Караџовски: Го амортизиравме првиот удар на епидемијата, но битката не е завршена

Намалениот морталитет, леталитет којшто ги следи европските и светските трендови е еден од факторите што не натера да размислуваме за олабавување на рестриктивните мерки, рече претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски.

Го амортизиравме првиот удар на епидемијата, но, истакна караџоски, битката не е завршена.

-Превентивните меки коишто ги предложивме како што се физичкото дистанцирање од два метри, носењето на заштитна респираторна маска, дезинфекција и често миење на рацете треба да бидат присутни и во наредниот период, бидејќи примерот на Бразил покажува оти топлото време и сувата клима не го убива вирусот, рече Караџовскина денешната прес-конференција во Владата на која беше најавено олабавување на рестриктивните мерки.

Тој посочи дека во последните 14 дена почнавме да правиме анализи на седумдневен и на 14-дневен период.

-Тоа ни овозможува на соодветен начин да реагираме при донесување на каква било одлука, а во исто време и да ја следиме континуирано епидемијата од првиот случај, од 26 февруари па до денешен период. Во последните 14 дена имаме од 10 до 40 регистрирани случаи на дневно ниво или просечно 24. Инциденцата се движи од 0,9 до 30, односно 6,8 на 100 илјади жители во нашата држава. Констатиравме дека имаме и 113 смртни случаи, меѓутоа последниве 14 дена ова многу драстично се подобрува и имаме само 1,1 смртни случаи на дневно ниво, што е многу подобро отколку во оние држави во коишто се уште има десетици и стотици случаи, потенцира Караџовски.

Процентното учество на позитивните тестови во последните 14 дена, додаде, се движи од 2,7 до 8,7 отсто или просечно се 5,7 отсто на 14-дневно ниво.

-Уште пред повеќе од месец дена рековме дека кога ќе достигнеме некаде околу 5 отсто од овие тестови да бидат позитивни зрело е времето да почнат да се олабавуваат мерките. Еве сега имаме просечно 5,7 отсто, посочи Караџовски.

Во изминатите 14 дена, како што кажа, направени се 6.063 теста за дијагностика на КОВИД -19, односно близу 1.500 тестирања на еден милион жители.

-Ако на почеток на епидемијата имавме еден алгоритам којшто ни кажуваше дека треба да ги следиме оние лица коишто имаат позитивна симптоматологија или лица коишто имаат симптоми, а биле во непосреден директен контакт, сега ја менуваме нашата шема и одиме на многу пошироко тестирање на населението. Веќе сме во функција на повеќе од 2.000 направени теста кај лицата што работат во градинките. Исто така, правиме напори да ги тестираме и лицата што се вклучени во домовите за стари лица, појасни Караџовски.

Тој најави дека во периодот што следи ќе се тестираат и здравствените работници, таксистите, возачите од ЈСП Скопје, АРМ, полицијата.

-Ќе направиме повеќе од 10 илјади тестирања се со цел да видиме каков е скринингот на нашето население и дали дел од овие лица се сигурни за да продолжат со спроведување на својата активност… СЗО побара од нас во своите алгоритми 60 до 80 отсто од кластерите да ги имаме под контрола. Овие кластери во последните 14 дена се движеа просечно од 40 до 95 отсто. Тоа во пракса значи дека немаме новорегистрирани случаи, и дека ги контролираме случаите коишто се регистрираат во нашата држава. СЗО направи една пресметка за секоја држава во Европа и ние спаѓаме во државите во коишто репродуктивниот број или Р-0, односно колку лицето што е инфицирано може да инфицира лица со коишто ќе дојде во непосреден контакт, изнесува од 0,7 до 1,2, во моментов ние сме 1,1, појасни Караџовски.

Тоа, како што додаде, биле клучните аргументите од кои се водела Комисијата за заразни болести за да предложи олабавување на рестриктивните мерки и укинување на полицискиот час.

Медиумските работници и трудниците не биле земени во предвид со иницијалниот план за тестирање, но како што најави министерот за здравство Венко Филипче одлука за такво нешто ќе се носи зависно од состојбата.

-По индикација, во зависност од состојбата мислам дека индивидуално може да се цени тоа и врз основа на тоа да се носи одлука во однос на трудниците, медиумските работници, генерално може да бидат земени во предвид иако во иницијалниот план не беа ставени во Комисијата за заразни болести. Сметам дека еве и од оваа интензивна комуникација видовме дека се сосем коректни и добро се придржуваат до превентивните мерки, рече Филипче, во одговор на новинарско прашање./МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

притисни ентер