Комитетот за финансиска стабилност: Банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен

И по укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка" АД Скопје, граѓаните треба да бидат спокојни – банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен. 

Стабилни и сигурни се сите други банки, како и штедилниците.

Финансиската стабилност постојано јакне и за тоа клучен е придонесот токму на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем. Тој е еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија, на којшто секогаш можат и ќе можат да се потпрат граѓаните и компаниите, и економијата во целина. Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка" АД Скопје е влог во натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и на финансиската стабилност во целина.

Со укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка" АД Скопје се штити стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина. „Еуростандард банка" АД Скопје имаше исклучително ниско учество во најзначајните активности на банкарскиот систем (1,3% од вкупната актива, 1,7% од вкупните депозити и 1,6% од вкупните кредити), а истовремено остваруваше значајно влијание врз нефункционалните кредити на системот.

Укинувањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка" АД Скопје не влијае на стабилноста на ниту еден сегмент на финансискиот систем.

Остварувањата на банкарскиот систем, со состојба на крајот на првата половина на оваа година се подобри споредено со мартовските податоци, кога корона-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во нашата економија.

Од исклучително големо значење за постојаното јакнење на финансиската стабилност е што солвентноста на банкарскиот систем е во рамки на историскиот максимум. Најголемиот дел од добивката на банките, во изминатиот период беше реинвестирана, во согласност со препораката на Народната банка. Високата ликвидност на банкарскиот систем, заедно со неговата солвентност се главни показатели коишто потврдуваат дека системот има висока отпорност на шокови, но и капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор.

Добивката на банките е намалена во изминатиот период, но показателите за профитабилноста на банкарскиот систем се исклучително солидни. Со изземање на „Еуростандард банка" АД Скопје од системот, според податоците на Народната банка со состојба на 30 јуни 2020 година, кај финансискиот резултат на системот се забележува подобрување за речиси 21%.

Притоа, од членовите на Комитетот беше констатирано дека со ваквите перформанси, банкарскиот систем, во секој момент може во рамки на максимумот да одговори на потребите на клиентите и ефикасно да им овозможи користење на банкарските услуги и производи, вклучително и квалитетна и соодветна кредитна поддршка и клучно – безбедност за нивните депозити.

Во завршницата на седницата на Комитетот уште еднаш беше споделена заедничката констатација дека соработката и координацијата меѓу финансиските регулатори е од исклучително значење за одржувањето на финансиската стабилност, а дека здравиот, сигурен и стабилен банкарски систем е главен стожер на финансиската и макроекономската стабилност, во којшто доверба може да имаат сите економски субјекти во земјата.

Комитет за финансиска стабилност

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја урива економијата, нема викенд без ДДВ, но има поткуп со картички

СДСМ ги доведе граѓаните до просјачки стап.

СДСМ и нивната неспособна влада предводена од Зоран Заев над 40.000 граѓани остави на улица.

Зоран Заев и неговата влада доведоа над 500.000 луѓе да живеат на работ на егзистенција.

Владата безмилосно и душмански ги задолжува граѓаните и наместо парите да одат за помош на невработените и бизнисот тие се наменети за картички кои се дел од заложбата на Заев за купи ден помини политика.

Нема ништо од најавената мерка на владата за викенд без ДДВ, а впрочем нема ни помош за стопанството. Еден месец по платежната картичка народот пак ќе биде гладен, а 100.000 ќе живеат со 50 денари на ден.

Еднократната помош и задолжувањето не се решение, затоа што власта не генерира раст на економијата.

Денес поради СДСМ имаме историски пад на БДП од 12.7% и намалени плати и тоа само за 6 месеци криза. Иако се потрошија 1 милијарда евра раст нема, нема ниту ефект за амортизација, напротив тоне државата.

И додека се оди во надолен тренд сметките за струја растат.

Додека народот осиромашува, мафијата на власт се богати.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

МОН: Со законските измени се овозможува непречено одвивање на наставата и во вонредни околности

Министерството за образование и наука (МОН) го поздравува донесувањето на измените на законите за основно и за средно образование со кои се овозможува непречено организирање на наставата и во услови на вонредни околности.

