Ќучук: Верувам дека добрососедските односи немаат алтернатива

Сите политичари кои сакаат Република Македонија и целиот регион да биде во НАТО и Европската унија работат за позитивен развој.

Верувам дека добрососедските односи немаат алтернатива. Успехот наМакедонија е успех за целиот регион и успех за ЕУ, изјави денеска во Скопје европратеникот Илхан Ќучук.

Како известувач за нашата земја во Европскиот парламент, Ќучук, рече дека работи активно, како со владејачките партии, така и со опозицијата, како и дека има чести средби и со претставници од граѓанскиот сектор.

– Претстои извештај, кој ќе ги одрази позитивните тенденции во земјата, но и тоа што треба да биде направено во претстојните месеци, реформите, кои треба да бидат продлабочени. Навистина верувам дека во дипломатијата нема точка, има само запирка. Треба да бидат направени сите дипломатски и политички напори, за да биде постигната целта, која е многу поголема од тоа Бугарија и Македонија да имаат добри односи. Таа е поврзана, со тоа целиот регион да биде придвижен кон ЕУ, рече Ќучук, по посетата на ОУ „Исмаил Ќемали" заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.

Гледате, нагласи Ќучук, до каде може да доведе една криза меѓу две земји.

– Имаме криза меѓу Србија и Косово. Имам криза меѓу Република Српска и Босна и Херцеговина, не ни треба тоа. Потребен ни е силен регион, кој ќе биде цивилизациски, економски, образовно и културно поврзан со НАТО и ЕУ, изјави Ќучук.

Прашан за можноста за решение на спорот со Бугарија, Ќучук, рече дека секоја можност треба да биде разгледана и да се работи за неа.

– Јас секогаш работам за тоа да се случи што е можно најбрзо. Двете земји верувам дека ќе имаат добри намери, на масата на преговори има услови кои што треба дополнително да бидат засилени. Тоа што нас ни пречи во меѓусебните односи се недостигот на информации, понекогаш непознавањето на еден или друг случај, кои што водат и до политички потреси. Треба да има стабилна влада во Република Македонија, стабилно мнозинство во Република Бугарија, за да се вратите на масата на преговори. Договорот од 2017 година дава јасна насока за добрососедски односи и евроинтеграција на земјата, изјави Ќучук.

Сепак, тој нагласи, дека Договорот се заснова на взаемна доверба и единствен начин да се поправи довербата е да се врати на масата на преговори и затоа ги повика сите страни кои се загрижени евроатлантското членство на целиот регион да го направат тоа.

– Немаме потреба еден национализам да го подига другиот национализам. Кога има национализам од страната на Скопје, истиот национализам се подига од страната на Софија. Национализамот не е аргумент, тој не може да биде дивижечката сила во 21 век. Единствено заштитата и почитувањето на човековите права, вклучително и правата на малцинствата и учеството на сите во еднаков и рамноправно поставен демократски процес може да гарантира најдобар степен на добрососедски односи, изјави Ќучук.

Во придружба на првиот вицепремиер Артан Груби, денеска европратеникот Илхан Ќучук, го посети ОУ „Исмаил Ќемали”, во Чаир, чии пет ученици загинаа во големата собраќајна трагедија во Бугарија.

Посетата на Ќучук, на ова основно општинско училиште, како што изјави Груби, е реализирано по желба на самиот европратеник, со единствена цел да искаже почит кон жртвите од трагичниот настан во Бугарија каде што загинаа 45 наши сограѓани.

– Заедно одлучивме да го посетиме Основното училиште „Исмаил Ќемали", заедно со градоначалникот на Општина Чаир и министерот за економија Крешник Бектеши да ја посетиме директорката и наставниот кадар тука, да искажеме почит за петте загинати ученици од ова училиште и на тој начин да искажеме исто така и почит кон сите жртви. Истовремено би сакал да искажам огромна благодарност од сите нас, не само во името на сите тука што се позади нас, туку и на целата наша држава, на сите наши граѓани кон соседна, пријателска, братска Бугарија за професионалноста, за ангажираноста во расветлувањето на овој трагичен начин за нас, и на медицинските лица и на службените полициски лица и на обвинителството, и на институциите на Бугарија за огромна професионалност што ја искажаа во менаџирање на оваа состојба, изјави Груби.

