Кина воведе санкции кон Ненси Пелоси по нејзината посета на Тајван

Кина воведе точно неодредени санкции кон претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, „и членовите на нејзиното потесно семејство“, соопшти Министерството за надворешни работи во Пекинг, јави ДПА.

Одлуката на кинеските власти следи по вчерашната посета на Пелоси на Тајван, и покрај претходно јасно искажаното предупредување дека нејзината посета на Тајпеј ќе се сфати како провокација, бидејќи официјален Пекинг островот го смета за составен дел на својата територија, а официјален Вашингтон официјално ја поддржува политиката на „една Кина“./МИА

Во тек неформалните кампањи на претседателските кандидати

Во тек неформалните кампањи на претседателските кандидати, ДИК бара преодна одредба во ИЗ за да се гласа и со стари важечки документи.

Изборната кампања за претседателските избори официјално започнува на 4 април, но кандидатите, особено, оние кои се сметаат за фаворити од двете најголеми партии одржуваат состаноци со партиските бази и реализираат други активности. Државната изборна комисија, пак, предупредува дека многу граѓани нема да можат да го остварат правото на глас поради немање важечки документи.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека Комисијата предлага во Изборниот законик да се внесе преодна одредба со која ќе се овозможи на овие избори да се гласа и со старите важечки документи.

- Како ДИК до Собранието дадовме еден предлог до Собранието – во Изборниот законик да се направи измена во која ќе има преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани. Дали тоа ќе се усвои или не, зависи од Собранието, истакна Даштевски.

Што се однесува до лицата кои навршуваат 18 години, Даштевски рече дека тие ќе можат да се пријават за да бидат внесени во Избирачкиот список.

-За полнолетните е изнајдено решение и точно се знае според закон до кога ќе можат да се запишуваат. Тоа што е во законот, тоа е, рече претседателот на ДИК.

Инаку, вчера во Собранието свечена изјава даде Абдуш Демири, новиот член на ДИК со кој се комплетира седумчлениот состав на Комисијата, откако повеќе месеци беше испразнето едно место по заминувањето на Кренар Лога, министерот за правда. Новиот член на ДИК беше предлог на албанската опозициска коалиција.

Во тек е увидот на Избирачкиот список, тече рокот за поднесување и барања од дијаспората за гласање на претседателските избори на 24 април и на парламентарните на 8 мај.

Според информациите на МИА од ДИК, вкупно 2 140 лица направиле увид во своите податоци во Избирачкиот список (ИС) во подрачните одделенија и канцеларии ДИК, но за тоа колку лица ги провериле податоците по електронски пат во Комисијата за МИА велат дека немаат увид.

Досега три лица поднеле барање за промена на своите податоци во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК, а едно поднело барање за запишување на своите податоци.

По електронски пат осум лица поднеле барање за промена на податоци, едно за бришење на податоци и едно за запишување на податоци.

Крајниот рок за поднесување на барања за запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список е до 18 март, понеделник. Рокот важи и за парламентарните и претседателските избори.

До петок трае собирањето потписи од граѓаните за кандидатите за претседател на претстојните избори. На листата кандидати кои ги собраа потребните 10 000 потписи, изминатите денови се најдоа и кандидатот од СДСМ Стево Пендаровски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска.

Кандидатот и актуелен претседател Стево Пендаровски до вчера имаше собрано 21 852, а Гордана Силјановска - Давкова 28 029 гласови.

Претходно, потребниот број на гласови ги собраа и кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи, Арбен Таравари од опозицискиот блок „Вреди“, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Билјана Ванковска Цветковска кандидат на Левица и претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Димитриевски има освоено 11 601, Османи 11 085, Јакимовски 10 887 потписи, Таравари 10 709 потписи и Ванковска Цветковска 10 432.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи - кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 596, кандидатот Вело Марковски - 1466 потписи, Ѓорѓи Манасков – 429, Зорица Цветковска – 204, Господин Попоски има 119 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата оставиле вкупно 108 409 граѓани.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март до полноќ.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Пендаровски и Силјановска - Давкова, кои се сметаат за фаворити на изборите и се очекува да бидат противкандидати во вториот круг на изборите, синоќа се појавија на националните телевизии истакнувајќи свои ставови во врска со најважните прашања за државата.

Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта и нанела голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија и тоа е една од причините зошто се кандидирала повторно за претседател. Смета дека времето што го живееме е поинакво од 2019 година.

-Се покажа дека во политиката влегле или на функции се нашле луѓе кои не можеле да ги антиципираат процесите, односите и настаните. Тоа се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ и нема да има никаков проблем. И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат, рече Силјановска-Давкова.

Актуелниот претседател и кандидат за нов мандат Стево Пендаровски говорејќи за анкетите за претстојните претседателски избори синоќа истакна дека претседателот на ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицковски зборува дека нивниот кандидат ќе води со над 100 илјади гласови во првиот круг од изборите, без притоа да каже како ќе биде соодносот во вториот круг.

-Сите нивни прогнози се базираат на првиот круг. Никој никогаш не станал, со седум кандидати, претседател во првиот круг. Значи анкетите кои јас ги знам, а ги знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, е дека во вториот круг јас сигурно го добивам нивниот кандидат, рече Пендаровски.

