Канонизација на игуменот Јоаким Крчовски за светител

На иницијатива на Кумановско-Осоговската епархија денеска во манастирскиот комплекс „Св.Јоаким Осоговски" во Крива Паланка ќе се изврши канонизација на игуменот Јоаким Крчовски за светител.

Со канонизацијата, Свети праведен Јоаким Крчовски, учител и просветител ќе се вброи во диптихот на светите.

Според информациите од Кумановско-Осоговската епархија, во 7:30 часот ќе се одржи воскресна утрена богослужба, а во 9 часот е закажана светата божествена литургија и вбројување во диптихот на светите на Свети Јоаким Крчовски.

Вчера со почеток во 18 часот беше отслужена воскресна вечерна богослужба со парастос за блаженоупокоениот игумен Јоаким Крчовски.

Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија на својата вонредна седница одржана на 10 мај разгледувајќи го предлогот на комисијата за канионизација за канионизирање на светител во лицето на преподобниот игумен Јоаким Крчовски 1820, внимателно изучувувајќи го животниот пат и пастирскиот подвиг, како и чудата што се случуваат по неговите молитви ја донесе одлуката преподобниот игумен Јоаким Крчовски да го вброи во редот на светите.

Чесните останки на преподобниот игумен Јоаким Крчовски да се сметаат како свети мошти и да им се оддава достојно почитување.

– Во православната црква светителите ги почитувуваме како Христови пријатели, како Божји чеда и наследници. Нивниот праведен живот овозможува тие да бидат наши застапници пред Бога, да се молат за нас и да посредуваат пред Бога за нас. Спрегата што ја постигнал и самиот игумен, Јоаким Крчовски, се опишува преку мислата дека знаењето без подвиг е филозофирање, а подвигот без знаење е идолопоклонство. Јоаким Крчовски и живеел, и проповедал, и учителствувал, и провестувал, и богослужел и бил богоугоден подвижник на самиот премин меѓу 18. и 19. век, а споменот и славата на неговиот свет живот општонародно се почитува и денес. Меѓу другото, тој е автор на првата книга отпечатена на народен македонски јазик во 1814 година. Книгите на Јоаким Крчовски се пишувани на разбирлив јазик за секој христијанин и затоа имале верна улога во верското и во моралното просветување, рече митрополитот Кумановско-Осоговски Григориј во обраќањето во пресрет на канонизацијата.

Како датум за прославување на ликот и делото на Крчовски, Синодот го предлага 23 мај. /МИА

Зеленски побара Конгресот на САД да ја деблокира помошта за Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски побара од претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон за „брзо усвојување“ на огромната „витална“ воена помош.

- Го информирав Џонсон за ситуацијата на бојното поле, посебно за драматичниот пораст на рускиот воздушен терор, истакна Зеленски по телефонскиот разговор со американскиот висок претставник

Зеленски истакна дека американската воена помош за Украина е од витално значење.

Американската помош од 60 милиони долари е блокирана во Конгресот од минатата година од страна на републиканците. Џонсон, кој одредува кои нацрт-закони ќе бидат ставени на гласање во Претставничкиот дом, неодамна изјави дека ги испитува начините како да и помогне на Украина, додека Сенатот веќе одобри помош од 60 милијарди долари.

На 22 март руската армија го изврши најголемиот воздушен напад врз украинската енергетска инфраструктура од почетокот на инвазијата врз Украина, што почна пред две години. Според Зеленски, Русија минатата недела истрелала вкупно 190 проектили, испратила 140 беспилотни летала и фрлила 700 наведувани воздушни бомби на територијата на Украина. /МИА

Грчкиот Парламент не го изгласа предлогот на опозицијата за недоверба на Владата

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите. 

Предлогот за недоверба на грчката Влада доставен од четири опозициски партии, како што и се очекуваше, не го доби потребното парламентарно мнозинство, не беше изгласан од Парламентот и не создаде проблеми за владиното мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 300 пратеници во Парламентот, за да помине предлогот, потребно беше да биде изгласан со најмалку 151 глас, а на синоќешното гласање, поддршка доби од 141 пратеник кои гласаа „за“, додека пак останатите 159 беа против, од кои еден независен пратеник и целата пратеничката група на владејачката Нова демократија.

Пратеничките групи на ПАСОК, СИРИЗА, Нова левица и на Курс на слобода во вторникот доставија заеднички предлог за гласање недоверба на Владата, по иницијативата на лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис, поради новите информации за железничката несреќа во февруари минатата година кај Темпи, објавени од весникот „То вима“.

Како што соопшти претседателот на Парламентот Константинос Тасулас тридневната расправа траеше над 40 часа, а се обратија 163 говорници, меѓу кои пратеници, министри од Владата и сите лидери на партиите.

Текстот во весникот „То вима“ објавен во неделата за монтираните аудиозаписи за железничката несреќа кај Темпи на 28 февруари 2023 година во која загинаа 57 лица, кај опозициските партии во Грција предизвика низа реакции, кои кулминираа со доставување на предлогот за гласање недоверба на актуелната Влада.

Синоќа, додека сè уште беше во тек расправата во Парламентот државниот министер Ставрос Папаставру и заменик-министерот без ресор Јанис Братакос си поднесоа оставки, кои беа прифатени од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Владини извори за грчките медиуми коментирале дека „присуството на социјален собир испратило погрешна порака“.

Оставките на Папаставру и Братакос дојдоа откако дел од грчките медиуми објавија дека двајцата министри се сретнале со бизнисменот Вангелис Маринакис, кој меѓу другото е сопственик и на групацијата чиј дел е весникот „То вима“ што во неделата го објави текстот за монтираните аудиозаписи по железничката несреќа. /МИА

Најмалку 38 лица загинаа во израелските напади врз сирискиот град Алепо

Во синоќешните израелски напади врз северниот сириски град Алепо загинаа најмалку 38 лица, меѓу кои и борци од либанското шиитско движење Хезболах.

Претходно сириското Министерство за одбрана соопшти дека при израелските напади погодени се неколку области во и околу градот при што загинале одреден број цивили и војници.

По нападот на Хамас на 7 октомври, Израел ги засили нападите врз базите на проиранските групи на територијата на Сирија. Во некои операции мета беа и позициите на сириската воздушна одбрана и армијата.

Израел со години спроведува слични акции во Сирија, каде што влијанието на Техеран се зголеми откако Исламската Република почна да го поддржува претседателот Башар ал Асад во граѓанската војна што изби во 2011 година. Борците од групите сојузници на Иран, како што е Хезболах, сега се зацврстија на големи делови од источна, јужна и северозападна Сирија, како и во некои предградија на главниот град. /МИА

притисни ентер