Канал 5 дознава: Македонската полиција запленила дрога вредна 200 000 евра, има уапсени

Македонската полиција запленил дрига вредна 200 000 евра, уапсени десетина криминалци во Скопје. 

Во голема полициска акција синоќа на повеќе локации во Скопје се запленети 60 кг. марихуана, вредна околу 200 000 евра, а приведени се десетина криминалци и тоа од скопски Грчец, од Косово, како и од Албанија, дознаваме од извори на истрагата.

Засега нема официјално соопштение од МВР, но во текот на денот очекуваме детални информации од полициската акција.

Русите го гранатираа Херсон, три лица загинаа

Три лица загинаа денеска во руското гранатирање на Херсон на југот на Украина, соопштија регионалните власти, додавајќи дека во нападот биле оштетени болницата и училиштето во градот.

„Во денешното руско гранатирање имаме тројца загинати и шестмина повредени – двајца мажи и една жена“, соопштија властите.

Оштетени се голем број инфраструктурни објекти, меѓу кои регионална клиничка болница, училиште, автобуска станица, пошта, банка и станбени згради. Херсон беше под руска окупација од почетокот на инвазијата до ноември, кога се врати под контрола на украинските сили. Оттогаш е редовна цел на руските сили, чии позиции се наоѓаат од другата страна на реката Днепар.

Милков: Скопје има одговорност да ја осигура безбедноста на сите присутни на 4-ти февруари

Освен министерот за внатрешни Демерџиев, во Скопје ќе дојде и првиот бугарски разузнавач, Пламен Тончев, најави вечерва шефот на бугарската дипломатија Милков.

Во интервју за БТВ, тој ја повика Македонија да обезбеди мирно чествување на 4-ти февруари.

-Во Скопје заминуваат министерот за внатрешни Иван Демерџиев и директорот на ДАНС, Пламен Тончев, кои ќе зборуваат за практичните чекори кои треба да се преземат, пред се, за чествувањето на 4-ти февруари. Македонија има одговорност да ги организира тие чествувања, на начин, да бидат зачувани мирот и безбедноста на сите учесници, вели Милков.

- Ние би биле задоволни доколку тие ни дадат информации, кои ние ги немаме, а се однесуваат на поврзаност на бугарски политичари со тајни служби, додава тој.

Санкционирани 109 возачи на територијата на СВР Тетово

Санкционирани се 109 возачи на територијата на СВР Тетово при денешната акциска контрола, информираат од Министерството за внатрешни работи.

– Во периодот од 11 до 17 часот, Секторот за сообраќајни работи и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, спроведоа акциска контрола на територијата на СВР Тетово за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 109 возачи. Од нив, 22 за возење без возачка дозвола, 44 за непрописно вградени фолии – затемнети стакла, шест за истечена важност на регистрација и осум мерки кон возачи кои вршат јавен превоз на патници. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, се појаснува во соопштението на МВР.

Оттаму наведуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Во соопштението се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.

притисни ентер