Казни од над 4 милиони денари поради непочитување на мерката за пониските цени

Притисоци кон добавувачи за заобиколување на законите и профит преку намалена грамажа на производите. 

ДПИ во изминатиот период утврдил низа неправилности и непочитување на одлуката за ограничување на бруто профитната маржа од 10 отсто на големите и малите ланци маркети.

Првиот човек на ДПИ, Горан Трајковски соопшти дека од носење на одлуката која стапи на сила на крајот на септември до сега, при извршени 500 надзори на инспекторите, изречени биле казни во износ од над четири милиони денари.

Тој апелираше, маркетите да не се обидуваат да ги заобиколат законите, затоа што ќе се соочат со ригорозни санкции и заплена на робата.

-За многу кратко време се вадат нови производи, се со цел да се избегне и да не бидат опфатени во одлуката. Нека го има 400 грамскиот јогурт, но нека го има и 300 грамскиот. Се оди на начин, само да се профитира повеќ- Горан Трајковски – директор на ДПИ

Дека ваквата мерка и тоа како помогнала на граѓаните, согласен е заменик министерот за економија, Марјан Ристески. Тој смета дека преку оваа мерка граѓаните направиле солидна заштеда во домашниот буџет.

Инаку, казните за непочитување на мерката есенска кошничка изнесуваат од две до 10 илјади евра, додека за прекршување на Законот за нефер трговски практики и до 20 илјади евра.

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

Според новиот извештај на УНЕСКО, објавен денеска на Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинари, во последните две години на секои четири дена бил убиен по еден новинар, пренесува ДПА.

Од вкупно 162 убиства на новинари во 2022 и 2023 година, регистрирани од базираната во Париз организација на ООН за образование, наука и култура, повеќе од половината се случиле во земји погодени од вооружени конфликти. Според извештајот, повеќето новинари загинале во своите матични земји.

Тие што загинале во земји кои не се зафатени од конфликти, биле убиени поради известување за теми како организиран криминал или корупција или при покривање протести. Извештајот, кој се изготвува на секои две години, го анализира глобалниот статус на безбедноста на новинарите.

Во документот се наведува дека 162-те потврдени убиства на новинари во периодот 2022-2023 претставуваат „зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период кога УНЕСКО регистрирала 117 случаи. Овој период исто така претставува најголем број убиства од двегодишниот период 2016-2017 година.“

Мексико била земјата со најмногу убиства на новинари во 2022 година со 19 случаи, додека во 2023 година најголем број случаи - 24, биле регистрирани во палестинските територии, објави УНЕСКО.

Според извештајот, Јужна Америка, Карибите и арапските земји се региони каде биле убиени најмногу новинари.

Дополнително, во повеќето случаи никој не бил одговорен за овие убиства. УНЕСКО објави дека процентот на неказнивост на глобално ниво во 2024 година изнесувал 85 отсто, што е мало намалување од 89 отсто во 2018 и 95 отсто во 2012 година.

- Овие злосторства не смеат и не можат да останат неказнети. И сепак, тоа сè уште е случај за речиси 85 отсто од нив, изјави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

- На овој меѓународен ден да се потсетиме на важноста од безбедност, независност и заштита на новинарите во нивната работа, која е од круцијално значење за мирот и социјалниот напредок, додаде Азуле.

Митровденска задушница - спомен за починатите

Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.

Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.

На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните даваат милостина на сиромашните и се молат за покој на душите на упокоените.

Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември).

Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.

Мицкоски и Николоски ќе извршат надзор во работата на патот Прилеп-Битола

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе изврши надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

Како што најавија од Владата, Мицкоски на настанот ќе присуствува заедно со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

притисни ентер