Книгите се непроценливо богатство, и еден од најдобрите пријатели на луѓето. Начин преку кој љубителите на пишаниот збор за момент бегаат од реалноста и се нурнуваат во најдлабоките и најинспиративни приказни на литературниот свет.
Но, дали тоа богатство може да почне да ја губи својата вредност? Да, доколку тие книги се заборавени од држава која слави 33 години од својата независност и земја во која културата се третира како граѓанин од трет ред.
Ваков своевиден „геноцид“ на квалитетни дела се случува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Дел покриени со најлони, дел во кутии, а дел оставени без соодветна заштита. Квалитетни дела од книжевноста чекаат подобри времиња.
Врвни македонски дела, ѕвезди на светската книжевност и енциклопедии со одличен квалитет. Со години стојат тука, бидејќи државата не се грижела за нив
Станува збор за фантастична бројка од околу еден милион книги, кои биле проект на Министерството за култура и се печателе во периодот од 2008 до 2014 година.
Библиотеката долги години се користела како транзитен центар на ваквите книжевни дела. Меѓутоа, во 2016 година целиот процес, од неразјаснети причини бил стопиран.
А поради ваквата ситуација и преполните магацини со книги, кои досега требало да бидат однесени на сооветно место, трпи работењето и на самата библиотека, раскажува директорот на оваа установа.
Ваквата ситуација е срам за една држава, согласен е директорот Никчевски. Целта на книгата е да се движи низ рацете на читателите, а не да фаќа прашина во несоодветни услови, додава тој.
И додека квалитетни дела, меѓу кои и книги за деца фаќаат прашина во депоата на библиотеката, дел од училишните библиотеки кубурат со книги. Токму поради тоа, дистрибуцијата ќе мора да продолжи во најбрз можен рок, рече Никчевски. Поддршка за такво нешто добиле и од Министерството за култура, од каде најавиле дека за ваквиот проблем ќе се разговара и на седница на Влада.
А глетката од внатрешноста на библиотеката, се пресликува и во надворешниот дел. Уништени скали, неодржување на тревникот и хигиената. Директорот Никчевски вети дека сликата ќе се промени и дека просторот ќе се доведе во пристојна состојба.
Освен тоа, за следната година е најавено и реновирање на најкритичните делови во библиотеката, со цел таа повторно да го добие својот епитет – најзначајна книжевна установа во Македонија, која годинава слави осум децении од своето постоење.