Конститутивна седница на новото Собрание: Избрана Верификациската комисија

За претседател на Комисијата на предлог на Џафери беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.

Собранието денеска на првата конститутивна седница ги избра претседателот и членовите на Верификациската комисија, која на паузата што ја даде претседателот во претходниот состав Талат Џафери, кој ја води седницата, треба да го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени парламентарни избори.

За претседател на Комисијата на предлог на Џафери беше избрана пратеничката Јагода Шахпаска, а за членови пратениците Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.

– Го молам претседателот на Верификациската комисија да свика седница на која ќе го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија одржани на 15 јули 2020 и дополнително да поднесе извештај со предлог за верификација на мандатите, рече Џафери.

Конститутивната седница на новиот парламентарен состав се одржува во салата Голема купола согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. На оваа седница од 120-те пратеници не присуствуваа само тројца.

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Македонија.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме" предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија" на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

На седницата како гости се поканети претседателот Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претседателите на Уставниот, на Врховниот суд и на Судски совет на Република Македонија,јавниот обвинител и претседателот на Советот за јавни обвинители, Народниот правобранител, членови на Владата и гувернерката на Народна Банка на Република Македонија.

Седницата во својство на гости ќе ја проследат и лидери на политичките партии застапени во Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата , претседателите на МАНУ и на Државната изборна комисија, државниот правобранител, претставници на верските заедници, како и шефови на странски дипломатски конзуларни мисии во Република Македонија.

Во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието им беше мерена телесна температура, по што ќе им беше овозможено да влезат во зградата. На сите влезови се бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница се одржува во Големата сала на Собранието на Република Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците се на соодветна дистанца и со заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.

Пренос од Конститутивната седница гостите следат од пленарната сала „Македонија", каде што е биде обезбедена неопходната физичка дистанца.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот. За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум, односно, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите. Пренос од седницата ќе можат да следат во Салите 3 и 4 во Прес-центарот на Собранието. Седниците на работните тела, пак, медиумите ќе можат да ги следат преку директен пренос на веб-страницата на Собранието на линк.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието не работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.

Белорускиот опозициски лидер почна штрајк со глад во затворот

Водечкиот лидер на белоруската опозиција, Максим Заник, започна штрајк со глад во затворот, откако беше обвинет за обид за загрозување на националната безбедност.

Адвокатот Заник е еден од седуммината лидери на опозицискиот координативен совет кои се во затвор или во егзил. Тој тврди дека започнал штрајк со глад затоа што сака да го обелодени „апсурдот на гонење луѓе за слободно изразување на нивните мислења“.

Советот за човекови права на ООН донесе одлука во Женева да ги следи повнимателно злоупотребите на моќта во Белорусија, каде протестите траат веќе пет недели, собирајќи повеќе од 100.000 луѓе. Имено, граѓаните на Белорусија сметаат дека е време долгогодишниот претседател Александар Лукашенко да се повлече, бидејќи сметаат дека неодамнешните избори биле наместени.

Специјалниот известувач на ООН, Анаис Марин, рече дека има информации за обвинувања за силување, употреба на електрични шокови и други форми на ментална и физичка тортура.

Роден е без раце и нозе , па сепак вози комбе низ целиот свет(ВИДЕО)

И покрај големиот хендикеп Американецот може да вози и да патува каде што сака.

Џанис Мек Дејвид е роден без раце и нозе, но тоа не го спречува да се обиде да го живее животот во потполност. Покрај тоа што може да се справи со секојдневните животни предизвици како нормална личност без попреченост, Џанис успева да управува и со автомобил.

Тој вози специјално прилагоден Мерцедес Спринтер. Комбето е целосно прилагодено на неговите потреби. Почнувајќи од задниот дел, има автоматски рампи за влегување во инвалидска количка, до начинот на отклучување, палење на моторот и возење на самото возило. Специјално прилагодените контроли му овозможуваат да управува со ова големо возило целосно независно.

По качувањето во седиштето и врзувањето на автономниот систем, тој ги контролира сите команди. Контролниот екран од десната страна се користи за избор на функции и избор на брзини, додека лево е менувач што се врти, забрзува и сопира.

„Во животот, не треба да се фокусираме на проблемите, туку на можностите“, вели МекДејвид. Без сомнение, технологијата му овозможи не само да вози возило, туку и да биде независен и слободен во неговите животни потреби.

Жителите на сиромашните квартови на Мадрид,зафатени со корона:Заборавени сме

Жителите на најсиромашните квартови во Мадрид денеска изјавија дека се чувствуваат напуштено и жигосано додека ја чекаат одлуката на политичарите да воведат карантин поради повисоките стапки на инфекција со корона отколку во другите населени места.

Јазот меѓу богатите и сиромашните населби е во центарот на жестоката дебата во Шпанија за тоа како да се запре растот на нови инфекции. Висок официјален претставник во средата рече дека властите предвиделе карантин за повеќето погодени области.

Локалната политичарка Изабел Дијаз Ајузо порано оваа недела рече дека „начинот на живот на мигрантите“ е делумно виновен за ширењето на инфекцијата, предизвикувајќи бран критики.

„Тие создадоа стигма“, вели Натаниел Елиот, наставник по англиски јазик од Бостон, кој живее во мадридскиот кварт Пуенте де Валекас веќе 15 години.

Валекас, јужна населба во која живеат луѓе со пониски примања и има многу мигранти, е со една од највисоките стапки на инфекција во Мадрид. Тоа е скоро шест пати поголема отколку во Шамбери, една од побогатите населби на северот на градот.

Регионалните власти објавија дека ќе одлучат за мерките подоцна во текот на денот. Засега е непознато дали ќе се стави во карантин Валекас и околните населени места, но жителите се чувствуваат понижено.

Здравствениот систем тука е „уште попарализиран, пренатрупан, редици има насекаде“, рече пензионерката Мари Паз Гонзалес. „Ние сме напуштени, сега сме во рацете на Бога.

"Штом ќе го поминете мостот, сè се менува. Веднаш штом ќе преминете во соседното соседство, сè се менува", додаде Кармен Ибара, исто така пензионерка.

Хуан Антонио, пензионер, кој живее малку надвор од Валекас, но оди таму секој ден да се грижи за својата 93-годишна мајка, е уште подиректен и вели дека карантинот е глупост.

Шпанија е најпогодената западноевропска земја со повеќе од 625 000 заразени и повеќе од 30 000 починати од ковид-19.

Едно од најголемите жаришта е главниот град Мадрид, а јазот меѓу сиромашните и богатите е жешко прашање и во Барселона, вториот по големина град во земјата.

притисни ентер