Колку кампањата меѓу двата изборни круга ќе ја зголеми (не)излезноста

Повиците за масовна излезност во недела на два дена пред финишот на кампањата ги интензивираа и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. 

Заев преку видео обраќање повикува на обединување на прогресивните сили за земјата да продолжи да се движи напред, Мицкоски, пак синоќа од Злетово побара глас плус за нова иднина и промени.

“Излезете и гласајте, остварете го своето право. Излезете и потврдете ја шансата за нашата земја да продолжи да се нормализира, да се стабилизира и никогаш повеќе да не падне под режим! Изберете го најдоброто за вас, за вашата општина, за вашето место и за нашата заедничка татковина. Само така ќе го останеме на вистинскиот, стратешки колосек“, порача Заев во видео обраќање.

„Време е за големи чекори напред, време е за нова иднина. Ако пропадне вашиот глас и останете дома, тие ќе успеат и ќе мислат дека ве надмудриле. Уште само еден чекор не дели од она за кое сите заедно сонувавме. Ништо не е невозможно, победата е на дофат, а излезноста е клучот“, порачува Мицкоски.

Освен зачестени повици за излезност, последните денови од кампањата донесоа и заострување на реториката, меѓусебни обвинувања и дискредитирања. Според аналитичарот Петар Арсовски ваквата црна кампања нема да влијае мотивирачки врз гласачите, туку дека ќе ги дестимулира да излезат на гласачките места.

„Кога и двете партии се насочени кон „црна“ кампања, ефектот врз одѕивот ќе биде надолен. На овој начин тие ги дестимулираат гласачите да излезат на избирачките места, бидејќи ги разочаруваат, ги прават апатични, цинични и ги прават апстиненти. Кога доминира негативно сценарио во кампањата треба секако да се очекува помала излезност. Онаа партија која има подобра контрола врз својата партиска база, таа ќе има бенефит од намалената изленост. Додека на партијата која нема контрола врз партиските членови ќе и биде потребана поголема излезност на изборите“, смета Арсовски.

На партиите и кандидатите им останува уште еден ден да ги убедат гласачите да излезат и да гласаат за нив. Од утре на полноќ започнува изборниот молк.

Поднесе оставка министерот за надворешни на Латвија- се возел во скапи приватни авиони

Министерот за надворешни работи на Латвија Крисјанис Каринс објави дека се повлекува поради обвинувањата за трошење народни пари во врска со скандалот со чартер летови.

Каринс денеска по средбата со премиерката Евика Силина објави дека на 10 април ќе поднесе оставка од функцијата. Парламентот веќе следниот ден може да одлучи за неговиот наследник.

Каринс беше критикуван за чартер летовите за време на мандатот на премиерот. Тој ја водеше латвиската влада од 2019 до 2023 година, а во тој период леташе околу триесет пати со приватни авиони наместо со поевтини, редовни линии.

Латвиското државно обвинителство минатата недела започна истрага за можното трошење јавни средства.

Каринс ги негира обвинувањата, тврдејќи дека летовите биле неопходни за да се заштеди време или за да може да се врати во земјата што е можно поскоро за работа поврзана со владата.

Силина рече дека Каринс ја презел политичката одговорност и дека се уште не знае кого ќе назначи за негов наследник.

Амазон вложува уште 2,75 милијарди долари во развој на АИ стартапот Anthropic

Амазон објави дека ќе инвестира дополнителни 2,75 милијарди долари во Антропик, со што вкупната инвестиција на компанијата во стартапот за вештачка интелигенција ќе достигне 4 милијарди долари.

Технолошкиот гигант ќе го задржи малцинскиот удел во Антропик со седиште во Сан Франциско, ривал на OpenAI, кој го произведе ChatGPT.

- Веруваме дека нашата стратешка соработка со Антропик дополнително ќе ги подобри искуствата на нашите корисници и со нетрпение ги очекуваме следните чекори - рече Свами Сивасубраманијан, потпретседател за податоци и вештачка интелигенција во веб сервисите на Amazon (AWS).

Технолошкиот гигант со седиште во Сиетл инвестираше 1,25 милијарди долари во Антропик во септември 2023 година и тогаш посочи дека има планови да инвестира до 4 милијарди долари, пренесува британски Гардијан.

Двете компании соработуваат на развојот на таканаречените основни модели, кои се во основата на генеративните системи за вештачка интелигенција кои го привлекоа глобалното внимание.

Според договорот, Anthropic ќе користи AWS како свој примарен провајдер на „облак“ и ќе ги користи сопствените чипови на Amazon за изградба, обука и распоредување на модели со вештачка интелигенција.

Исто така, ќе им овозможи на клиентите на AWS, кои се претежно бизниси, пристап до моделите на услугата на Amazon наречена Bedrock. Во своето соопштение, Амазон вели дека компаниите како што се Delta Air Lines и Siemens веќе го користат Bedrock за пристап до моделите со вештачка интелигенција на Anthropic.

Ванковска за посетата на Левица на гробот на Енвер Хоџа

Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска вечерва во „Само Интервју“ на Канал 5 на прашањето за посетата на раководството на Левица на гробот на Енвер Хоџа, рече дека го очекувала ова прашање.

Ванковска децидно рече дека не е е член на Левица, а повика и зошто лидерот на Левица, Апасиев да не го каже тоа лично во емисија.

Водителот и главен уредник на Канал 5, Гоце Михајловски ѝ одговори дека Апасиев 11 пати бил гостин во Само интервју и Само Вистина, се додека не напиша најлоши зборови за Канал 5, што не доликуваат на професор. Додаде и дека од Хоџа не се гордеат ниту Албанците по извршените илјадници егзекуции на свои граѓани , но и на Македонци.

притисни ентер