Ставрески кој како министер за финансии ја презадолжи државата за да се финансира проектот Скопје 2014. Ставревски кој беше десна рака на Никола Груевски во водењето погубни економски политики за што тој самиот кажа „Трошиме за чоколадо а немаме ни за леб"

Денес, тој ист Зоран Ставрески ќе ја контролира работата и ќе им наредува на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова значи дека градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговараат пред Ставрески и ќе работат во негов интерес наместо да одговараат пред граѓаните и да работат во нивен интерес.

Се појасно станува брзањето на Мицковски да ја превземете власта. Под притисок на бегалецот од Будимпешта, правите план за негово враќање. По негова насока ги враќате на пртиски позиции неговите најблиски соработници. Ги спремате ли и судиите кои ќе треба да го ослободат Груевски од секаква вина? Пак го отворивте Тефтерчето?

На Република Македонија и е потребна интеграција со светските демократски текови, а не враќање во минатото.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Петков: Бугарија треба да го преиспита пристапот кон Македонија на конструктивен начин

 Петков рече дека за да стигне до Скопје со авион морал да лета преку Виена и праша зошто нема железничка линија која ќе ги поврзе Бугарија и Македонија.

Една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и идниот бугарски премиер е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Македонија кои ќе опфатат различни области. Ова го коментираше Кирил Петков, копретседавач на „Продолжуваме со промената" која победи на парламентарните избори во Бугарија, во програмата „Седмицата" на бугарското приватно национално радио „Дарик".

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, овие работни групи треба да бидат слични на оние во преговорите меѓу идните коалициски партнери во Бугарија.

Да има работни групи за економија, инфраструктура, култура, историја, човекови права и да почнат да работат на секоја од овие теми што е можно потранспарентно, за да можат двата народа да се запознаат со реалните теми и секој да почне да размислува која е цената ако нема добрососедство меѓу двете земји и обратно – какви се успесите ако има вистинско добрососедство.

Според Петков, така темата за историјата, која не треба да се игнорира, ќе стане една од темите на разговор, но нема да биде единствена.

Петков рече дека за да стигне до Скопје со авион морал да лета преку Виена и праша зошто нема железничка линија која ќе ги поврзе Бугарија и Македонија.

Тој праша и зошто не се одржуваат конференции за различни индустрии, со што ќе се поврзат бизнисите на двете земји да работат заедно и зошто нема заеднички концерти. Да ги имавме овие работи, рече Петков, како би изгледале нашите економии.

-Тогаш подготвеноста за компромиси за прашања што се важни за нас како народ и за нив како народ би требало полесно да ги решаваме, коментираше Петков.

Но, според него, тоа не може да се случи, ако за тоа зборуваат само Бугарија и Македонија, туку целиот контекст мора да се отвори. Добрите резултати, рече, доаѓаат преку работа, а не преку добри идеи и слогани.-А најтешко е кога лидерите не се виделе или ако се гледаат на секои шест месеци, смета Петков.

Според него, најмногу можеме да добиеме со добрососедство и во иден момент да ги решиме овие проблеми, кои ги нарече „мали". Да бидеме, како што рече, дел од европското семејство што ќе биде многу добро и за целиот регион. /MИА

притисни ентер