Како до подобар животен стандард, кое е најдоброто решение за евроинтеграциите и чија програма е победничка- ова се дел од темите за кои лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Ковачевски и Мицкоски за првпат ќе ги судрат аргументите на ТВ дуел в среда во живо на Канал 5. Очекувањата на Ковачевски се дека неговиот политички опонент ќе одговори која е неговата стратегија за деблокада на преговорите, како едно од најголемите прашања кои останаа нерешени.
-Јас се радувам на овој ТВ дуел, бидејќи конечно ќе можеме да чуеме кој каков став има за најважните прашања за државата. Моите ставови веќе ги знаете, меѓутоа се надевам дека во среда ќе можеме да ги чуеме и ставовите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на интерацијата на државата во ЕУ, односите со соседите и за односите во државата виз-а-ви другите етнички заедници.- Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски очекува сериозна дебата за иднината на Македонија, со понуда за проекти и решенија за проблемите на граѓаните.
Очекувам на тој дуел да презентираме како ја гледаме Македонија во следните децении, барем јас така ќе бидам подготвен и така ќе настапам. Очекувам успешен дуел кој ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе даде одговор на многу прашања коишто досега немале можност граѓаните да ги слушнат. - Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ
ТВ соочувањето меѓу Ковачевски и Мицкоски ќе трае 2 часа, со еднаков простор за двајцата лидери. Досега дуели во студиото на Канал 5 меѓу лидерите на двете најголеми политички партии се одржуваа во три наврати, додека Зоран Заев беше претседател на СДСМ – во 2019, 2020та и последниот во септември 2021ва година, на еден месец пред локалните избори по кои тој си поднесе оставка од премиерската и партиската позиција.