Кадиров: Путин треба да размисли за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина

Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, рече дека Москва треба да размисли за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина по уште еден голем пораз на бојното поле.

Во пораката на Телеграм, зборувајќи за загубата на руското упориште Лиман во источна Украина, Кадиров напиша: „Според мое лично мислење, треба да се преземат подрастични мерки, до прогласување вонредна состојба во пограничните области и употреба на тактичко нуклеарно оружје“.

Најавата на Кадиров доаѓа еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин објави анексија на четири украински региони - вклучувајќи го и Доњецк, каде што се наоѓа Лиман. Путин рече дека Москва ќе ги брани регионите што ги окупира „со сета своја сила и сите средства што ги има“.

За потсетување, Русија денеска објави дека нејзините сили се повлекле од градот Лиман во источна Украина со цел да избегнат да бидат опколени од украинската армија. „Во врска со создавањето закана од опколување, сојузничките трупи се повлечени од населбата Красни Лиман на поповолни позиции“, соопшти Министерството за одбрана во Москва, користејќи го руското име на градот.

Украинското заземање на Лиман, кој со месеци служеше како логистички и транспортен центар за руските операции, означи голем пораз за Москва еден ден откако претседателот Владимир Путин објави анексија на четирите украински региони.

Малку порано украинската армија објави дека нејзини војници влегле во Лиман. „Украинските сили навлегуваат во Лиман во областа Доњецк“, објави украинското Министерство за одбрана на Твитер. Во едноминутното видео што ја придружува пораката, може да се видат двајца украински војници како мавтаат, а потоа го закачуваат сино-жолтото национално знаме до знакот Лиман на влезот во градот.

„Го развиваме нашето национално знаме и го поставуваме на сопствена територија. Лиман секогаш ќе биде дел од Украина“, рече еден од двајцата војници. Украинската армија пред тоа објави дека во тој град „опколила“ неколку илјади руски војници.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека пред да се повлечат од Лиман, руските сили за 24 часа убиле повеќе од 200 украински војници и уништиле 14 оклопни возила. „И покрај претрпените загуби, со значителна супериорност во сили и ресурси, непријателот донесе резерви и продолжи со офанзивата“, рече портпаролот.

Лиман е првиот град во Доњецк кој беше повторно заземен од украинската армија откако Русија вчера ја објави својата анексија.

Уапсени се 13 членови на „балканскиот картел“, шпанската полиција им влезе во бункерот (ВИДЕО)

Агенти на Националната полиција во Шпанија, во соработка со своите колеги од Србија, разбиле криминална организација со српско потекло во Барселона, која наводно се занимавала со меѓународен шверц на дрога.

По тој повод, како што јавија шпанските медиуми, откриени се пет плантажи со марихуана во кои се запленети повеќе од 37.000 растенија.

Во шест провинциски општини уапсени се 13 лица и извршени се шест претреси во кои се запленети 25 килограми пупки марихуана и 32.000 евра во кеш, пишува Блиц.

Насадите се наоѓале во населени места, далеку од урбаните центри, а најголемите ги сместиле во напуштен хостел, кој претходно го претвориле во бункер.

Како што се наведува понатаму, освен трговија со дрога, осомничените им доставувале и таканаречени растенија „бејби“ на продавачите во Барселона.

Истрагата започнала во јануари годинава како резултат на размена на информации меѓу српската и шпанската полиција за водачот на криминална група од српско потекло кои живееле во Шпанија и биле особено активни во трговијата со дрога со своите роднини од иста националност.

„Откако истражителите ги лоцирале и идентификувале сите членови на организацијата, откриле дека тие биле задолжени за управување со експлоатација на неколку насади со марихуана во различни делови на провинцијата Барселона. Организацијата била структурирана на пирамидален начин, со јасна распределба на функциите кои сите нејзини членови ги знаеле и ги извршувале координирано и подредено, со целосна дискреција во комуникацијата со цел да се гарантира нивната безбедност“, вели изворот за шпанскиот медиум. Покрај наведеното, полицијата конфискувала и три мобилни телефони и едно возило.

Ева Лонгрија среде улица ги соблече високите сандали и одеше боса (ВИДЕО)

Ева Лонгорија била на настанот на американското издание на магазинот Elle во Лос Анџелес.

Таа за оваа прилика облече долг сребрен фустан кој го истакна нејзиното деколте и потпетиците во иста боја.

Но, изгледа дека чевлите не ѝ биле баш удобни. Додека се шетала со пријателките по настанот, Ева застанала на сред улица и ги соблекла штиклите, а папараците го снимиле тој момент. Остатокот од патот продолжи боса.

Во оваа ситуација можеа да се препознаат голем број жени бидејќи секоја од нив барем еднаш одела дома боса по ноќно излегување.

Потсетуваме дека оваа есен почина актерот Тајлер Кристофер, поранешниот сопруг на Ева, а многумина ја осудија актерката. Имено, наместо посвета на Кристофер, успехот кој го постигна актерката го сподели во магазинот Тајм. Додека едни ѝ честитаа за успехот, други беа лути што таа не му посветила објава на нејзиниот починат поранешен сопруг.

„А што е со Тајлер?“, „Таа не коментираше, а тој беше толку прекрасен човек“, „Би требало барем да напишеш нешто за бившиот“, „Тој не се ни олади, а ти се фалиш“. „Мислам дека Ева и Тајлер не беа во најдобри односи, па можеби сака да ги задржи чувствата за себе“, се дел од коментарите.

Да потсетиме, Кристофер беше во брак со ѕвездата од серијата „Очајни домаќинки“ од 2002 до 2004 година.

Сите бегаат од поплавите, а еден човек има друг проблем- снимката е хит (ВИДЕО)

Циклонот Михаунг предизвика големи поплави во Индија, а следното видео е снимено во областа Ченаи.

Многу жители на главниот град Тамил Наду се во сериозни проблеми поради поплавите. Сепак, среде хаосот, поединци се обидоа да го извлечат најдоброто од најлошото.

На социјалните мрежи кружи снимка од маж кој лови риба во надојдената вода. Наводно сѐ било снимено во населбата Тарамани, пренесува Times Now News.

Човек во кабаница уловил голема риба, но тешко ја контролирал. Корисниците најмногу на шега коментираа на сцената.

„Кога ќе добиеш поплава, оди на риболов“, напиша една личност.

Имало и такви кои изразиле загриженост за подводниот свет и опасноста што ги снашла.

„Поплавите предизвикаа многу проблеми, но долгорочно придонесуваат за опстанок на одредени видови. Оваа ситуација им дава можност да мигрираат во различни зони и да одржуваат генетска разновидност“, напишал еден човек.

притисни ентер