Политички профил со кандидатката за претседателка – Гордана Силјановска Давкова

Во централните вести во 18 часот денеска ќе го емитуваме профилот на Гордана Силјановска Давкова.

Во продолжение дел од профилот.

Повици за единство до опозицијата повторно испрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно со повик за обединување до македонската опозиција. 

По митингот во Охрид, вчера и од Крива Паланка, се обрати до дел од опозициските партии ЗНАМ и Левица и ги повика на национално единство за борба против СДСМ и ДУИ. Прифаќањето на подадената рака, според него, ќе значи искрена и чесна борба за иднината на Македонија.

- Сакам да се обратам и до македонската опозиција. До партиите кои по разни основи се расцепкани. Јас доколку не повикам на национално обединување би го погазил супстратот и идеологијата на мојата партија, затоа што ВМРО е и Демократска партија за македонско национално единство. Пред сликата на руините и хаосот кој го прави оваа власт, ви велам дека секоја наша разлика со било која опозициска партија, било тоа да е Левица или ЗНАМ е помала од големата и заедничка работа пред нас, а тоа Македонија и нашата борба да кажеме дека има надеж и дека има иднина, потенцираше Мицкоски.

Повиците на Мицкоски за македонско единство ги искоментира и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски на синоќешниот митинг во Струга. Според него на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ, за да оди напред, наместо за мораториум.

- Мицкоски зборуваше за некакво македонско единство и за мораториуми. За жал, се повеќе и повеќе луѓе сфаќаат дека единствен мораториум во главата на Мицкоски е мораториумот за интеграција на државата во ЕУ. Исто како што го блокираше изминативе две години, тој е спремен да го одложува членството во ЕУ уште 11 години, исто како што правеше неговиот ментор Груевски. Наместо национално единство за мораториум, на Македонија ѝ е потребно национално единство за интеграција во ЕУ. Тоа е вистинскиот пат за промени и токму тоа е одлуката што треба да ја донесете на овие избори, изјави Ковачевски.

Претходно, лидерот на ЗНАМ и претседателски кандидат Максим Димитриевски изјави дека позитивно гледа на повикот од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, но вели, можни разговори за идна влада ќе бидат условени со дефинирани црвени линии за Македонија. Димитриевски повтори дека не планира да коалицира со СДСМ.

Сепак, дел од аналитичарите во понудите за национално единство гледаат политички пинг понг на митинзи и предизборна реторика за глас повеќе, отколку за некаква заедничка стратегија по изборите.

- Повеќе сум склон да верувам дека сегашната реторика и повиците за обединување и одговорите од партиите се дел од предизборната реторика. Ние сме во период со високи емоции, со потреба за освојување на глас повеќе и тоа треба да се гледа низ таа призма. Точно е во политичка смисла дека после изборите ќе треба поголемите партии да седнат и да направат некаква заедничка визија, не само за уставните измени и патот кон ЕУ, туку и за оние проблеми кои долго ја мачат државата. Криминал и корупција, здравство, образование... тоа се проблеми кои надминуваат еден мандат и не може само една партија да ги реши. Но, не верувам дека сега партиите одбивањето или прифаќањето за понудите за национален консензус се предмет на некој поопсежна политичка анализа, оценува Петар Арсовски за Канал 5.

Во меѓувреме партиите продолжуваат со презентација на изборните програми. Во истовреме продолжува и кампањата за претседателските избори на неполна недела до првиот круг за избор на шеф на државата.

Тошковски: Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија, обрасците се во магацинот на МВР

Изјава на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски.

Тошковски вели дека 30.000 обрасци за патни исправи се пристигнати и дека се наоѓаат во магацинот на МВР. Тој додаде дека Бојмацалиев нема потреба да оди до Меџитлија за да ги види обрасците.

Министерот за проблемот со долгото чекање за издавање на пасоши го обвини претходниот менаџмент на МВР, бидејќи, како што вели, не успеале да набават дополнителни машини за печатење.

притисни ентер