Ќе се вештачат остатоците од паднатиот авион

Продолжува истрагата за паднатиот авион во скопско Кожле.

Продолжува истрагата за паднатиот авион во скопско Кожле. На терен се истражители од Косово, чии државјани загинаа во авионската несреќа пред два дена. Деловите на урнатиот авион ќе бидат пренесени на локација обезбедена од основното јавно обвинителство Скопје, каде стручни лица ќе извршат неопходно вештачење. Поради обемноста на материјалот и потребите на истрагата подигањето и пренесувањето на материјалот ќе продолжи и утре- соопштуваат од Јавното обвинителство. Во институтот за судска медицина се пренесени телата на шестмината загинати во авионската несреќа. По наредба на јавен обвинител ќе биде спроведена постапка на нивна идентификација преку ДНК анализа.

Претседателот на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи Сотир Костов е на терен со истражителите од Косово. Местото е целосно обезбедено, во истрагата ќе помогнат и сликите што вчера беа направени со дрон.

Несреќата се случи во вторникот кога авионот побарал да слета на аеродромот „Александар Велики“ за да дополни гориво, по повикот се губи неговиот сигнал во близина кај Кожле каде се случи и несреќата. Авионот марка „Пајпер“ летал од Тревизо во Италија до Приштина . Во него загинаа шестмина, четворица Италијанци и двајца косовски државјани со италијански пасоши. Во Скопје под распит беа нивни двајца пилоти кои успешно слетале на аеродромот „Александар Велики“.


Во Хрватска предизборен молк пред парламентарните избори

Предизборен молк  стапи на сила во Хрватска на полноќ во пресрет на парламентарните избори в среда, на 17 април, а ќе трае до затворање на гласачките места во 19 часот

Во Хрватска ќе бидат отворени повеќе од 6.500 избирачки места за 11-те парламентарни избори, а првиот ден од гласањето е денеска 16 април во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, како посебна изборна единица.

На вкупно 165 листи има 2.302 кандидати кои се борат за 151 мандат во хрватскиот Сабор Среда, 17 април ќе биде неработен ден во Хрватска.

Пратениците во 151-члениот парламент се избираат со мандат од четири години.

Од 10 изборни единици се избираат 14 пратеници. Одделно, осум пратеници влегуваат во парламентот како претставници на малцинствата во Хрватска, а три пратенички места се резервирани за дијаспората.

Прекршувањето на забраната за изборна кампања не се санкционира, но Државната изборна комисија повикува на етичко однесување на учесниците на изборите и медиумите.

Со изборниот молк завршува 17-дневната официјална кампања пред парламентарното гласање, кое претседателот Зоран Милановиќ го закажа за 17 април, среда. Во Хрватска парламентарните избори секогаш се одржуваа во недела, со исклучок на 2000 година кога се одржаа на 3 јануари, понеделник.

Во странство денеска и утре ќе се гласа во вкупно 41 држава.

Роналдо се соочува со суспензија на два натпреварa

 Фудбалерот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо ќе биде суспендиран на два натпревара, пишува „Asharq Al-Awsat“.

Според тамошниот медиум, откако 39-годишниот Португалец беше исклучен во полуфиналето на Суперкупот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:2), дисциплинската комисија на фудбалската федерација ќе одлучи да го дисквалификува Роналдо две средби.

По испрашувањето на напаѓачот за инцидентот, играчот изјави дека е незаслужено исклучен.

Роналдо на мечот против Ал-Хилал го турна противникот без топка по страничната линија, откако претходно му ја исфрли топката од раце. Откако напаѓачот доби црвен картон, замавна со тупаница кон судијата.

Оваа сезона Роналдо одигра 37 натпревари, постигнувајќи 36 гола и 12 асистенции.

Современиот балет „Сага“ на Рисима Рисимкин вечерва во НОБ

На сцената на Националната опера и балет вечер, со почеток во 20.00 часот, ќе се изведе современиот балет „Сага“ на Рисима Рисимкин, во рамките на jубилејното 20. издание на Танц Фест Скопје. 

Претставата е дел од програмата „Паралели“, која фестивалот ја остварува во соработка со Националната опера и балет.

- „Сага” (идентитети) е возбудливо патување низ ритамот на седмата осмина. Низ заедничка креација со Националниот балет, кореографката Рисима Рисимкин, на извонредната музика на композиторот Тони Китановски, сценографијата на Матеа Мијановиќ и костимите на Благој Мицевски, ги открива идентитетите на Црвената и Црната нишка, кои ги толкуваат примабалерините Марија Кичевска Шокаровска и Мими Поп-Алексова Атанасовска, Пиреј со првенецот Бобан Ковачевски и гостинот Балаж Лочеи (Унгарија), Везилката со Саша Евтимова, Прелист со Наташа Трендафилова-Гицев, Трепетлика со Илијана Данилов, Ѓул со Христина Наќевска, информираат од НОБ.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Австриската амбасада во Скопје и други. Програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ и МКЦ.

притисни ентер