Конвенција на ВМРО-ДПМНЕ за претседателската кандидатура на Гордана Силјановска Давкова

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска во Скопје ќе одржи конвенција за избор на кандидат за претседател на државата, за која функција на партискиот повик се пријави професорката Гордана Силјановска Давкова. 

Официјалниот дел на конвенцијата, што ќе се одржи во Филхармонија, е најавен за 13 часот.

- По завршување на работата на работното претседателство согласно предвидениот дневен ред, обраќање ќе има кандидатот за претседател, по што ќе следи двочасовна пауза за гласање. По утврдување на изборот обраќање ќе има повторно веќе избраниот кандидат на конвенцијата и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави прес-службата на ВМРО-ДПМНЕ.

Пред официјалниот дел на Конвенцијата ќе се одржат две панел дискусии: „Претседател на народот, заштитник на сувереноста, Уставот и законите“ и „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“. Говорници ќе бидат потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски и Александар Николовски, пратенците и членови на ИК Миле Лефков, Игор Јанушев, Драган Ковачки, Дафина Стојаноска и Антонијо Милошоски, ...

Силјановска-Давкова, која е актуелен пратеник во Собранието, беше канадидат на ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори во 2019 година. Таа била професорка по Уставно право и Политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Експерт е за избори на ООН и потпретседател на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа. Член е на Венецијанската комисија. Автор е на стотина научни трудови за уставното право и политичкиот систем.

СДСМ, пак, утре ќе одржи конгрес на кој треба да се официјализира поддршката за актуелниот претседател Стево Пендаровски кој вчера најави дека ќе се кандидидира за втор мандат.

И Силјановска - Давкова и Пендаровски поддршка за кандидатурите ќе побараат и со собирање граѓански потписи од утре.

Потребните 10 000 потписи од граѓаните веќе ги собраа лидерите на ЗНАМ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, кандидатот и претседател на ГРОМ Стевче Јакимовски, Арбен Таравари, кандидат на коалицијата на албанската опозиција „Вреди“ и Билјана Ванковска, кандидат на Левица.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај, за кога се закажани и паралементарните избори.

Во Унгарија отворена најголемата фабрика за зелен водород во регионот

Групацијата МОЛ ја отвори најголемата зелена водородна електрана во Централна и Источна Европа во Сасаломбата, Унгарија, со капацитет од 10 мегавати.

Инвестицијата од 22 милиони евра ќе го направи производството на гориво поодржливо бидејќи фабриката ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид од рафинеријата Дунав за 25.000 тони. Компанија ќе може да произведува 1.600 тони чист, јаглеродно неутрален зелен водород годишно, а со воведувањето на оваа технологија ќе отвори ново поглавје во економијата на водородот.

Производството во новата фабрика ќе почне во втората половина од годинава. И МОЛ првенствено ќе користи зелен водород во сопствената мрежа, при производство на гориво.

Предвидено е изградба на фабрики за зелен водород во Риека и во Братислава.

Новата технологија постепено ќе го замени производствениот процес базиран на природен гас, кој во моментов претставува една шестина од вкупните емисии на јаглерод диоксид на компанијата со седиште во Будимпешта, која е активна во повеќе од 30 земји.

- Групацијата МОЛ достигна уште една пресвртница: сега можеме да произведуваме зелен водород без да испуштаме стакленички гасови. Со оваа технологија, постигнуваме намалување на емисиите што е еквивалентно на отстранување на околу 5.500 возила од патот преку ноќ. Денес нашата нова фабрика за зелен водород ги прави индустриските операции на МОЛ позелени, но утре ќе понуди решенија за целата индустрија и мобилноста на водородот. По Сасаломбата, ќе ја пренесеме технологијата во другите две производствени единици со цел да го направиме процесот на производство на гориво поодржлив во сите рафинерии на Групацијата МОЛ, изјави извршниот директор на компанијата, Јожеф Молнар. /МИА

Гвардиола со пофални зборови за играч на Реал: Ѕвезда од 200 милиони, прави се добро

Фудбалерите на Реал Мадрид и Манчестер Сити приредија вистински спектакл за фудбалските фанови на првиот натпревар (3:3) во четвртфиналето од Лигата на шампионите, па сега сите со нетрпение го чекаат реваншот.

По враќањето во Англија, Пеп Гвардиола, тренерот на „граѓаните“, во разговор за медиумите го издвои фудбалерот на противникот Реал, Родриго, кој беше стрелец на еден од головите.

-За мене тој е најдобар, тој е ѕвезда од 200 милиони, прави се добро..., изјави Гвардиола.

Покрај Родриго, шпанскиот тренер пофали уште еден играч на Реал – Тони Крос.

-О, тој Тони Крос. Ја носи играта на Реал на начин на кој само тој може. Одигра фантастичен натпревар, изјави Гвардиола, а потоа продолжи: „Веќе по една минута натпреварот изгледаше како цела вечност. Беше тешко. Добро се справивме што двапати водевме и не победивме. Имам премногу добро мислење за Реал за да мислам дека ќе дојдеме и ќе одиграме лесен натпревар. Ќе се обидеме се да решиме дома“. /МИА

Видео: Хезболах истрела десетици ракети врз северен Израел

Либански Хезболах објави дека го погодил северниот дел на Израел со десетици ракети Катјуша, гаѓајќи артилериски позиции.

Во соопштението, либанската група рече дека истрелала десетици ракети Катјуша врз артилериските позиции на Израелските одбранбени сили во северен Израел.

На северот на земјата се огласија неколку сирени за предупредување за ракети. На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како неколку пресретнувачи на ракети „Железна купола“ погодуваат очигледен ракетен бараж.

– Во знак на поддршка на палестинскиот народ и отпорот во Газа и во светло на израелската агресија врз различни села во јужен Либан, Исламскиот отпор продолжи со нападите врз ционистичките окупациски локации во близина на границата со Либан – соопшти претходно Хезболах. /МИА

притисни ентер