Кисела Вода е првата општина во Македонија со тактилни патеки во своите простории

Тактилни патеки, Брајово писмо и офицер за комуникација за лицата со оштетен вид во Општина Кисела Вода.

Општина Кисела Вода од денес е првата општина во Македонија која постави тактилни патеки во своите простории, со што се овозможи полесен пристап до услугите за лицата со оштетен вид.

Исто така, на вратите на сите сектори и одделенија имињата се испишани со Брајово писмо, а ќе биде назначен офицер, односно вработен, за комуникација со лица со попречености кои ќе им помага при добивањето на услуги од општината.

-Достапноста на јавните услуги мора да биде право на секое лице, а не привилегија. Со поставувањето на тактилните патеки и употребата на Брајовото писмо во општината, правиме уште еден чекор кон целосна инклузија на сите наши сограѓани, намалувајќи ја нивната маргинализација и овозможувајќи им активна и рамноправна улога во општеството, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

-Огромна е нашата благодарност кон градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој самоиницијативно одлучи да го реализира овој проект. Речиси 20 проценти од членовите на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија живеат во Кисела Вода и можноста самостојно да дојдат и да добијат административна услуга е од голема важност. Ова е силна порака дека градоначалникот и Општината Кисела Вода се грижат еднакво за сите, овозможувајќи им еднаков третман без разлика на нивната физичка попреченост. Се надевам дека оваа иницијатива ќе биде проширена и достапноста за лицата со оштетен вид ќе биде поголема и на отворените јавни површини, изјави Претседателот на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Жарко Селковски кој денес беше првиот што ги искористи тактилните патеки за да оствари средба со градоначалникот Ѓорѓиевски.

Оваа иницијатива е дел од континуираната заложба на Општина Кисела Вода да создава инклузивна средина. Првата мерка што ја спроведе градоначалникот Ѓорѓиевски беше поставувањето на рампи за лица со инвалидитет во општинските објекти.

Со новите тактилни патеки, Кисела Вода продолжува да ја демонстрира својата посветеност кон инклузивноста и еднаквоста. На територијата на општината се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште „Кузман Јосифовски – Питу“, кое располага со патеки, паркинзи и лифт за лица со инвалидитет, што е уште една потврда за напорите на општината да обезбеди пристап за сите.

Во Усје, беше отворена и првата целосно инклузивна јавна детска градинка. Секоја година, градоначалникот на денот на лицата со оштетен вид, донира книги напишани со Брајова азбука за библиотеката во училиштето за слепи лица ДУРМДОВ „Димитар Влахов”.

Албанија и Косово водат на Балканот по бројот на баратели на азил во земјите на ЕУ

 Во првата половина од годинава граѓаните од Албанија и Косово водат во однос на другите земји од балканскиот регион по бројот на барања за азил до Европска Унија.

Во најновиот извештај на Европската агенција за азил (ЕУАА) се наведува дека од јануари до јуни 3.778 државјани на Албанија поднеле барање за азил во земјите чќленки на ЕУ.

- Најголем број барања за азил на граѓани од Албанија се регистрирани во Италија, Грција и Франција. Дури и бројот на барања за азил од државјани на Косово во земја од ЕУ, и во првата половина од годинава биле поднесени 3.375 барања.

Според извештајот на ЕУАА, граѓаните на Македонија поднеле 1.872 барања за азил, Србија 1.660, Босна и Херцеговина 750 и Црна Гора 182 барања.

- Од податоците објавени претходно од Европската агенција за азил, чекаат да се испитаат околу 2.700 барања на граѓани од Албанија собрани во текот на изминатата година, додека стапката на признавање на азил е многу ниска за албанските државјани, не надминува три отсто од вкупниот број барања поднесени во земјите од ЕУ.

Во меѓувреме, според новообјавениот извештај на Европската агенција за статистика (Евростат), граѓаните од Албанија исто така добиле најголем број дозволи за престој во земјите на ЕУ во текот на 2023 година од балканскиот регион.

Според Евростат, 74.938 граѓани од Албанија првпат добиле дозвола за престој во земја од ЕУ во 2023 година, од нив околу 41.760 добиле дозволи од семејни причини, 13.144 од други неутврдени причини, а 2.450 за образование./МИА

ВМРО-ДПМНЕ: Лага е дека се исплаќаат субвенции од преходните 4 години, неспособната власт доцни

Владата на Христијан Мицкоски покажа тотална неспособност до тој степен што месец дена по усвојувањето на ребалансот уште не се објавени програмите и не се исплатени субвенциите. 

Селективните и нередовни субвенции и долгови кон земјоделците се одлика на времето на ДПМНЕ. Тие тоа го паметат. Во 2017 , а не денес, субвенциите за земјоделците се исплаќаа на два дена пред избори и се доцнеше 4, 5 па и 6 години. Пример во 2017, Владата на СДСМ исплаќаше субвенции и огромни долгови за 2012 и 2013 година.

Лага е дека ќе се исплаќаат субвенции од претходните 4 години. Денес , со една милијарда од ребалансот нема да се исплаќаат долгови за претходни години туку субвенции по тековни барања од 2023 година.

Агенцијата задолжена за исплата јавно нека ги објави и информира за која програма односно година се потрошени парите од овој ребаланс.

Центар за комуникации на СДСМ

Почна првата забавна „Детска олимпијада Кратово 2024“

Над 180 дечиња од Кратово, од пет до дванаесет години, се дел од годинашната забавна „Детска олимпијада Кратово 2024“. 

- Спортско-забавната програма наменета за деца на возраст од 5 до 12 години, чиј фокус е развој на моторичките способности преку спортот, и социјалните и когнитивните способности, преку игра и забава е прва во Општина Кратово и се спроведува со 180 деца распоредени во неколку групи, во различни спортови. Се одржува на спортскиот отворен терен Мусала во организација на училишниот спорстки клуб „Кочо Рацин“, а е финансирана од Општина Кратово и останати локални фирми и поединци, информираат од Општина Кратово.

Забавната „Детска олимпијада“ има за цел ширење пријателство, еднаквост, промовирање на здрав начин на живот и спортска култура кај најмладите.

Програмата ја спроведуваат наставниците од основните и средното општинско училиште во Кратово, а од Општината ги повикаа сите млади и родители активно да се вклучат во активностите што ја пренесуваат пораката за пријателство и еднаквост во секојдневниот живот и на спортските терени.

„Детската олимпијада Кратово 2024“ ќе се спроведува по два дена во неделата до крајот на месецот./МИА

притисни ентер