Со законските измени, што вчера ги донесе Собранието, за првпат во државата се овозможуваат исклучоци од редовниот воспитно- образовен процес и тоа во случаи кога има кризна состојба, прогласена епидемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.

Исклучоците се прават во однос на започнувањето и завршувањето на учебната година односно учебната година може да започне и заврши во време различно од времето кога вообичаено започнува, за што ќе одлучува Владата.

– Во вонредни услови, со овие законски измени, наставата во основното и средното училиште ќе може да се организира со физичко присуство на учениците, или на далечина со примена на средства за електронска комуникација. Според измените на законите, организирањето на наставата со физичко присуство на учениците ќе биде можно, само ако, се исполнети критериумите и условите согласно протоколите и планот за одржување на наставата за основните и средните училишта, донесени од Владата, појаснуваат од МОН.

Измените на двата закона предвидуваат часот да трае пократко од 40 минути, заради поголема заштита на учениците кои ќе следат настава со физичко присуство, а предвидена и можност за кратење на наставните денови од 180 на најмалку до 100.

Од МОН посочуваат дека законските измени биле подготвени врз основа на студии од меѓународни организации како што се Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Меѓународната фондација на Црвениот крст (ИФЦР) и истражувањата поврзани со КОВИД-19.

За успешен почеток на учебната година, усвоени се протоколите и планот според кои во тек се подготовките во основните и средните училишта за почеток на наставата од први октомври.

Со стручно предавање во Вила Водно одбележан Светскиот ден на борба против Алцхајмеровата болест

 Во светот има околу 50 милиони заболени од оваа болест, а до 2050 година се очекува оваа бројка да се триплира. 

По повод одбележувањето на Светскиот ден на борба против Алцхајмеровата болест, вчеравечер во кабинетот на Претседателот на Република Македонија се одржа стручно предавање од областа на медицината чија цел е подигнување на свеста за постоењето на Алцхајмеровата болест преку едукативни предавања.

На настанот, што е дел од иницијативата на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска за трансфер на знаења и размена на идеи и искуства со младите кои студираат на факултетите од областа на медицинските науки, присуствувал министерот за здравство Венко Филипче, студенти од Медицинскиот факултет, млади лекари и специјализанти.

-На тема „Алцхајмерова болест-тивка епидемија на 21 век" предавање имаше асист. д-р Габриела Новотни, од Медицинскиот Факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј", која за Алцхајмеровата болест рече дека полека, но, сигурно станува тивка епидемија на 21. век. Според Новотни, во светот има околу 50 милиони заболени од оваа болест, а до 2050 година се очекува оваа бројка да се триплира. Таа истакна дека со оглед на тоа дека се идентификувани ризик факторите кои се типични кај нашата популација, треба да се направи чекор понатаму кон превентивна стратегија или истата да се вклопи во идна национална стратегија за превенција на деменцијата, се вели во соопштението од кабинетот на Претседателот.

За врската помеѓу Aлцхајмеровата и парадонталната болест со свое предавање на настанот учествуваше и проф. д-р Кристина Митиќ, специјалист по болести на устата и пародонтот на Стоматолошкиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј". – Ако тргнеме од ставот дека превенцијата на пародонталната болест би можела да го намали ризикот од деменција, доаѓа и сугестијата дека воведување на здрави навики уште во најрана возраст можат да помогнат во одложување на почетокот на Алцхајмеровата болест, истакна проф. д-р Митиќ.

Оваа иницијатива која започна во февруари годинава, со предавањето на министерот за здравство, Венко Филипче од областа на неврологијата, а реализирано во канцеларијата на Претседателот, МладиХаб продолжи минатиот месец во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија со стручното предавање на сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска на тема: „Симплифицирана 3D визуелизација: µCT евалуација in vitro и in vivo".

На предавањата можат да присуствуваат сите заинтересирани лица бидејќи тие се од отворен тип и се корисни за сите идни медицински работници овозможувајќи им преку директен контакт и разговор да добијат одговори на прашања кои останале неодговорени, како и можност за покренување на нови иницијативи. Воедно, оваа иницијатива на студентите и младите лекари им овозможува да се запознаат со вредни трудови на стручњаци од областа на медицината и надвор од нивните специјализации и просториите на факултетот.

притисни ентер