Образложи дека условот еден кандидат да победи во првиот круг е за него да гласаат 50 проценти плус еден граѓанин, од сите луѓе запишани во избирачкиот список, значи околу 900 илјади граѓани, што, како што истакна претседателот тој, е апсолутно невозможно.

Во САД денеска е „Супер вторник“, најважниот ден во трката за претседателските избори

Во САД денеска е таканаречениот „супер вторник“, што е најважниот ден досега во трката за претседателските избори, кои ќе се одржат во ноември годинава.

Денеска гласачите во 15 сојузни држави и една територија надвор од САД ќе избираат кандидати за претседател.

Тоа треба да понуди увид во силата и потенцијалните слабости на поранешниот и актуелниот претседател Доналд Трамп и Џо Бајден, кои се очекува да ги одмерат силите во ноември во обид за уште еден мандат во Белата куќа.

„Супер вторник“ е денот кога повеќето сојузни држави гласаат за кандидат за претседателски избори.

Изборите за номинација ќе се одржат во Алабама, Алјаска, Арканзас, Калифорнија, Колорадо, Мејн, Масачусетс, Минесота, Северна Каролина, Оклахома, Тенеси, Тексас, Јута, Вермонт, Вирџинија и американската територија Американска Самоа. Републиканските избори ќе се одржат во сите овие 15 сојузни држави, додека демократите ќе гласаат во истите држави освен во Алјаска. Исто така, ќе бидат познати и резултатите од Демократската партија во Ајова.

Врз основа на резултатите од секои избори, партиските функционери познати како делегати се доделуваат на првите кандидати. Потребен е одреден број делегати за официјално да се номинираат кандидати на конвенцијата на секоја партија ова лето.

Околу една третина од вкупниот број на делегати - 865 републиканци и најмалку 1.420 демократи - ќе се изберат на Супер вторник. Кампањата на Трамп предвидуваше дека тој ќе освои најмалку 773 делегати на денот и ќе ја добие номинацијата подоцна во март. Тој во моментов има околу 244 делегати, додека неговата републиканска противкандидатка Ники Хејли има 43.

За да се добие републиканската номинација потребни се минимум 1.215 делегати, додека 1.968 се неопходни за демократите.

Доналд Трамп, републиканскиот фаворит, се надева дека конечно ќе го исфрли својот последен преостанат предизвикувач од трката, Ники Хејли.

Од друга страна, кампањата на Бајден доживеа неуспех во Мичиген на 27 февруари, кога 13 отсто од гласачите се изјаснија како „неопределени“ среде кампањата за регистрација за гласање поради поддршката на претседателот за Израел во врска со војната во Газа.

Комисиска расправа по Предлог-законот за нефер трговски практики

Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во второ читање е ставен на дневен ред на денешната 75. седница на Комисијата за европски прашања закажана за 13 часот. 

Членовите на оваа собраниска Комисија се очекува да дискутираат и за Предлог законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Предлог-законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи треба да помине и на собраниската Законодавно-правната комисија, за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.

Како што стои во образложението објавено на собраниската веб-страна, со донесувањето на Предлог законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со Предлог законот, како што се посочува во образложението, се обезбедува начинот за поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.

-За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на Законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок, се вели во образложението на Предлог-законот.

Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

Министерството за економија токму поради тоа не ја продолжи одлуката за гарантирани цени која важеше до 29 февруари.

Голем број прехранбени производи со ознаката „гарантирана цена“ од 20 септември лани се продаваа во маркетите по цена за 10 проценти пониска од износот на 1 август 2023 година, согласно одлуката на Министерството за економија, чија важност заврши на 1 март.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски во петокот на прес-конференција рече дека нивните првични информации покажуваат дека дел од маркетите ги немаат зголемено цените, но дел ги имаат. Посочи дека е можно извесно зголемување на цените, но апелираше на општествена одговорност на трговците на големо и трговците на мало. Toј потенцира дека не можат да влијаат на цените, но оти верува дека дел од големите ланци на маркети ќе прават акции со кои ќе има намалувања на одредени прехранбени производи.

На дневн ред на оваа седница се и Предлог на законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, Предлог на законот за Канцеларија за поврат на имот, Предлог на законот за финансиски инструменти, Предлог на законот за проспекти и обврски за транспарентност за издавачите на хартии од вредност и Предлог на законот за правда на децата, сите во второ читање.

Од Министерството за правда информираа дека целта на Предлог на законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка е да се овозможи брза и ефикасна постапка во која конфискуваниот имот со правосилна судска одлука успешно ќе се продаде и ќе се овозможи враќање на криминално стекнатите средства и имот.

-Успешната конфискација означува успешно завршување и заокружување на претходно водените постапки пред јавните обвинителства, пред другите органи и пред судовите, потенцираа од Министерството.

Со новото законско решение, посочуваат од Министерството за правда, се надминуваат утврдените проблеми, преку воведување на нови механизми согласно европските и меѓународните стандарди за постапување со оваа материја.

Комисијата за европски прашања ќе ја одржи и 74. седница, на која дневен ред се Предлог на законот за изменување на Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, и двата по скратена постапка.

притисни ентер