Оваа тема повторно се актуелизираше во косовскиот парламент, но премиерот Албин Курти тврди дека до сега нема официјална иницијатива за ова, и не може ништо да направат додека не заврши случајот на Врховен суд во земјава..
„Нивното преместување се врши индивидуално, а не групно и постапката за преместување започнува со барање на лицето кое ја издржува казната. „Засега немаме ништо официјално за ова“,Албин Курти – Премиер на Косово.
По расправата во косовското собрание, братот на еден од осудените се огласи со реакција од кумановската група со тврдење дека тие никогаш не побарале да ја доиздржат казната во Косово, туку нивите барања се случајот да се врати на повторо судење и да се отстранат термините „тероризам“ и „терористичка група“, бидејќи биле неосновани.
Токму за овие квалификации на адреса на Курти имаше обвинувања од тамошната опозиција.
„Што е направено за да не се сметаат за терористи, бидејќи за ова прашање се расправаше во Собранието“,-Хисен Бериша – пратеник на ПДК.
„Неправедниот епитет „терорист“ го употреби вашиот колега. Во меѓувреме, сега наводно се грижите за кумановците кои таму се држат во затвор. Нашиот народ има поговорка за вашето однесување, но јас не ви ja кажувам денес овде.“-Албин Курти – Премиер на Косово.
Во оваа дебата се вклучи и Познатиот косовски новинар Вехби Кајтази, со оценка дека таканаречената „Кумановска група“, односно косовските државјани кои ги предизвикаа крвавите инциденти во мај 2015 година во кумановско Диво Насеље, се злосторничка банда и немаат никаква врска со правата на Албанците во Македонија.
– Тоа е злосторничка банда, која вооружена до заби заминала таму и влегла во Куманово. Да не се правиме сега опортунисти и да прашуваме дали се терористи или не. Тие заминале во друга држава вооружени од Косово и нивните водачи зеле пари, за што излегоа докази, околу три милиони евра од македонската служба. Тие водачи барале пари, а некои од групата навистина не знаеле каде одат, рече Кајтази.
Во судирите меѓу припадниците на вооружената група и полицијата, загинаа осум полициски специјалци, а ранети беа 37. Беа убиени и 14 припадници на косовската група, а во судскиот процес 33 лица беа осудени за тероризам и терористичка организација. Бидејќи 7 од нив добија доживотни казни, случајот сега е пред Врховен, кој се уште се нема произнесено.